Европската комисија денеска најверојатно ќе ја поништи одлуката со која се забранува продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување по 2035 година. На тој начин Европската комисија всушност попушта пред силниот притисок на Германија, Италија и другите земји производители на автомобили. Ова е најголемо повлекување на ЕУ од зелената агенда.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Зошто пазарите на предвидување би можеле да бидат одличен додаток на вашето портфолио?
Доаѓа ли времето кога пазарите на предвидување ќе станат составен дел од инвестициските портфолија е прашање кое станува се поактуелно во услови кога овие платформи што овозможуваат обложување на какви било настани од секојдневието земаат историски замав и добиваат легитимитет од реномирани брокерски куќи и институционални инвеститори.
Според Матеј Вујаниќ, пазарен аналитичар во „Блумберг Адрија“ има неколку причини поради кои пазарите на предвидување може да бидат одличен додаток на инвестициското портфолиото односно да се користат за различни цели. Како прво, тие би можеле да се искористат за „hedging“ (обезбедување) во однос на специфични ризици.
Златото е близу нов рекорд поради облозите за намалување на каматните стапки во САД
Вредноста на златото порасна петти ден по ред, поддржана од облозите за поблага ориентација на Федералните резерви на САД (Фед) и повлекувањето на технолошките акции што се сметаат за ризични по смелото трошење на вештачка интелигенција (ВИ).
Цената на златото се покачи дури за 1,1 отсто во најдолгата низа на победи од периодот пред октомврискиот рекорд. Азиските акции утрово паднаа, а апетитот за ризик во светот се намалува бидејќи расте сомнежот за способноста на технолошките компании да ги одржат своите високи процени и големите трошоци за ВИ. Сето тоа ја зголемува привлечноста на златото како засолниште во последната целосно трговска недела од годината.
Слабите податоци за вработеноста во САД може да ги подигнат акциите, вели „Морган Стенли“
Умерено послабите овонеделни податоци за вработеноста во САД би можеле да ја поттикнат оптимистичката настроеност кон акциите, бидејќи би ја зголемиле веројатноста за понатамошни намалувања на каматните стапки од Федерални резерви, смета стратегот на „Морган Стенли“ (Morgan Stanley), Мајкл Вилсон.
Инвеститорите ги следат овие податоци за да проценат дали Федералните резерви се блиску до завршување на циклусот на олеснување на монетарната политика, по три последователни намалувања на каматните стапки, или ќе треба да дејствуваат поагресивно.
Кина бележи прв пад на производството на струја од фосилни горива по една деценија
Централите на фосилни горива во Кина се на пат да го забележат првиот годишен пад на производството на електрична енергија по една деценија, откако обновливите извори масовно се приклучуваат на мрежата за да ја задоволат растечката побарувачка.
Производството на термоелектрична енергија се намалило за 4,2 отсто во ноември, покажуваат податоците објавени во понеделникот од Националното биро за статистика. Производството од централите на јаглен и гас годинава е намалено за 0,7 отсто и е на пат да го забележи првиот годишен пад од 2015 година наваму, освен ако во декември не дојде до нагло зголемување.
Продолжуваат преговорите на Украина и САД за мировниот план со фокус на безбедноста
Преговорите за крај на војната во Укрaина продолжија во Берлин. Се разговараше за територијата на Украина бидејќи САД го поддржуваат руското барање Киев да се повлече од областите во својот источен регион Донецк што силите на Москва не успеаја да ги освојат од 2014 година, изјави лице запознаено со ова прашање.
Зеленски постојано го отфрла барањето и заедно со европските сојузници инсистира на прекин на огнот по сегашната линија на контакт, рече лицето, кое побара да не биде именувано бидејќи зборува за чувствителни прашања.