„Рајанер“ (Ryanair Holdings Plc) соопшти дека ќе размисли за инсталирање интернет преку вај-фај низ целата флота само откако трошоците ќе се намалат и услугата ќе има смисла за патниците со ограничен буџет на кратки летови низ Европа.
Инсталирањето на Старлинк (Starlink) би барало „Рајанер“ да ги опреми авионите со антена што би создала дополнителен отпор и би ја зголемила потрошувачката на гориво за 2 отсто, изјави финансискиот директор на компанијата Нил Сорахан во понеделникот.
Тоа, заедно со фактот дека патниците не сакаат да плаќаат за интернет на летови што во просек траат околу два часа, значи дека „Рајанер“ засега не е подготвен да ги опреми своите авиони со вај-фај, додаде тој.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонци се запишуваат на списоци за чекање за златни плочки
Огромната побарувачка за злато во светот што ја доведе неговата цена до рекордни нивоа од преку 5.000 долари за унца, предизвика „златна треска“ и во Македонија. Македонските граѓани, но и компании се интересираат за скапоцениот метал како никогаш досега, велат специјализираните трговци за т.н. инвестициско злато. Интересот е голем и за среброто, коешто иако како во сенка на „поскапиот брат“, исто така руши ценовни рекорди периодов.
„Имаме проблем да ја задоволиме моменталната побарувачка“, ни рече Мариан Рангелов, од компанијата „Инвест метал“ која што се занимава со продажба и откуп на инвестициско злато и сребро во вид на монети и плочки. „Од среброто речиси да нема останато ништо, додека од златото само некои поситни монети или плочки, од половина или еден грам. За останатата понуда клиентите мора да почекаат недела-две за достава, затоа што и рафинериите за благородни метали и ковачниците на монети од коишто набавуваме, преплавени се со нарачки периодов“, вели Рангелов.
Дали Западен Балкан ќе биде набљудувач во ерата на Индустрија 4.0?
Најновиот извештај на „Дилојт“ (Deloitte) за технолошки трендови во 2026 година ни вели дека светот забрзано се движи кон „физичка вештачка интелигенција“. Во суштина, пораката е следна: „вештачката интелигенција ги напушти екраните и влезе во машините, до каде сте и дали сте подготвени“?
Оваа „физичка интелигенција“ не е иднината, туку оперативната реалност и срцето на Индустрија 4.0, во која развиените економии победуваат, а за Западен Балкан, ситуацијата е алармантна: без итна консолидација на фрагментираните иницијативи за поддршка и фокусирани инвестиции во инфраструктура за поддршка, регионот ќе (о)стане случаен набљудувач на технолошката револуција што се случува на неговите граници.
Зошто Х200 е клучен во трката за вештачка интелигенција?
Дозволата за извоз на чиповите Х200 (H200) од „Енвидија“ во Кина не е само пазарен потег вреден повеќе од 40 милијарди долари туку и ладно пресметана геополитичка одлука: да му се овозможи на Пекинг пристап до денешната инфраструктура за идната да му остане недостижна.
Кинеските компании веќе нарачаа помеѓу 1,5 и 2 милиона чипа Х200, што повеќекратно го надминува годишното производство на претходната генерација Х100. Формално, ова е голем бизнис за „Енвидија“. Суштински, ова е признание дека Х200 во 2026 година веќе не е „скапоцен камен“, туку нова индустриска норма, доволно моќна да ја анимира економијата на вештачката интелигенција, но недоволно моќна да ја загрози технолошката предност што Западот ја гради со „блеквел“ и идниот „рубин“.
Зад оваа одлука се крие уште подлабока иронија. Кина не ги купува Х200 само затоа што не може да добие понови чипови, туку затоа што не може лесно да избега од софтверските екосистеми на „Енвидија“. КУДА (CUDA), програмската рамка на „Енвидија“ за графички процесори (GPU), стана де факто стандард за развој на вештачка интелигенција.
ЕТФ-ови со фокус на европски акции лани оствариле приливи колку за една деценија
Побарувачката за производи што се тргуваат на берза (ЕТФ-ови) фокусирани на европски акции беше толку силна во 2025 година што привлекоа приливи во една година колку за една деценија, според Урсула Маркиони од „Блекрок“ (BlackRock Inc).
Овие фондови привлекоа 92 милијарди долари минатата година, близу до 94-те милијарди долари што кумулативно ги добија помеѓу 2014 и 2024 година, изјави Маркиони, раководителка на инвестициски и портфолио решенија за EMEA во најголемиот светски менаџер на средства, во интервју за Блумберг ТВ.
Приливите го истакнуваат растечкиот апетит за европски акции, бидејќи инвеститорите бараат можности надвор од САД, каде што голем дел од рекордниот раст е поттикнат од тесна група акции што имаат корист од бумот на вештачката интелигенција.
Британија најголема жртва на вештачката интелигенција
Според истражување на „Морган Стенли“ (Morgan Stanley), Велика Британија се соочува со сериозни предизвици на пазарот на труд поради вештачката интелигенција, губејќи повеќе работни места отколку што создава, и тоа побрзо од своите меѓународни конкуренти.
Истражувањето покажува дека британските компании, кои веќе користат вештачка интелигенција најмалку една година, пријавиле нето загуба од 8 отсто на работни места во последните 12 месеци. Ова е највисока вредност во групата која ги вклучува германските, американските, јапонските и австралиските компании, и два пати поголема од меѓународниот просек.
Официјалните податоци покажуваат дека бројот на огласите за работа во Велика Британија паднал за повеќе од една третина од 2022 година, што е еквивалентно на половина милион работни места. Особено се погодени секторите кои најмногу зависат од вештачката интелигенција, како што се професионалните, научни и технички активности, административни услуги и ИТ индустријата.