Инфлацијата во еврозоната забрза во септември, зацврстувајќи ги плановите на Европската централна банка (ЕЦБ) засега да ги задржи каматните стапки непроменети.
Откако во август се совпадна со целта од 2 отсто, потрошувачките цени во септември пораснаа за 2,2 отсто на годишно ниво, поттикнати од базичниот ефект на енергентите и зголемените трошоци за услуги.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Кои се македонските рекордери во добивка по вработен и профитни маржи
Со нето-добивка по вработен од 600.000 денари (безмалку 10.000 евра) во текот на 2024 година компаниите од градежниот сектор се убедливи рекордери во Македонија во однос на овој показател за продуктивноста.
Податоците на Народната банка покажуваат дека нивната добивка по вработен лани била двојно поголема од просекот на целиот корпоративен сектор, кој изнесувал 300.000 денари (околу пет илјади евра), и е значително поголема од добивката по вработен во ИКТ-компаниите од 400.000 денари (околу 6.500 евра), со што оваа дејност го зазема второто место на листата дејности рангирани по овој показател.
Дејностите поврзани со недвижен имот, стручни, научни, технички административни и помошни услужни дејности се на врвот на листата според остварената нето-профитна маржа, која лани изнесувала 12,3 проценти. Нето-профитната маржа се пресметува како сооднос на добивката и вкупните приходи.
Структурни реформи наместо буџетска експанзија за повисок раст
Иако земјава е на пат кон фискална консолидација, преку враќање на буџетскиот дефицит кон законските три отсто, структурата на јавните расходи е проблем. Околу половина од вкупните расходи одат за таканаречените социјални трансфери кај кои нема голем простор за маневар, односно се фиксни трошоци.
Според фискалната стратегија за периодот од 2026 до 2030 година, тие продолжуваат да растат и за пет години ќе надминат 3,8 милијарди евра.
Следната година, според истата стратегија, расходите се планирани на ниво од 413.995 милиони денари или над 6,7 милијарди евра. Од тие пари, близу 3,2 милијарди евра ќе одат за социјални трансфери. Најголемата ставка во таканаречените социјални трансфери се плаќањата кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според ребалансот на буџетот за 2025 година, од вкупно 3,1 милијарди евра, дури 1,9 милијарда евра се трансфери кон ПИОМ.
ЕУ ја обвинуваат дека е неконкурентна, но во едно ѝ нема рамен
Додека Брисел го обвинуваат за економска немоќ и заостанување зад Америка и Кина, бројките говорат спротивно: Европската Унија (ЕУ) е единствената голема економија во светот што истовремено остварува суфицит во трговијата и со стоки и со услуги.
Со ова, ЕУ стана најголемиот светски извозник на услуги, четири пати посилен од Кина и 58 отсто поголем од САД. И покрај критиките дека ЕУ не може да постигне таков успех, Стариот Континент го докажа спротивното.
Кога ќе се исклучи трговијата внатре во самата ЕУ, во 2024 година беше постигнат извоз од 1.553.714 милиони евра во услуги, со најголем извоз во категориите „други бизнис-услуги“, „телекомуникациски, компјутерски и ИТ-услуги“, „превоз“, „патувања“, „наплата на интелектуална сопственост“ и „финансиски услуги“.
Вештачката интелигенција и логистиката ја менуваат е-трговијата во регионот
Силна експанзија во секторот за е-трговија е присутна во земјите од регионот Адрија, каде што повеќе од половина од нарачките често доаѓаат преку паметни телефони. Со оглед на тоа што персонализираното искуство за купување останува императив за трговците на мало, најголемиот предизвик и можност во наредниот период ќе биде логистиката: брза и бесплатна достава, флексибилни опции за подигнување и враќање, како и безбедноста на онлајн купувањето. Сето ова брзо станува стандард што го бараат клиентите.
Е-трговијата во регионот на Западен Балкан брзо расте, иако постои јаз во развојот: Хрватска и Словенија се водечки во технолошката софистицираност и безбедност, додека Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија сè уште работат на зајакнување на инфраструктурата и довербата на клиентите во онлајн купувањето.
Дали „Порше“ сè уште е луксузен бренд?
Прашањето можеби звучи смешно или дури и дрско за некој што копнее по еден од неговите 911 спортски автомобили, чија цена започнува од најмалку 130.000 долари, а за посебни и приспособени верзии се оди многу над таа цена. Но, по последните предупредувања дека ќе има минимален профит во 2025 година и објавеното намалување на среднорочните амбиции кога станува збор за заработка, угледот на „Порше“ (барем во очите на инвеститорите) сега е сериозно доведен во прашање.
Поедноставно кажано, многумина веруваат дека „Порше“ како бренд станува сè поблизок до неговите германски ривали „Мерцедес“ и БМВ, а се оддалечува од врвниот луксуз што го нудат „Ферари“ и „Ламборгини“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...