Дали високиот коефициент на интелигенција гарантира успешна кариера, влезница во управите на компании или на чело на владејачки партии? Дали коефициентот на интелигенција е пресуден при изборот на кандидатите за работа? Дали е навистина толку голем проблем што технологијата станува попаметна, а луѓето, според научните наоди, потенцијално го достигнаа врвот на колективната интелигенција?
Се чини дека одговорот на сите овие прашања е негативен.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонската и регионалните берзи ја сонуваат 2007-та
На прсти можат да се избројат странските правни и физички лица што активно тргуваат на Македонската берза, а слична е состојбата и на берзите во Белград, Загреб и во другите центри во регионот. Изминаа петнаесетина години од големата финансиска криза во 2007 година, пред која „жешките пари“ од странските инвеститори ги зовриваа индексите и на нашата и на регионалните берзи.
Се чини дека оттогаш има континуиран одлив на странскиот капитал од пазарите во регионот и, освен ретките исклучоци, има постојано намалување на интересот за инвестирање во акциите од компаниите од овие простори.
НЛБ Фонд го купува македонскиот „Генерали инвестментс“
Словенечкото друштво за управување со недвижности НЛБ Фонд (NLB Skladi) потпиша договор со компанијата „Генерали инвестментс“ (Generali Investments) од Љубљана и три физички лица за купување на 100 процентен удел во македонското друштво за управување „Генерали инвестментс А.Д. Скопје“, соопштија oд НЛБ Фондот во соопштение на нивната веб-страница.
Договорот е потпишан на 10 ноември, а завршувањето на трансакцијата е условено со исполнување на „одредени одложени услови“. Не е наведено какви се тие услови. Обично, купувањето мора да биде одобрено од државните регулатори.
Стопанството критикува: непродуктивни трошоци во буџетот за 2024-та
Буџетот за 2024 година нема да обезбеди економски раст на нивото на проекциите на Владата, а некои од клучните проблеми, меѓу другото, се непродуктивните трошоци, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на стопански комори.
Тој посочува дека кабастата јавна администрација и државните загубари со години се товар за државната каса.
„Повторно се оди во една димензија на зголемување на буџетот, како што се случува секоја година, и повторно тие финансии одат во непродуктивни трошоци. Суштински проблем во нашата држава практично е администрацијата. Имаме голема превработеност во администрацијата и доколку направиме споредба со некои држави што се слични по географски обем и број на жители како нас, еве на пример Словенија, таму има 80.000-90.000 вработени, кај нас има 160.000 вработени во државната администрација, што претставува огромен товар за буџетот“, посочува Ѓорѓиевски.
Доцнење на проектот на „Бехтел и Енка“ ќе значи ризик за растот и за дефицитот
Растот умерено ќе забрза, инфлацијата и натаму ќе забавува, платите и дознаките ќе го зголемат расположливиот приход, а дополнителен поттик на економијата ќе даде новиот инфраструктурен проект за изградба на автопатиштата по коридорите 8 и 10д, пишува во есенската прогноза за Македонија што вчера ја објави Европската комисија.
„Се очекува фискалниот дефицит да остане висок со оглед на новите преземени обврски, како и високите трошоци за задолжување, а тоа ќе го спречи намалувањето на јавниот долг од високото ниво што го достигна по пандемијата“, се наведува во прогнозата за земјава.
Кина тврди дека ја има најбрзата интернет мрежа во светот
„Хуавеј“ (Huawei Technologies) и „Чајна мобајл“ (China Mobile) изградија интернет мрежа од 3.000 километри што го поврзува Пекинг со југот, при што властите ја промовираат како најнов технолошки пробив.
Двете компании се здружија со Универзитетот Џингхуа и истражувачите од „Цернет“ (Cernet.com) за да ја создадат, како што тврдат, првата интернет мрежа во светот која постигнува стабилна и сигурна брзина од 1,2 терабити во секунда, неколку пати поголема од вообичаените брзини низ целиот свет. Тестирањето започна на 31 јули и оттогаш помина различни фази кои потврдуваат дека целта е постигната, соопшти универзитетот.