Астронаутите на НАСА стокмени во скафандери на италјанскиот бренд „Прада“ ќе слетаат на Месечината во 2025 година. Тоа ќе биде прво слетување на Месечината по 1972 година и нормално е дека нема да се штеди на стајлингот, особено што во екипажот за првпат ќе има и жена.
За разлика од НАСА, сите други штедат. Лани кога светот го погоди највисоката инфлација во последните 40 години се штедело на сѐ, а најмногу на храна.
Така било лани, сега пак не можат да штедат ни тие што купуваат дизел-автомобили затоа што биле поекономични. Од вчера дизелот е поскап од бензинот. Забраната за извоз на дизел од Русија е главниот двигател на цените на енергентот, а нафтата по 50-дневна трка нагоре, вчера конечно се стабилизира под 90 долари за барел.
Енергетската криза виси над Европа иако навидум сѐ е под контрола. Германија и зимава ќе произведува струја од јаглен за да ја задоволи побарувачката, а на штета на зелената агенда. Земјава главно си се потпира на струја од јаглен, затоа и ќе се врати евтината тарифа од декември.
И покрај нееколошкото производство на струја, пари за зелени проекти ќе има. Државата ја издаде првата зелена обврзница за која инвеститорите покажаа голем интерес, трипати поголем од понудата. Освен пари за енергетски проекти, овој финансиски инструмент се очекува да донесе и повисоки камати за штедење.
А како уште може да се дојде до повисоки камати за депозитите и како ќе им оди на банките во следната година откако годинава рекордно заработуваа, можете да прочитате во деталната регионална анализа на нашиот аналитички тим објавена во понеделникот.
И да се вратиме на почетокот, на стилот. Италијанките се вљубија во македонски чанти изработени рачно. Се занимаваме и со луксузот. Претходните два дена во Црна Гора, во организација на „Блумберг Адрија“, се организираше конференција на темата луксуз. Голем број експерти од светот на луксузот дадоа свој поглед на иднината на индустријата во која се вртат милијарди.