Извршниот директор на „Енвидија“ (Nvidia Corp.), Џенсен Хуанг, продаде акции вредни речиси 169 милиони долари во јуни, што е најмногу што заработил за еден месец, бидејќи ненаситната побарувачка за чипови што се користат за имплементација на вештачка интелигенција (ВИ) ги доведе акциите до нов врв.
Продажбата на 1,3 милион акции (негова прва продажба годинава) дојде во текот на месецот кога пазарната вредност на „Енвидија“ за првпат се искачи над 3 трилиони долари.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Бран откази и отпуштања во македонскиот ИТ-сектор: Што следува?
Проблемите што го засегаат ИТ-секторот се комплексни и вклучуваат повеќе фактори. Економскиот пад што започна во 2023 година беше предизвикан од глобалните економски турбуленции, растечките трошоци и намалувањето на побарувачката за технолошки услуги. Компаниите беа принудени да ги намалат трошоците за да преживеат во новата реалност. Тоа доведе до значителни отпуштања и намалување на бројот на нови вработувања.
Македонскиот ИТ-сектор неформално има околу 22 илјади вработени во домашни и странски компании. Во изминатите 12 месеци се забележуваат зачестени индивидуални и групни откази во повеќе компании. Тоа го покажува истражувањето на „ИТ.мк“, базирано на анкета спроведена кај 2.237 ИТ-професионалци од земјава. Во последните 12 месеци, 32 отсто од испитаниците изјавиле дека во компанијата во која работат имало откази на најмалку десет вработени.
Тикток сè попопуларен за маркетинг на македонските компании
Сè поголем дел од буџетите за маркетинг на компаниите се насочува кон дигиталните алатки за рекламирање.
На нашата сцена доминираат Инстаграм и Фејсбук, но во последно време сè поголем замав зема и Тикток, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Наташа Велковска, директорка за пиар и продукција на „Репрезент комуникејшнс“ (Represent Communications Macedonia).
Како што посочува, доминираат платформите на „Мета“ - како Инстаграм и Фејсбук, пред сè поради големиот опфат на корисници и нормално е компаниите да ги насочат своите буџети кон тие мрежи за да стигнат до поголем број потрошувачи.
Граѓани за пет месеци наплатија над седум милиони евра од осигурување живот
Граѓаните наплатиле над 7,2 милиони евра (443 милиони денари) од осигурувањето живот во првите пет месеци од годинава, покажуваат официјалните податоци што ги доставуваат шесте компании за осигурување живот до Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). Во овој период, над 2.500 граѓани добиле надоместок за штетите што биле покриени со полисите за осигурување живот, издадени од пет компании за осигурување живот.
„Најмногу средства во овој период биле исплатени по полисите за осигурување живот со штедна компонента. Ова е најстариот производ на животно осигурување, кој на нашиот осигурителен пазар се продава 20 години. Негова главна карактеристика е тоа што, покрај осигурувањето живот, нуди и штедење на вложените средства. Овој продукт овозможува осигуреникот, по истекот на договорот за осигурување, да ги добие вложените средства зголемени со камата за конкретниот период“, соопшти АСО.
ЕЦБ покажа дека надмина дел од грижите за инфлацијата
Претставниците на Европската централна банка минатиот месец ја намалија загриженоста за долгорочната инфлација – тврдејќи дека ако чекаат целосна слика за цените, може да дејствуваат предоцна, покажа извештајот од нивниот состанок за политика.
Во него се наведува:
„Во одреден момент беше неопходно да се донесе одлука врз основа на достапните информации, дури и ако тие информации беа помалку убедливи отколку што некој би сакал. Таквиот пристап не треба да се гледа како конфликт со зависноста од податоците, бидејќи чекањето за целосна потврда речиси сигурно би значело намалување на стапките предоцна, што потенцијално создава значителен ризик од надминување на целта“.
Еднорозите владееја со деценијата, на технолошкиот свет му треба новa ѕверка
Помина една деценија откако инвеститорката во ризичен капитал од Силициумската Долина, Ајлин Ли, го измисли терминот „еднорог“ за да ги опише стартапите чија проценета вредност достигнува милијарда долари. Овој термин наскоро стана популарен. Сепак, денес еднорозите не се толку ретки.
Со оглед на тоа што генеративната вештачка интелигенција се заканува повторно да го запали неоснованиот раст на цените на пазарот, инвеститорите треба да го насочат вниманието кон стартапи што имаат силни основи и кои ветуваат на долг рок. Еве нов термин за компаниите што се вклопуваат тука: „чистокрвни“ стартапи.