„Ново Нордиск“ (Novo Nordisk A/S) доби одобрение да продава таблетарна верзија на својот хит-лек против дебелина „вегови“ (Wegovy) во САД, што претставува клучен чекор во напорите да го заштити својот пазарен удел од конкурентот „Ели Лили“ (Eli Lilly & Co.).
Компанијата соопшти дека продажбата на таблетите во САД ќе започне на почетокот на јануари. Лекот е одобрен за помош при слабеење или за долгорочно одржување на веќе постигнатото намалување на телесната тежина.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Стан во Скопје или акции од МБИ10
Граѓаните што долгорочно инвестирале во акции од македонскиот берзански индекс (МБИ10) имаат многу повеќе причини за задоволство отколку оние што решиле со парите да купат стан во Скопје бидејќи заработката на првите е значително поголема.
Со помош на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ пресметавме дека ако сте инвестирале 100.000 евра во 2020 година во МБИ10, денес би имале 278.000 евра (заработка од 178.000 евра), а ако сте инвестирале во стан со иста вредност, денес би можеле да го продадете тој стан за 208.000 евра (заработка од 108.000 евра).
Михаел Блажековиќ, главен аналитичар во „Блумберг Адрија“, вели дека македонскиот берзански индекс е апсолутен победник на пазарот во последните пет години и е во пораст од 178 проценти. Тој посочува дека 2024 година беше особено силна, додека оваа година моментално е околу нула поради зголеменото вреднување (сооднос цена/заработка 15,4 пати и сооднос цена/книговодствена вредност 2,2 пати) и донекаде послабите очекувања.
Финансискиот стрес како тивок убиец на продуктивноста
Финансискиот стрес значително влијае на менталното и физичкото здравје на вработените, продуктивноста и целокупната атмосфера на работното место, што го прави критична грижа за организациите.
„Постојат работи што не се гледаат на извештаи, но секој ден стојат меѓу луѓето. Една од нив е финансискиот притисок“, вели Трајанка Кимова, специјалистка за човечки ресурси, додавајќи дека тој не се мери на табели, не се забележува на состаноци, а сепак е постојано присутен кај луѓето што носат вакви грижи со себе на работа.
Кога парите се кратки, секој ден станува малку потежок, вели нашата соговорничка. „Не затоа што луѓето не сакаат да работат, туку затоа што умот им е поделена територија. Едната страна е во канцеларија, каде што се носат одлуки и се комуницира со колегите, а другата е дома, каде што сметките чекаат, долговите растат, а обврските не можат да почекаат.
Кои акции ги препорачуваат водечките банки за 2026 година
Со предвидувањето за постабилен пазар на капитал по донекаде турбулентната 2025 година, особено во однос на индексот S&P 500 и налетот на вештачката интелигенција (ВИ), инвеститорите се со една нога во 2026 година. Фокусирани се на следната фаза на раст. Најголемите американски инвестициски банки го насочуваат своето внимание што злато вреди не кон златото туку кон компании што, според нивните процени, би можеле најмногу да профитираат на крилјата на најнапредната технологија.
Како што стратешкото позиционирање станува поважно од следењето на краткорочните осцилации на пазарот, препораките на „ЏП Морган“ (J.P. Morgan), „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs) и „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) сè повеќе се читаат како мапа на долгорочни трендови, а не како класични листи на „топ акции“. Нивните тековни анализи покажуваат дека, иако делат заедничка макровизија - доминација на ВИ, центри за податоци и инфраструктура во облак - нивните специфични инвестициски стратегии се разликуваат во (клучни) детали.
„Сервис Петрол“ сака да ја преземе „Фабрика Карпош“
Скопската компанија „Сервис Петрол“ има намера да објави понуда за преземање на „Фабрика Карпош“ по цена од 350 денари за акција. Овој чекор доаѓа откако „Сервис Петрол“ во блок трансакција вредна 62,7 милиони денари (околу милион евра) неодамна купи 224.000 обични акции кои „Градежен институт Македонија“ ги поседуваше во „Фабрика Карпош“. Станува збор 74,89 проценти од вкупниот број на акции на друштвото.
Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, во „Фабрика Карпош“ има вкупно 138 акционери. Од нив, седум акционери се правни лица (шест домашни и едно странско), како и 131 физичко лице, од кои 20 се странски.
Италија го казни „Рајанер“ со 255 милиони евра
„Рајанер холдингс“ (Ryanair Holdings Plc) е казнет со повеќе од 255 милиони евра од страна на италијанското антимонополско тело за наводно користење „злоупотреблива стратегија“ за спречување трети туристички агенции.
Нискобуџетната авиокомпанија намерно ги спречувала туристичките агенции да купуваат летови на нејзината интернет-страница, соопшти италијанскиот орган за заштита на пазарната конкуренција. Злоупотребата на доминацијата почнала во април 2023 година и траела најмалку до април 2025 година, се наведува во соопштението.
Превозникот во суштина ги спречувал агенциите да купуваат летови на „Рајанер“ во комбинација со летови управувани од други превозници, како и дополнителни туристички услуги, додаде регулаторот.