Клучен министер во десничарската влада на Џорџа Мелони ја доведе во прашање легитимноста на независноста на Европската централна банка (ЕЦБ).
„На независни тела одговорни само пред себе им ја оставивме способноста да ги обликуваат животите на граѓаните и економијата, со поголема моќ од Европската комисија и, што е најважно, националните влади“, изјави министерот за одбрана Гвидо Крозето за весникот „Ла република“ во средата. „Зарем не е легитимно да се прашаме дали е правилно?“, посочи тој.
Италијанските владини претставници ги засилија нападите врз централната банка од декември, кога ЕЦБ објави дека ќе продолжи да ги зголемува стапките во 2023 година и ќе започне со намалување на билансот на состојбата. Мелони на прес-конференција на крајот од годината рече дека би било препорачливо ЕЦБ да избегнува штетни одлуки.
Критиките не се ограничени само на владата. Шефот на италијанското банкарско лоби претходно неделава изјави дека ЕЦБ треба да го разгледа својот план за повторно зголемување на трошоците за задолжување.
Крозето, близок сојузник на Мелони, рече дека одлуката за зголемување на каматните стапки е „разбирлива“ во светло на високата инфлација, додека запирањето на нето-купувањето државни обврзници е „потешко да се разбере и оправда“.
Италија треба да рефинансира околу 260 милијарди евра долг што достасува во 2023 година, покрај новата емисија од околу 90 милијарди евра, според податоците на „Уникредит“ (UniCredit).