Царинските политики на Трамп остануваат во фокусот. Вчера тој наметна царини од 50 отсто на индиските производи за да ја казни земјата поради тоа што купува руска нафта. Со тоа ја наруши децениската заложба на Вашингтон за поблиски односи со Њу Делхи. Европската Унија пак, брза до крајот на неделата да донесе закон за укинување на сите царини на американските индустриски производи, барање што го постави претседателот Доналд Трамп пред САД да ги намалат своите давачки за извозот на автомобили од ЕУ.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот
Втор обид на Загрепската берза да се наметне како регионален лидер – шанса и за Македонската берза
Амбициозниот проект за интегрирање на регионалните берзи би требало да го претвори Загреб во сериозен финансиски центар, доколку се реализираат плановите на министерот за финансии Марко Приморац и неговите колеги од седум други земји.
Да потсетиме дека Загрепската берза (ЗБ), како сопственик на Љубљанската и Македонската берза (во Македонската берза со 30 отсто од капиталот), во првиот обид за обединување на регионот неславно потфрли. Ова е, меѓу другото, една од причините зошто државата, преку Финансиската агенција - ФИНА, тргна во „национализација“ на ЗБ и сега се впушта во потфат „интеграција на стероиди“.
Македонскиот пазар не е зрел за ИПО – немаше интерес за акциите на „Глеј“
Финансискиот пазар во Македонија не е подготвен за ИПО - иницијални јавни понуди на акции (од англиски: Initial public offering - IPO), а примерот на стриминг-платформата „Глеј“ го потврдува тоа, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ Дарко Перушески, извршниот директор на компанијата „Свод мастер“, која управува со платформата.
Во 60-те дена, колку што траеше тргувањето со обичните акции, беа истргувани 6.672 акции во 60 трансакции по цена од 600 денари по акција. „Свод мастер“ собра вкупно 4.003.200 денари или околу 65.000 евра.
Зошто „Епл“ сè уште не ја совлада вештачката интелигенција?
Во 2018 година се чинеше дека „Епл“ конечно е на вистинскиот пат кога станува збор за вештачката интелигенција (ВИ). Таа година Крег Федериги, главниот софтверски инженер на „Епл“, ги собра своите постари вработени и најави сензационално дополнување на тимот: компанијата штотуку го донесе Џон Џанандреа од „Гугл“ да биде шеф на тимот за вештачка интелигенција.
Џејџи (англ. JG), како што е познат во индустријата, ги водеше тимовите за пребарување и вештачка интелигенција на „Гугл“. Под негово водство тимовите имплементираа напредни технологии за ВИ во нивните услуги за фотографии, превод и е-пошта (Photos, Translate, Gmail). Благодарение на тоа, како и на аквизицијата на британската визионерска компанија „Дипмајнд“ (DeepMind) во 2014 година, „Гугл“ стекна репутација на лидер во вештачката интелигенција.
„Рајнметал“ ја отвора најголемата фабрика за артилериска муниција во Европа
По мало одложување, „Рајнметал“ (Rheinmetall AG) ја отвора најголемата фабрика за муниција во Европа бидејќи дискусиите за безбедносните гаранции за Украина се засилуваат, а Германија се подготвува за масовно проширување на својата војска.
Главниот извршен директор Армин Папергер, германскиот министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл, министерот за одбрана Борис Писториус и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, треба денеска да присуствуваат на официјалното отворање на фабриката во Унтерлис, во близината на Хановер.
Нови уникатни маици во чест на Новак Ѓоковиќ
Во пресрет на САД опен, францускиот бренд „Лакост“ (Lacoste) лансираше ексклузивна колекција во чест на својот долгогодишен амбасадор, тенисерот Новак Ѓоковиќ. Култното лого со крокодилот беше заменето со јарец, како референца на терминот GOAT (Greatest Of All Time – најдобар на сите времиња).
Со тоа „Лакост“ му оддаде почит на српскиот спортист, кој ги урна речиси сите рекорди, стекнувајќи статус на најголем тенисер во историјата.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...