Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека Израел и Иран се согласиле на прекин на огнот во нивниот конфликт, со почеток околу полноќ по американско време во понеделник.
Трамп, кој го објави ова на својата платформа Truth Social неколку дена откако нареди воздушни напади врз нуклеарните постројки на Иран, рече дека договорот е потврден од двете земји.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Ескалацијата на Блискиот Исток прифатена доста мирно на пазарите
Цените на акциите на Волстрит пораснаа откако нафтата поевтини, а одмаздничките напади на Иран врз американската воздухопловна база во Катар се сметаа за симболични и неспособни да предизвикаат пошироки економски последици. Доларот падна.
S&P 500 го продолжи својот раст на 1 процент, бидејќи претседателот Доналд Трамп ги зголеми надежите за деескалација на конфликтот на Блискиот Исток, велејќи дека иранскиот напад бил „многу слаб“. West Texas Intermediate падна под 70 долари. Како што се намалуваа грижите за непосредна закана од инфлација, приносите од државните обврзници се намалија. Овој потег беше поттикнат и од официјален претставник на Федералните резерви, кој рече дека стапките би можеле да се намалат уште во јули.
Ново поскапување на дизелот, раст и кај бензините
Во Македонија, првиот ден од неделата донесе ново поскапување на бензините и на дизелот. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) вчера донесе одлука со која ги зголеми малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2 процента во однос на одлуката од петокот. Минатата недела РКЕ во три наврати ги промени нагоре цените на дизелот, но со вчерашната одлука поскапеа и бензините.
Својата одлука за поскапувањето Комисијата ја темели на растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка, и тоа - кај бензините за 6,182 проценти, кај дизелот за 2,172 отсто, а кај екстра-лесното масло за 6,442 проценти.
Минусите на платата почнаа да растат, каматите ќе паднат минимално
Од 1 јули граѓаните ќе плаќаат минимално пониски казнени камати. Промената ќе следува поради намалувањето во првата половина од годинава на висината на основната камата по која Народната банка (НБРМ) продава благајнички записи.
Таа камата е референтна стапка односно основа за пресметување на казнените камати, кои всушност во земјава, законски, се коригираат двапати годишно, еднаш во јануари и еднаш во јули. Ако во полугодието што изминало има промена на основната камата, тогаш се врши корекција и на висината на каматата за казнено плаќање. Сега се случи тоа, односно во првите шест месеци годинава Народната банка еднаш ја спушти каматата на благајничките записи. Тоа беше во февруари, кога стапката беше намалена од 5,5 на 5,35 проценти, колку што е и сега, а оваа стапка е впрочем основата за пресметка на казнената камата.
Европските држави од НАТО загрижени поради можното повлекување на САД
Европските членки на НАТО се под сè поголем притисок да ја зголемат воената потрошувачка, но истовремено сè повеќе стравуваат дека Доналд Трамп би можел да повлече најмалку 20 од околу 80 илјади американски војници стационирани во Европа. На самитот на НАТО што ќе се одржи на 24 и 25 јуни во Хаг, САД ќе претстават извештај, додека европските земји ќе се обврзат да трошат најмалку пет отсто од БДП за одбрана.
Нападот врз Иран сигнализира можен пресврт во американската надворешна политика. Европските земји наводно не биле детално информирани за нападите, што дополнително го зголемува стравот дека повлекувањето од Европа би можело да се случи без претходни консултации.
До почетокот на јуни ниту еден американски функционер не отишол во НАТО за да разговара за можна прераспределба на силите, што предизвика дополнителна загриженост меѓу сојузниците.
„Тесла“ тивко ја лансираше својата долгоочекувана услуга „роботакси“
Компанијата „Тесла“ во неделата конечно ја лансираше својата долгоочекувана услуга за такси без возач, со многу скромен почеток - само неколкумина патници имаа можност да се возат.
Првите возења со роботакси беа ограничени на мал дел од Остин, каде што се наоѓа седиштето на компанијата. Во секое возило имаше вработен од „Тесла“ за да го следи функционирањето на системот. Меѓу првите патници беа внимателно одбрани инвеститори и инфлуенсери на социјалните мрежи, кои ги емитуваа своите возења во живо.
Без посебен настан за обележување на лансирањето на услугата и со многу малку официјални најави, „Тесла“ во голема мера се потпираше на усни информации и внимание од медиумите пред лансирањето на роботаксито - кое доаѓа приближно една деценија откако Илон Маск првпат зборуваше за можноста. Таквиот дискретен пристап е невообичаен за компанијата, која, на пример, организираше „Сајбер родео“ во 2022 година за да го обележи отворањето фабрика во Тексас, како и забава само со покани во близината на Холивуд минатата година за да претстави автономни производи.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...