Заканите од долготрајната инфлација ќе ја спречат Европската централна банка да ги намали каматните стапки оваа година – дури и ако веќе не може да се исклучи рецесијата, изјави членот на Управниот совет Роберт Холцман. Тој додаде дека во исто време, геополитичките конфликти – како оној на Блискиот Исток – се ризик за нарушување на синџирите на снабдување и енергетските пазари, задржувајќи го притисокот врз цените што ЕЦБ не може да го игнорира.
Добро утро, подолу петте вести што го издвоивме за почеток на денот.
Еврозоната може да ни завидува на жените во монетарната власт
Земјите од Западен Балкан може да бидат горди бидејќи се подобри од државите од еврозоната кога станува збор за родовата еднаквост кај лидерските позиции во монетарната власт. По неодамнешните назначувања на Јасмина Селимовиќ за гувернерка на централната банка на Босна и Херцеговина и на Ирена Радовановиќ за гувернерка на централната банка на Црна Гора, овие две земји им се придружија на Македонија и на Србија, каде што на гувернерските позиции се исто така жени (Анита Ангеловска-Бежоска и Јоргованка Табаковиќ).
Од друга страна, иако на чело на Европската централна банка е Кристин Лагард, монетарната власт во сите земји-членки на еврозоната ја водат мажи. Сепак, позитивните трендови кај родовата еднаквост во финансискиот свет не се застапени на посакуваното ниво во преостанатите сектори на дејност и воопшто во македонското општество.
Исплатата на прекувремената работа табу-тема во текстилната и градежната индустрија
Дали состојбата се подобрува или македонските работници тешко се охрабруваат да пријават неисплатена прекувремена работа? Во текот на 2023 година до Државниот инспекторат за труд (ДИТ) пристигнале само осум претставки од вработени што работеле прекувремено а не им биле исплатени изработените часови.„Бројот на претставки по оваа основа е намален во однос на претходните години, имајќи ја предвид моменталната состојба на пазарот на трудот, односно зголемената понуда и побарувачка на работна сила“, велат од ДИТ за „Блумберг Адрија“.
Ни контролите на инспекторатот не покажуваат поинаква слика. Имено, од повеќе од десет илјади спроведени редовни и вонредни надзори во текот на минатата година, инспекторатот утврдил неправилности само кај 26 работодавци.
Германија за влакно избегна рецесија
Според прелиминарните податоци на германската статистика објавени вчера, во последното тримесечје од 2023 година (октомври-декември) БДП се намалил за 0,3 отсто, но тоа не значи дека економијата во земјата е во минус два квартала по ред затоа што се ревидирани податоците за третиот квартал од минатата година.
Имено, претходните податоци покажаа дека германската економија во периодот од јули до септември забележала пад од 0,1 отсто, но сегашната ревизија покажува дека БДП во тој период стагнирал, изнесувал 0 отсто. Сепак, тоа беше тешка година за земјата: во текот на сите 12 месеци производството се намали за 0,3 отсто – што е прв пад од пандемијата. Тоа е сосема спротивно од нејзините конкуренти низ светот и отвора многу прашања за иднината на земјата како индустриска велесила.
Стопанственици апелираат изборите да не ја кочат економијата
Претстојните избори ќе ја блокираат домашната економска активност најмалку пет месеци, а оние малку пари што доаѓаа од државниот буџет кон стопанството, ќе бидат ставени под знак прашање бидејќи фондовите ќе бидат практично нефункционални барем до јуни 2024, предупредија денес од Стопанската комора на Северна Македонија.
Оттаму укажуват дека притоа, најзагрозени ќе бидат микро, малите и средните претпријатија (ММСП). „Кај нив ваквата ситуација се одразува драматично. Тие вработуваат многу луѓе, од нив зависат многу судбини, треба да поделат плата. Не можат да издржат блокади од 100 дена, плус избори, плус формирање влада и плус почеток на нејзино функционирање. Тоа би значело повеќе од пола година нефункционална држава“, велат од комората.
Со пад на цените се оживува побарувачката за дијаманти
Компанијата „Де Бирс“ (De Beers) направи големи намалувања на цените на дијамантите во обид најголемиот светски производител да ја оживее продажбата на скапоцени камења откако пазарот запре минатата година. Индустријата за малку дојде до целосен застој во втората половина на 2023 година, бидејќи двата најголеми рудници ги прекинаа испораките во очајнички обид да го запрат колапсот на цените. Иако тие напори му помогнаа на пазарот малку да се засили, не е јасно колкав апетит имаат трговците за купување во моментов.
За да ја подобри побарувачката,„Де Бирс“ ги намали цените за околу 10 проценти на првата продажба оваа година - традиционално една од најголемите - според луѓе запознаени со ова прашање. Монополот направи поголеми резови за некои поголеми камења, при што една категорија е намалена за околу 25 проценти.