БМВ (BMW AG) и „Мерцедес Бенц“ (Mercedes-Benz Group AG) ги менуваат своите лидерски тимови додека се соочуваат со засилена конкуренција во Кина и слаба побарувачка за електрични возила во Европа.
Промените во менаџментот ги одразуваат големите предизвици со кои се соочува германската автомобилска индустрија. Продажбата на критичниот кинески пазар е намалена, а европскиот автомобилски пазар бавно закрепнува. Дополнително, најважната индустрија во Германија се соочува со ризик од високи тарифи по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Невиден раст кај одредени акции на Македонската берза
Голема причина за задоволство ќе имаат голем број од инвеститорите што „играа“ на Македонската берза во текот на 2024 година со оглед на тоа што веќе се покажува дека 2025 година ќе ја дочекаме со повеќе рекорди во однос на растот на вредноста на акциите, пред сè на најатрактивните компании коишто го формираат берзанскиот индекс МБИ10.
Тоа доведе до континуиран пораст на овој индекс кој на почетокот на годинава изнесуваше 6.154 индексни поени, а заклучно со вчерашниот ден неговата вредност достигна 9.833 индексни поени.
Ќе се исплати ли да инвестирате на берза?
Индексот S&P 500, индикатор на здравјето на американската економија, според стратезите на њујоршката инвестициска банка „Голдман Сакс“, во 2025 ќе расте трета година по ред, среде силната економска експанзија и стабилниот раст на корпоративните приходи, и треба да достигне вредност од 6.500 поени до крајот на следната година.
Тоа е околу 8,5 проценти повеќе во однос на неговата моментална вредност и 10 проценти вкупен поврат сметајќи ги и дивидендите, пишува Дејвид Костин, главен стратег за акции во „Голдман Сакс“, во извештајот подготвен од неговиот тим. За корпоративните заработки се прогнозира дека ќе пораснат за 11 проценти во 2025 и за 7 проценти во 2026 година.
Фирмите се подобри кога има повеќе жени во одборите
Женската застапеност во управните одбори е речиси тројно зголемена од 2010 година, при што диверзифицираните компании по родова основа обезбедуваат повисоки приноси за акционерите во споредба со управните одбори доминирани од мажи, според „Блумберг интелиџенс“ (Bloomberg Intelligence).
Најдобрите 20 отсто од компаниите според женското членство во управните одбори обезбедуваат од 2 до 5 отсто повеќе од долните 20 отсто на развиените пазари, се наведува во извештајот. На пазарите во развој, тие се од 2 до 6 отсто помалку нестабилни од оние што заостануваат во однос на разновидноста, според истражувањето.
Расте бројот на туристи во земјава
Годинава Македонија ја посетиле за 8,8 проценти повеќе туристи на годишно ниво. Новите податоци од Државниот завод за статистика се однесуваат на периодот од јануари до октомври и покажуваат дека во десетте месеци Македонија ја посетиле 1.138.353 туристи, односно за 92.166 туристи повеќе од истиот период лани.
Што се однесува до ноќевањата, пак, растот кај нив во проценти изнесува 5,5 отсто, а изразено во бројка во периодот од јануари до октомври годинава се реализирале 3,05 милиони ноќевања или за речиси 160.000 повеќе од лани.
Традиционално, туристите најмногу ги посетуваат главниот град и езерските места. Конкретно во октомври земјава ја посетиле 107.672 туристи, од кои нешто над 41.000 биле во Скопје, а речиси 42.000 ги посетиле езерските места.
Кои се топ 10 најбарани професии во онлајн огласите во ЕУ?
Менаџерите за продажба, маркетинг и развој се професиите коишто биле најбарани во онлајн огласите за работа во Европската унија минатата година со стапка од 26,6 проценти од вкупниот број онлајн огласи.
На второто место на листата најбарани професии во онлајн огласите за работа лани биле работниците во производството (22,4 проценти), а на третото работници во продажба (17,6 проценти). Менаџерите за трговија на мало и големо (16,8 проценти) и службениците за поддршка (16,7 проценти) се меѓу петте најбарани професии...