Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, соопшти дека во текот на викендот казнети и затворени се повеќе ланци на големи маркети во Скопје (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел) и Струга поради непочитување на законите и Одуките на Владата. Ваквиот потег доаѓа откако изминатата седмица Владата одлучи да се намалат цените на основните прехранбени производи, како и да се забранат промоции и попусти. Добро утро! Ова се пет вести кои треба да ги знаете на почетокот од денот.
Нафтата најскапа во последната година - завршија ли ценовните шокови?
Минатата недела беше турбулентна за цената на нафтата. Просечната цена на брент изнесуваше 94 долари за барел. Во понеделникот пред полноќ по европско време барелот нафта надмина 95 долари. Над оваа сума се задржа до средината на денот, а највисоката цена стигна до 95,85 долари, потоа тргна надолу. Во однос на неделата претходно, просечната цена на нафтата се зголеми за над еден и пол долар по барел (во периодот од 11 до 15 септември просечната цена изнесуваше 92,44 долари).
Ваквите промени на цената придонесоа сè повеќе аналитичарите да му се приклучуваат на таканаречениот Нафтен клуб 100, кој прогнозира дека енергентот ќе надмине 100 долари за барел. Последни со ваква анализа излегоа аналитичарите на „Голдман Сакс“, кои ја зголемија својата 12-месечна прогноза за светскиот репер брент од 93 на 100 долари за барел.
Цирих меѓу најжешките пазари за недвижности во Европа
Цирих стана еден од најжешките пазари за домување во Европа, со цени кои ги надминуваат оние во Лондон и Париз и покажуваат како локалниот недостиг може да го надомести зголемувањето на каматните стапки.
Со побарувачката во швајцарскиот финансиски центар која е зголемена поради вработувањата од компании, вклучително и „Гугл“, становите во централната област на Цирих достигнуваат рекордни суми од над 18.000 евра по квадратен метар, што е двојно повеќе од Лондон, според податоците собрани од „Блумберг“.
ББА-анализа: Големите маркети живеат на грбот на доставувачите
Малопродажниот пазар на храна и пијалаци во земјите од регионот Адрија е предмет на новата анализа подготвена од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“. Во анализата, која е објавена на „Блумберг Адрија инсајт“, тие констатираат дека станува збор за концентриран пазар, со оглед на тоа што петте најголеми играчи имаат пазарен удел помеѓу 70 и 80 проценти.
„Пазарот е само малку пофрагментиран во Србија благодарение на наследеното постоење на голем број мали приватни компании. Понатаму, малопродажните пазари во регионот Адрија се мешавина од домашни и западноевропски трговци на мало. Групацијата ’Фортенова’ е единствениот играч присутен на четири пазари, каде што работи под брендовите ’Меркатор’, ’Идеа’ и ’Конзум’“, велат аналитичарите.
Русија станува најголемиот снабдувач на злато за Емиратите
Минатата година Русија стана главен снабдувач на злато на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) откако западните земји воведоа санкции за увозот на злато од земјата.
ОАЕ лани увезле 96,4 тони злато од Русија, повеќе од која било друга земја, според базата на податоци „Комтрејд“ (Comtrade) на Обединетите нации. Ова е приближно една третина од годишното производство на злато во Русија и 15 пати поголема количина на злато увезено во ОАЕ од Русија во споредба со претходната година.
Бард, ривалот на ЧетГПТ, ќе се користи во Џимејл и Јутјуб
„Гугл“ го откри својот следен чекор во трката за доминација во генеративната вештачка интелигенција: директно вградување на технологијата во многу од своите најпопуларни производи.
Дивизијата на компанијата „Алфабет“ (Alphabet) објави дека ќе го додаде четботот Бард (Bard) на своите услуги како што се Џимејл (Gmail), Мапс (Maps), Докс (Docs) и Јутјуб (YouTube). Бард првпат беше објавен во февруари и веќе заостанува зад ЧетГПТ (ChatGPT) на „Опен еј-ај“ (OpenAI). Сепак, директорите на „Гугл“, кои се соочуваат со регулатори ширум светот, рекоа дека нема да брзаат да ги пуштат услугите со вештачка интелигенција.