Трговската војна меѓу САД и Кина создава совршени услови за златото секојдневно да запишува нови рекорди. По врвовите достигнати минатите денови, истото тоа се случи и вчера кога вредноста на златните прачки се искачи на ново рекордно ниво од над 4.242 долари за унца. Затворањето на американската влада исто така помогна за раст на златото, како и таканаречената трговија со девалвација, каде што инвеститорите се повлекуваат од државниот долг и валутите за да се заштитат од ненадејните буџетски дефицити. Ентузијастичкото купување од централните банки е уште еден клучен столб, што е основа за пораст од повеќе од 60 проценти на цената на златото во текот на оваа година.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Цените на становите растат најбрзо во последните 25 години – можно ли е прегревање на пазарот?
До крајот на овој месец Министерството за финансии ќе го достави предлог-буџетот за следната година до Владата и дотогаш ќе се знае дали ќе има промени во стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за становите. Неодамна Министерството достави до Собранието предлог за измени во Законот за ДДВ со кои малите пратки ќе се даночат со стапка од 18 отсто. Во тој предлог други измени не се предвидени, па луѓе од бизнисот велат дека тоа значи дека нема да има промени на повластената стапка за становите.
ДДВ за новите станови изнесува пет отсто од 2010 година, кога првпат ова решение беше усвоено како привремена мерка. Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски, во разговор за телевизијата „Блумберг Адрија“ вели дека и годинава, како и во годините кога привремената мерка требаше да заврши, тие поднеле иницијатива за нејзино продолжување.
Македонија може да учи од Хрватска како се прибираат милиони преку берза
Додека на Македонската берза со години се чека на успешна иницијална понуда на акции (од англиски: Initial public offering - IPO), Хрватска урива рекорди во овој домен и се искачи на 28. место на глобалната листа на „Блумберг“ на земји рангирани по обемот на капитал прибран преку ИПО. Заклучно со септември годинава преку ИПО-а на Загребската берза беа собрани вкупно 160 милиони евра капитал со што Хрватска стана единствената земја од регионот што е меѓу првите 30 на листата на „Блумберг“ и ги остави зад себе чешкиот и италијанскиот пазар.
Од крајот на минатата година досега Загрепската берза имаше една неуспешна ИПО, две успешни и една којашто е во тек. Нашите колеги од редакцијата на „Блумберг Адрија“ во Хрватска неодамна прашаа во Загрепската берза која е причината за будењето на пазарот на капитал? Оттаму одговорија дека моменталните пазарни услови, вклучувајќи ја високата ликвидност и нивото на вреднувања и индекси на берзата, создаваат поволна средина за ИПО.
Македонците на интернет: „Гугл лекување“ повеќе отколку онлајн банкарство
Во првото тримесечје од 2025 година, 91,2 проценти од домаќинствата имале пристап на интернет од дома, соопшти Државниот завод за статистика. Во истото тримесечје, 79,1 проценти од вкупното население на возраст од 15 до 74 години користеле интернет неколкупати во текот на денот. Според ДЗС, 60,3 проценти од лицата нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци.
Во 2025 година при користењето на ИКТ во домаќинствата и од поединците најголемо учество од 93,2 проценти имаат телефонирањето преку интернет/видеoповиците (преку веб-камера; употребата на апликации, на пример, Скајп,Фејстајм, Месинџер, Ватс ап, Вајбер, Снепчет). Најголемо учество од 87,2 проценти има размената на пораки претежно преку истите апликции. Забележително е дека поголем е процентот (46,4) на корисници кои што барале информации поврзани со здравјето (повреда, болести, исхрана, подобрување на здравјето итн.) отколку оние што користеле интернет банкарство (37,4).
Бесент сака трговско примирје со Кина
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, ја отвори можноста за продолжување на паузата на увозните давачки за кинеските производи на период подолг од три месеци доколку Кина го стопира својот план за воведување строги нови ограничувања на извозот на ретки метали. САД и Кина од почетокот на годинава имаат договорено серија тримесечни примирја, а следниот рок истекува во ноември.
„Можно ли е да одиме кон подолг рок доколку Кина се откаже од планот за ограничување на извозот? Можеби. Но сето тоа ќе се договара во наредните недели“, изјави Бесент на прес-конференција во Вашингтон. По неколку месеци релативна стабилност во односите меѓу САД и Кина, тензиите повторно се зголемија во последните недели, откако Вашингтон го прошири опсегот на технолошките ограничувања и предложи давачки за кинеските бродови што влегуваат во американски пристаништа. Кина реагираше со реципрочни мерки и најави построги контроли на извозот на ретки метали и други стратешки материјали.
ВИ нема да донесе драматични промени во финансиската индустрија
Вештачката интелигенција (ВИ) може да ја подобри продуктивноста, но нема да донесе големи и значајни промени во индустријата, тврди милијардерот Кен Грифин, основач на хеџ-фондот „Ситадел“. Тој изрази сомнеж во тоа дека генеративната ВИ ќе има големо влијание во создавањето поголеми финансиски добивки или таканаречениот алфа-профит што го надминува пазарот.
Грифин, кој ја изгради својата компанија во глобален хеџ-фонд од 69 милијарди долари, истакна дека и покрај тоа што ВИ може да помогне во подобрување на продуктивноста и да го зголеми технолошкиот напредок, во моментот не ја заменува длабоката истражувачка работа што се прави во „Ситадел“. „Генеративната ВИ може да има некаков ефект, но не очекувам дека ќе предизвика радикални промени, барем не во скоро време“, изјави Грифин на настанот на инвеститорската конференција на „ЏП Морган“ и „Робин Худ“ во Њујорк.