Почетокот на април донесе јунски температури, а тоа треба да биде потсетник на што треба да се фокусираат политичарите во изборната кампања, која почна вчера. Сегашната состојба покажува дека исполнувањето на климатските цели за земјава ќе биде тешко достижна цел.
Законот за енергетска ефикасност е донесен пред четири години, но не се донесени актите што требаше да го направат функционален. Сега ќе се чека новата влада за да се усвојат измените, дотогаш нема да се издаваат енергетски пасоши за објектите затоа што лиценците се истечени.
Гасификацијата што треба да биде мост од употреба на фосилни кон обновливи извори на енергија доцни 13 години. Законот за биогорива четири години чека да биде донесен, а во Македонија и натаму најмногу се трошат дизел-возила, кои се најсериозни загадувачи.
Во меѓувреме нафтата на светските берзи повторно поскапува и се приближува до 90 долари за барел, највисока цена во последните пет месеци. Во корист на нагорниот тренд оди определбата на ОПЕК+ дека и натаму ќе се намалува производството.
Сепак, очекувањата на европските потрошувачи се намалија кога станува збор за инфлацијата во следниот период. Тие сметаат дека до крајот на годината таа ќе изнесува 3,1 отсто. Слична анкета на НБРМ покажува дека до крајот на годинава се очекува инфлацијата да изнесува 4,1 отсто. Оттука, клучното прашање останува отворено: кога ќе паднат каматите. За Македонија очекувањата се дека првиот потег ќе дојде на почетокот на летото, а НБРМ секогаш ги следи потезите на Европската централна банка. Од ЕЦБ, пак, сметаат дека по истиот пат треба да тргне и Фед, но оттаму доаѓаат различни сигнали.
Од висината на каматните стапки ќе зависат и профитите на банките. Нашите аналитичари прогнозираат дека ланската жетва нема да се повтори, а македонските банки во наредниот период ќе треба да ги рационализираат и трошоците за да ја задржат профитабилноста. Нашите аналитичари уште додаваат дека расте просторот за штедење иако заработувачката на Македонците е двојно помала од најмалата заработувачка во Европската Унија.
Неделава Собранието вонредно заседаваше само за да овозможи ново продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Деценискиот проект доби уште две години за реализација. Од другата страна на границата, Албанија распиша тендер за изградба на патот од Елбасан до македонската граница. Сепак, има и добра вест за тие што сакаат да патуваат - од јуни ќе има чартер-летови од Скопје за Крф.