Растот на цената на златото на над 4.000 долари за унца е уште еден чекор напред во тригодишниот биковски тренд кој им пркосеше на тврдокорните скептици и на неуспешните аналитички модели кои со децении сигурно ги предвидуваа ценовните осцилации.
Откако инвеститорите и централните банкари избегнуваа да вложуваат во злато поголемиот дел од овој век, првиот пресврт во корист на благородниот метал започна во паниката на пандемијата на ковид, кога ја проби цената од 2.000 долари за унца. Растот доби нов импулс по инвазијата на Русија врз Украина, при што централните банки и кинеските инвеститори остварија пораст од 27 отсто во 2024 година, пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа да помогне златото триумфално да ја надмине границата од 3.000 долари во март. И... Останува да им се честита на тие кои вложија.
Александра Томиќ ви ги претставува најважните вести за ова утро.
Златото има поголем принос од акциите
Растот на цената на златото доби уште поголема динамика, бидејќи инвеститорите бараат заштита од можни пазарни шокови поради застојот во финансирањето на федералната влада во Вашингтон. Почетокот на циклусот на монетарно олабавување од страна на Федералните резерви исто така претставува поттик за златото, кое не носи камата. Како резултат на тоа, инвеститорите масовно вложуваат во фондови што се тргуваат на берза (ЕТФ), а златните ЕТФ-ови во септември забележале најголем месечен прилив во последните три години.
GOLDS:COM
GOLD SPOT $/OZ
4.042,99 USD
+58,145 +1,46%
почетна цена
3.984,83
претходна цена на затворање
3.984,845
промена од почетокот на годината
54,441226900362%
дневен опсег
3.982,99 - 4.059,31
опсег на 52 недели
2.536,92 - 4.059,31
Инвестираат и Македонците
Изминатиов период расте интересот за инвестиции во злато и во сребро и кај Македонците. Разговаравме со Коста Ивановски, CFA, Директор на Дирекцијата Трежери од УНИБанка, првата и засега единствена банка на домашниот пазар што увезува и нуди за продажба инвестициско злато и сребро, околу самата понуда и зошто благородните метали се добра инвестиција.
„Со оглед на зголемената светска геополитичка нестабилност и инфлацијата, која многу држави сѐ уште не може да ја стават под контрола се очекува стабилна побарувачка за златото и останатите благородни метали и во следниот период. Целта на инвеститорите и кај нас и во светот е идентична – бараат стабилни, сигурни и долгорочни инвестиции кои нудат заштита и потенцијал за принос, а златото како класа на инвестициски инструменти се издвојува не само поради својата отпорност во време на кризи, туку и затоа што претставува лесно преносливо и брзо ликвидно средство, што во неизвесни времиња станува особено значајна предност, вели Ивановски.
А Трамп ги позлатува и акциите
Секако акциите остануваат со висока атрактивност и им носат високи приноси на паметните вложувачи. Дали Доналд Трамп е еден од нив? Сентиментот на секој од нас по ова прашање може да биде субјективен, но ако се анализираат акциите во кои вложува тој, одговорот несомнено е позитивен. Или можеби таа врева околу американскиот претседател создава и реална заинтересираност кај другите инвеститори? Ама, факт е дека сè што ќе посака Трамп, тоа успева на пазарот на капитал. Така, акциите на пет компании во кои американската администрација купи удел оваа година скокнаа, а најголем пораст од објавувањето на преземањето до денес е забележан кај акциите на компанијата „МП Материјалс“ (MP Materials) - производител на ретки, критични суровини. Видете како се поместија и другите акции кои ги пикираше.
Македонските банки со вложувања во вештачка интелигенција
На домашен терен... Речиси половина од македонските банки (46 проценти) во наредните три години планираат да вложат во вештачка интелигенција за потребите на вршењето на банкарските активности, а од нив само три (23 проценти) го квантифицирале и износот што планираат да го вложат - до 0,25 проценти од сопствените средства. Преостанатите не се сигурни колкaв дел од сопствените средства би одвоиле за вештачка интелигенцијa. Ова го покажуваат резултатите од анкетата на Народната банка за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2025 година спроведена меѓу сите 13 банки во земјава.
Колку е безбедна храната што ја јадеме
Последната анкета на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) покажува дека свесноста за безбедноста на храната расте. Споредбата на резултатите од анкетата покажува дека граѓаните на Македонија водат повеќе сметка за тоа колку е безбедна храната што ја купуваат од европските граѓани. За две третини од Македонците прва грижа е безбедноста, а втора е цената.
Македонците помалку веруваат дека тоа што го купуваат е добро, но во однос на европските граѓани сметаат дека повеќе знаат за безбедноста на храната.
„Позитивно е што толку многу луѓе во ЕУ имаат доверба во безбедноста на храната. Во исто време, ние и нашите партнери мора постојано да нагласуваме дека безбедноста на храната е заедничка одговорност. Потрошувачите имаат важна улога, на пример, во однос на хигиената на храната, нејзиното приготвување и следењето здрави и разновидни диети“, изјави Барбара Галани, раководителка на Одделот за комуникации и партнерства во ЕФСА.
Најчитани текстови:
„Тесла“ ја намалува цената на два најпродавани модела
Роналдо стана првиот фудбалер милијардер со големиот договор во Саудиска Арабија
Како Сам Алтман може да предизвика 10-годишна економска криза
Денеска ги следиме случувањата во Франција, пазарите на капитал и правиме преглед на банкарските камати по банки во земјава.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...