Уривањето на мостот во вторникот го затвори пристаништето Балтимор и голем автопат околу градот, а тоа ќе предизвика неколку неделни или месечни прекини на транспортот во средноатлантскиот регион и ќе го забрза префрлањето на товарот кон западниот брег на САД, бидејќи увозниците и извозниците се обидуваат да избегнат потенцијални тесни грла во трговските премини од Бостон до Мајами.
Компаниите и потрошувачите може да се соочат со повторување на една од големите лекции за синџирот на снабдување од времето на ковид-пандемијата: дека ненадејното зголемување од 10 или 20 отсто на волуменот низ пристаништата „е доволно да предизвика огромни заостанувања, метеж, бродови кои чекаат на море и доцнења“, вели Рајан Петерсен, основач и главен извршен директор на „Флекспорт“ (Flexport Inc.), дигитална платформа за транспорт со седиште во Сан Франциско.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Колку се подготвени македонските директори за вештачка интелигенција?
Резултатите од 27-то истражување за извршни директори што го спроведува „Прајсвотерхаускуперс“ (PricewaterhouseCoopers – PwC) покажуваат дека извршните директори очекуваат оти во следните три години значително ќе се зголеми притисокот од фактори што влијаат врз промена на нивните бизнис-модели.
„Ова е само уште еден знак дека потребата од трансформација на бизнисите расте. Извршните директори треба да ги земат предвид желбите и потребите не само на потрошувачите туку и на сите заинтересирани страни, како доставувачи, бизнис-партнери, инвеститори, регулатори, и општеството во целина“, укажуваат од ПВЦ.
Во истражувањето се констатира дека климатските промени и генеративната вештачка интелигенција имаат зголемено влијание на цели индустрии. Извршните директори и нивните водечки тимови се под притисок поголем од кога било да донесуваат брзи одлуки што ќе придонесат за трансформирање на бизнис-моделите и ќе ја обезбедат иднината на компанијата.
Како до повеќе жени на менаџерските позиции?
Се издига свеста за потребата од родова еднаквост во бизнисот, вели Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза, во интервју за „Блумберг Адрија“. Тој додава дека прашањето за родова еднаквост во управувањето, надзорот и раководењето на компаниите во глобални рамки станува сè поактуелно и позначајно.
„Од сите активности на Македонската берза секако дека има ефекти. Самата дискусија на оваа тема е доказ за тоа. Македонската берза донесе кодекс за корпоративно управување и има препорака сите котирани компании до крајот на 2025 година да имаат до 30 отсто жени од вкупниот број на директори во одборите“, вели Штериев.
Ако ги споредиме нашата сегашна состојба и идниот стремеж со ЕУ-податоците, може да се заклучи дека македонскиот просек не е толку лош, но дека има простор за напредок, додава тој.
Екологистите се противат на изградбата на гасниот интерконектор
Македонската невладина организација „Екосвест“, заедно со „Бенквач нетворк“ (CEE Bankwatch Network), бара од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) да ја преиспита намерата за одобрување кредит на Македонија за изградба на интерконекторот за гас меѓу земјава и Грција.
Екологистите велат дека за главното влијание врз животната средина - емисиите на стакленички гасови од согорувањето на гасот што се транспортира - нема оценка во проектот за оцена на влијанието врз животната средина. Тие тврдат дека немало ни задолжителен период на јавна консултација пред властите во земјава да ја одобрат еколошката процена.
„Повеќето од граѓаните во Македонија немаат поим за овој проект, бидејќи немаше јавна дискусија. Но, наместо да инсистира на значајна јавна консултација, ЕБОР ги затвори очите. Европската банка мора да инсистира на стандардите на ЕУ - кои и онака се задолжителни за земја кандидат како нашата“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Екосвест“.
Какаото поскапо од бакарот
Цената на какаото се искачи блиску до неверојатни 10.000 долари за тон во Њујорк, бидејќи глобалниот недостиг од оваа суровина го тресе пазарот и ја зголемува цената на чоколадото.
Фјучерсите за какао годинава се зголемија повеќе од двојно, до рекордни нивоа. Лошите посеви кај клучните одгледувачи во Западна Африка го насочија снабдувањето со какао кон трет годишен дефицит. Пазарот се бори со проблемот со лоши приноси, поради што производителите на чоколадо се загрижени дали ќе можат да добијат доволно зрна.
Лоша вест за потрошувачите е ако производителите на чоколадо продолжат да ги префрлаат повисоките трошоци на крајната цена или да продаваат табли што се помали и имаат помалку чоколадо во нив.
Вeштачката интелигенција помага да изберете што ќе носите за две години
Улогата на технологијата сѐ повеќе ги менува предвидувањата за модните трендови. Распространетоста на е-трговијата значи дека потрошувачите денес им се помалку лојални на брендовите и помалку се подготвени да прават компромиси за она што го сакаат.
За да се носат со ова, сѐ повеќе компании се вртат кон вештачката интелигенција. Истражување во модната индустрија од компанијата „Мекинзи“ (McKinsey & Co.) открило дека 73 отсто од модните директори изјавиле дека генеративната вештачка интелигенција ќе биде приоритет за нивниот бизнис следната година.
Вештачката интелигенција, исто како и нејзините човечки колеги, ги предвидува трендовите со извлекување податоци од социјалните мрежи, оценување на изгледот на модните писти, анализирање на податоците од пребарувањата и генерирање слики. „Предизвикот е да се протолкува анализата, да се извлечат заклучоци и потоа да се биде во можност за извршување“, вели Ахим Берг, постар партнер и глобален експерт за модната и индустријата на луксуз во „Мекинзи“.