Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп се приклучи на социјалната мрежа за кратки видеа Тикток (TikTok), што е во сопственост на кинескиот технолошки гигант „Бајт денс“ (ByteDance), која тој се обиде да ја забрани додека беше претседател на САД.
„Бајт денс“ и во моментов е пред суд и го оспорува американскиот закон што стапи на сила во април, според кој матичната компанија треба да го продаде Тикток до следниот јануари или ќе се соочи со забрана.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
За три месеци увозот на автомобили надмина 100 милиони евра
Растот на трошоците за живот не ги спречи граѓаните да купуваат автомобили. Бројките покажуваат раст на увозот на патнички моторни возила, поголема наплата на давачките за овој увоз од страна на државата, но и раст на автомобилските кредити.
Во услови на затегната монетарна политика, заострени услови за кредитирање и повисоки каматни стапки, автомобилските кредити бележат највисок раст. Во април, според најновите податоци на НБРМ, автомобилските кредити бележат раст од 1,5 отсто споредено со март. Годишниот раст на овој вид задолжувања е значително повисок споредно со другите кредитни продукти на банките.
Какви се транзициските предизвици на автомобилската индустрија?
„Стелантис“ (Stellantis) сериозно го зголемува својот влог во електричните возила (ЕВ), надевајќи се дека ќе го имитира кинескиот модел на вертикална интеграција и потенцијално ќе ги победи во нивната сопствена игра, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на трендовите во автомобилската индустрија.
„Од стратегиска гледна точка, ова е необичен потег, со оглед на тоа што многу производители ги повлекуваат своите облози на ЕВ, бидејќи се покажа дека колективната индустрија ја прецени побарувачката за електрични возила“, велат аналитичарите...
ОПЕК+ ги продолжи, но постепено и ќе намалува од кратењата во производството
Организацијата ОПЕК+ се согласи да го продолжи намалувањето на производството на нафта до 2025-та, истовремено поставувајќи временска рамка за укинување на некои од тие ограничувања во потег што може да влијае на цените на краток рок.
Договорот постигнат викендов во Ријад на некој начин ги надминува очекувањата на пазарот, продолжувајќи ги таканаречените „доброволни“ намалувања од клучните членки, вклучително Саудиска Арабија и Русија и до 2025 година. Сепак, исто така ќе почне да ги намалува кратењата на понудата порано отколку што предвидуваа некои набљудувачи на ОПЕК...
Извршниот директор на УБС со остра критика за швајцарските регулатори
Главниот извршен директор на УБС (UBS Group AG), Серџо Ермоти, покажа со прст кон улогата на регулаторите во падот на „Кредит суис“ (Credit Suisse), додека ја интензивира кампањата против владините планови за наметнување на нови болни правила за компанијата што ја води.
Неколку недели по шокантната најава на швајцарската влада дека ќе бара од банката да има дополнителен капитал од 25 милијарди долари, Ермоти сè повеќе ги истакнува недостатоците на оние институции под чиј надзор пропадна „Кредит суис“.
„Сегашната регулатива не беше доследно применета за 'Кредит суис' и за тоа треба да се разговара“, рече Ермоти на настан во Луцерн. „Тоа не смее едноставно да се избрише, за потоа да се зборува за пообемна регулатива“, додаде тој.
Како треба да изгледа образованието во ерата на вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција убеди многу луѓе дека треба радикално да го промениме образованието.
Сега кога четботовите можат брзо да најдат информации и да одговорат на сложени прашања, зошто да се мачиме да меморираме историски факти или цитати? Зарем не треба да ги учиме децата да размислуваат критички и да решаваат проблеми, а фактите да ги оставиме на компјутерите?
Сепак, постои проблем со овие аргументи: на луѓето им треба знаење за да размислуваат креативно. Предавањето на нашата меморија и знаење на Гугл (Google) и на вештачката интелигенција ризикува да нè направи поглупави и поподложни на дезинформации (вклучувајќи ги и грешките направени од самата вештачка интелигенција).