Вест на неделата е несреќата во Балтимор, САД, каде што товарен брод удри во мост, кој се распадна како да е направен од карти. Државата Мериленд прогласи вонредна состојба и додека се бројат економските штети од затворањето на маршрутата, истрагата покажа дека станува збор за несреќа, а не за терористички напад.
Терористички напад имаше во концертна сала во предградие на Москва во петокот вечер, каде што загинаа над 130 луѓе, а повеќе од 150 беа повредени. Властите приведоа четири лица, двајца ја признаа вината.
Инфлацијата попушта, сега битката на економистите се префрла на економскиот раст. Германија и натаму е пациентот на Европа, но и други земји кашлаат. На пример, Франција има проблеми со буџетскиот дефицит. Но има и земји кај кои се гледа светлото на крајот на тунелот. Велика Британија излезе од техничката рецесија, а расте и стандардот благодарение на реалниот раст на платите. Сега сите надежи се дека олабавувањето на монетарните политики ќе дојде наскоро, што ќе влијае на растот.
На домашен терен, веста на неделата доаѓа од фармацевтскиот гигант „Алкалоид“. Македонската компанија пушти во употреба нов погон вреден близу 20 милиони евра. Оваа целосно домашна инвестиција двојно ќе го зголеми производството на компанијата. Анализиравме и кои компании имаа најголеми добивки по акција лани. Но и за тие кај кои се намали добивката, како на пример „Европа“. Овој сектор допрва го чекаат предизвици, со оглед на тоа што цената на какаото на светските берзи е повисока од цената на бакарот, а трендот на раст се очекува да продолжи затоа што климатските промени влијаеја на квалитетот на жетвите.
Пред силни предизвици се наоѓа и домашниот градежен сектор. Некогашните гиганти се непожелни на тендерите за големите државни проекти финансирани од меѓународни институции. А на оние што се плаќаат од буџетот, работите им ги земаат нивните колеги што работат под цена. Затоа нискоградбата е во лоша состојба, високоградбата, благодарение на изградбата на станови, останува профитабилна. Профитабилноста останува недостижна за големите државни компании, кои со години остануваат заглавени во милионски долгови.
Нашите аналитичари прогнозираат дека годинава земјава ќе оствари раст од 2,4 отсто и ќе биде претпоследна во регионот. Во анализата се наведува дека главен адут на земјава останува евтината работна сила, но останува и ризик од натамошен одлив на работниците, особено по отворањето на пазарот на трудот во Отворен Балкан. Преселувањето на работниците е тренд и во светот, но причината таму е тоа што се смени размислувањето на работниците по пандемијата, тие почнаа повеќе да си го ценат времето и да бегаат од градовите за да ја задржат рамнотежата.
Анализиравме и колку домашните стопанственици се подготвени за вештачката интелигенција. Таа, пак, си најде место во модната индустрија, може да ви помогне да планирате што ќе носите во следниот период. А може да ви го испланира и одморот.
Кога сме кај одморите, пишувавме за туризмот во Африка, кој станува сè полуксузен, а излезе и ново издание на „Блумберг бизнисвик Адрија“, во кое пишуваме за островите во Јадранско Море што се на продажба.