Унгарија неочекувано потона подлабоко во рецесија доживувајќи ја нејзината најдолга економска контракција во последните 28 години, додека војната во Украина продолжи да го поткопува економскиот раст низ источното крило на Европската Унија. Впечаток е дека влијанието на руската инвазија ќе зема данок и годинава откако лани ја вивна инфлацијата и ги принуди централните банки да ги зголемат каматните стапки. Поради тоа, евидентирана е помала потрошувачка кај компаниите и домаќинствата, што ја задушува економската експанзија на повеќето економии од Балтикот до Црно Море. Кога е во прашање економскиот раст, во незавидна положба се наоѓаат и најразвиените земји во Европа, како Германија и Холандија.
Добро утро, ова се петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Цената на гасот повторно е ризик за економијата
Далеку е од нивоата од лани, но цената на гасот повторно ја бранува економијата. Најавите за штрајк во најголемиот производител во Австралија заедно со наближувањето на зимските месеци на северната хемисфера се доволни причини за загриженост. Минатата недела цената на гасот, веднаш по најавата за штрајк во австралиските фабрики кои се во сопственост на „Шеврон“ (Chevron Corp.) и „Вудсајд Енерџи“ (Woodside Energy Group Ltd.), скокна за триесетина проценти.
Складиштата во Европа во моментов се речиси 90 проценти пополнети, многу над просекот за овој период од годината, а индустриската побарувачка останува млака по минатогодишната криза на цените на енергијата. Сепак, секое големо нарушување во понудата може да ги зголеми цените, особено кога се приближуваат зимските месеци.
Израелци купуваат уште еден енергетски проект во Македонија
Инвеститори од Израел преку нивната унгарска компанија „Биг Енергиа Холдингс Кфт.“ ја купуваат македонската фирма „Дам Енерџи“, чија регистрирана приоритетна дејност е производство на електрична енергија, дознава „Блумберг Адрија“. „Биг Енергиа Холдингс Кфт.“ е во целосна сопственост на „Биг Мега Обновлива Енергија“ (БИГ), енергетско друштво кое е независен производител на енергија и работи во Израел, Романија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.
Ова друштво, пак, функционира како подружница на компаниите „Биг шопинг центерс“ и на „Мега“ кои котираат на берзата во Тел Авив. „Дам Енерџи“ се‘ уште е во фаза на развој на проектот за изградба и обезбедување на сите потребни лиценци на централа за производство на електрична енергија од соларни панели-фотоволтаици и се‘ уште нема започнато со производство на електрична енергија.
Недостиг од железо ја мачи македонската челична индустрија
Декарбонизацијата во индустријата за производство на челик ги остави челичарниците без доволно количество старо железо. Глобалната цел на челичарниците, конвенционалниот начин на производство на челик, кој се произведува со користење јаглен и железо да го заменат со производство на таканаречен зелен челик, кој се добива со користење водород како енергетско гориво ја зголемува употребата на старо железо. Дел од македонските челичарници веќе почнуваат да го чувствуваат недостигот од старо железо на пазарот.
„Се соочуваме со недостиг и потешкотии да се најде старо железо на традиционалните пазари од каде што купуваме. Токму ова ќе биде проблем, поточно во квалитетот на старото железо како основен репро материјал за нешето производство. Голем дел од челичарниците кои што работат со високи печки сакајќи да преминат кон зелен челик, ќе се префрлат кон електрични печки, а за овој тип неопходна е поголема употреба на старо железо.“, велат од „Макстил“.
„ФЦЛ амбиенте“ поведе арбитража против Македонија за „Дрисла“
Италијанската компанија „ФЦЛ амбиенте“ (FCL Ambiente) поднесе тужба до Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID) против Македонија за прекршување на договорот за управување со депонијата „Дрисла“. Овој случај датира од јануари 2013 година, кога Град Скопје по меѓународен тендер за јавно-приватно партнерство ѝ го додели договорот односно концесијата за управување со „Дрисла“ на италијанската компанија.
За таа цел, јавното претпријатие беше трансформирано во друштво со ограничена одговорност, во кое Италијанците имаа сопственост од 80 проценти, а преостанатите 20 проценти беа во сопственост на Град Скопје. Резултатите од тендерот поради сомнеж за нерегуларности ги оспорија конкурентните фирми-учеснички од Германија и од Австрија.
Тони Јосифовски ги купи сите акции на Сергеј Самсоненко во „Жито Полог“
Акционерот Сергеј Самсоненко продаде 11.119 обични акции со право на глас издадени од „Жито Полог“ АД Тетово и повеќе не поседува акции од компанијата, информираа од „Жито Полог“ преку Македонската берза. „Лицето Тони Јосифовски се стекна со 11.119 обични акции со право на глас издадени од „Жито Полог“ АД Тетово , што претставува 19,86 проценти од вкупниот број на издадени акции на друштвото“, соопшти компанијата.
Ова е трета поголема промена во сопственичката структура на „Жито Полог“ во изминативе неколку месеци. „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека на почетокот на јули годинава „АС Сењак“ продаде 3.112 обични акции со право на глас издадени од „Жито Полог“ и дека повеќе не поседува акции од компанијата.