Регионалната кошаркарска лига што некогаш се сметаше за „постјугословенски проект“ денес повеќе личи на пазарен производ отколку на спортски сојуз.
Со приклучувањето на клубови од Дубаи, Виена и Клуж, сезоната 2025/2026 ја претвора АБА-лигата во пример за нов модел на натпреварување – каде што географијата има само симболична вредност, а главен критериум станува пазарниот потенцијал.
Слична насока веќе неколку години следат и други спортови. Европскиот фудбал се движи кон затворени системи преку иницијативи како Суперлигата, додека Евролигата и Обединетото рагби-првенство веќе функционираат како транснационални брендови со ограничен број учесници. Мотивот е ист – финансиска стабилност, контрола на содржината и остварување приходи од глобалната публика.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонската метална индустрија под силен притисок
Македонската индустрија покажува сериозна нестабилност во текот на целата година. Во септември, според последните статистички податоци остварила раст од само 1,4 отсто, но во изминатите месеци имаше и бројки кои беа во длабок минус. Состојбата е иста и во преработувачката индустрија која учествува со 80 отсто во вкупното индустриско производство.
Носител на падот во индустријата во земјава во септември беше металната индустрија. Производството на метали и фабрикувани метални производи во септември забележаа пад од 20 и над 30 отсто, соодветно.
Во овие сектори состојбата е сериозна веќе втора година по ред, а причините за тоа се бројни, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ претседателот на Здружението на металната и електроиндустријата при Стопанската комора на Македонија, Горан Антевски.
Со среќа втора година Трамп 2.0
Да можеа да зборуваат американскиот долар и златото веројатно веќе ќе беа во кавга околу економските политики на Доналд Трамп во првата година од неговиот втор мандат како претседател на САД. Тие се главна причина што во изминатиов период скапоцениот метал сјае како никогаш досега, а главната светска валута ја губи вредноста.
Годината што измина беше полна со нестабилност пред се поради обидот на Трамп да ги реструктуира глобалните трговски текови во корист на САД и преку новите царински давачки да изврши притисок врз трговските партнери. Агресивните политики на меѓународен план и притисоците врз Фед доведоа до недоверба во доларот и вртење кон златото како засолниште, но и значителни промени на вредноста на биткоинот.
Како што објави „Блумберг“, најважно е што трговската војна сè уште не предизвикала сериозни последици, иако царините со мали приспособувања остануваат на сила. Всушност, поголемиот дел од светот побрза да се договори со Трамп, наместо да влезе во трговска војна.
„Енвидија“ - од фијаско до највешт играч во вештачката интелигенција
„Енвидија“ (Nvidia) денес е синоним за технолошка сила во сферата на графичките процесори (GPU) и вештачката интелигенција (ВИ), но нејзиниот почеток беше турбулентен и релативно скромен. Три инженери ја основаа компанијата во 1993 година во ресторан за брза храна во Калифорнија – Џенсен Хуанг, по потекло од Тајван, кој веќе работел како директор во компанија за производство на чипови, и американските инженери Крис Малачовски и Кертис Прajм. Тие вложиле вкупно 40.000 долари, што денес би изнесувало околу 90.000 долари.
Меѓутоа, на крајот на 1990-тите години компанијата била на работ на пропаст – чипот што го развивала за „Сега“ не ги исполнил очекувањата, а масовните откази и финансиската несигурност го загрозувале нејзиниот опстанок. Во тој момент Хуанг, денешниот извршен директор, донел одлука што ќе ја одреди судбината на првата компанија во светот вредна пет билиони долари.
Во последните години, освен технолошката, се изразува и геополитичката важност на „Енвидија“. Нејзините напредни чипови за ВИ не се само технологија – тие се стратешки инструмент во глобалната игра на моќ. САД ги користат производите на „Енвидија“ како клучна алатка во технолошката доминација, особено во однос на Кина, каде што расте притисокот за контрола на напредни технологии.
Ворен Бафет тивко се повлекува
Ворен Бафет, милијардерот што претвори стара текстилна фабрика во конгломерат вреден над билион долари, соопшти дека ќе престане да пишува годишни писма и да присуствува на состаноците на својата компанија, „Беркшир Хатавеј“ (Berkshire Hathaway), поради заминувањето во пензија. Бафет, кој во моментов има 95 години, ќе ја напушти својата позиција на извршен директор на крајот од годинава, а за негов наследник е именуван долгогодишниот заменик Грег Ејбл.
Во писмо во кое објави дека ќе насочи повеќе од 1,3 милијарда долари кон четири семејни фондации, Бафет, познат како Пророкот од Омаха, ја истакна својата желба да се фокусира повеќе на хуманитарни активности во последната фаза од животот. Иако се чувствува добро, тој вели дека ќе ја забрза динамиката на донирање за да ги поддржи своите деца и нивните фондации.
„Претходно моето целокупно богатство беше насочено кон компанијата, но сега ќе ги забрзам донациите до моите деца и нивните фондации додека сè уште сум жив“, напиша Бафет.
Неочекуван потег на „Софтбанк“ - ги продаде сите свои акции во „Енвидија“
„Софтбанк“ (SoftBank Group Corp.) ги продаде сите акции што ги поседуваше во „Енвидија“ (Nvidia), инкасирајќи 5,8 милијарди долари пред новиот бран планирани вложувања на основачот Масајоши Сон, насочени кон создавање сопствена мрежа на компании што ќе го поддржуваат развојот на вештачката интелигенција.
Компанијата со седиште во Токио ја зголеми својата инвестиција во „Енвидија“ на околу 3 милијарди долари до крајот на март. Таа инвестиција, заедно со добивките од инвестициската единица „Вижн фонд“ (Vision Fund), ѝ помогна на „Софтбанк“ да прикаже нето-добивка од 2,5 билиони јени (16,2 милијарди долари) во вториот фискален квартал – далеку над просечната процена на аналитичарите од 418,2 милијарди јени.
Во вторникот, компанијата исто така најави поделба на акциите во сооднос 4 спрема 1, што ќе стапи во сила на 1 јануари. Компанијата на Сон сега располага со портфолио во кое се наоѓаат некои од најпосакуваните имиња во областа на ВИ: „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Оракл“ (Oracle Corp).