Поради несолвентност на компанијата мајка oд Германија се запира извршувањето на Договорот за доделување државна помош со компанијата „е.ГО“, која требаше да гради фабрика за електрични возила во технолошката индустриска зона во Тетово.
Дирекцијата за ТИРЗ ги активира заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделувањето државна помош.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Што ќе им донесе на акционерите принудниот откуп на акции по фер цена
Истиснувањето на малцинските акционери или „правото на излез“ по фер цена сè уште чека да помине низ собранискиот филтер. Измените на Законот за трговски друштва се готови од 2022 година, а досега поминаа само прво читање во матичната комисија за економски прашања во Собранието.
Оваа област, принудното купување и продавање акции, со децении останува нерегулирана иако е основна компонента на секој финансиски пазар. Таа ги опфаќа компаниите со доминантна и концентрирана сопственичка структура, во кои еден мнозински акционер поседува над 95 отсто од акциите со право на глас независно од начинот на кој ги има стекнато.
Предлагачот на законот, Министерството за економија, смета дека регулацијата е неопходна затоа што кај одредени акционерски друштва токму поради ваквата сопственичка структура постои ниска ликвидност на акциите на берзата, како и мало учество на акциите во посед на јавноста.
Завршена браната „Конско“ - најголем капитален проект во последните 50 години
Модерно наводнување на најмалку 6.500 хектари во текот на целата година, зголемување на обработливите површини за пет пати, помали трошоци и поконкурентно производство ќе овозможи браната „Конско“, чија изградба и официјално е завршена. Овој капитален проект, како што беше речено на промотивниот настан, е најголем во државава во последните 50 години, а се реализира со инвестиција вредна над 40 милиони евра, обезбедена директно од буџетот на Министерството за земјоделство (МЗШВ).
Новата вештачка акумулација е изградена со користење најсовремени технолошки методи, по светски стандарди. Водата од акумулациското езеро, освен за наводнување, ќе се користи и за производство на електрична енергија.
Акумулацијата ќе овозможи и развој на руралниот туризам, спортски и рекреативен риболов, но ќе добие и нова, дополнителна вредност со предвиденото поставување пловечки фотоволтаици.
Стартапите за вештачка интелигенција привлечен плен за технолошките гиганти
Повеќето од новите играчи на пазарот на вештачка интелигенција во текот на следните години веројатно или ќе пропаднат или ќе бидат купени од големите играчи. Како што се зголемуваат трошоците за водење бизнис, полето на вештачката интелигенција ќе биде доминиранo од „Гугл“ (Google) и „Мајкрософт“ (Microsoft), иако најдобро би било да го избегнеме тоа сценарио.
Целта на Сем Алтман да собере околу седум трилиони долари за изработка на чипови за вештачка интелигенција (ВИ) ги надминува неговите речиси луди амбиции. Прво, инфраструктурата потребна за создавање вештачка интелигенција стана исклучително скапа. Второ, поголемиот дел од таа вредност сè уште - сè уште! - им припаѓа на неколку големи технолошки компании, а олигополот само ќе се влошува.
Бизнис-титани и злоупотреба на дрога
На почетокот на годината кружеше вест дека технолошкиот гуру Илон Маск злоупотребува дрога. Тој исто така отворено зборуваше за тоа. Колку е голема злоупотребата на дрога меѓу бизнис-лидерите?
Секој што гледал филмови како „Волкот од Волстрит“ веќе има јасна претстава за вишокот и луксузот кон кој се стремат супербогатите. Нема да кажеме дека сликата е лажна, бидејќи таа слика е реална дури и кога ќе ѝ се одземе целата помпезност. Злоупотребата на дрога од страна на извршните директори е сеприсутна, но често е вешто скриен предизвик вгнезден во корпоративниот пејзаж.
Се очекува до мај да бидат одобрени етереум ЕТФ во САД
Дискусијата за можното одобрување фондови со кои се тргува на берза (англ. еxchange-traded fund - ETF) што директно инвестираат во етер се интензивира во последните месеци, особено по успешното лансирање на спот биткоин ЕТФ. Многу инвеститори нестрпливо чекаат зелено светло за спот етереум ЕТФ и шпекулациите на оваа тема се во центарот на оптимистичките дискусии во криптозаедницата.
Некои од најголемите играчи во финансиската индустрија, вклучувајќи ги „Блекрок“ (BlackRock), „Фиделити“ (Fidelity), „Грејскејл“ (Grayscale), „Ванек“ (VanEck), „Арк“ (Ark), „21 шерс“ (21Shares), „Инвеско“ (Invesco), „Галакси“ (Galaxy), „Хашедекс“ (Hashdex) и „Френклин Темплтон“ (Franklin Templeton), поднесоа барања за лансирање такви фондови.