Економијата на еврозоната успеа да оствари раст на крајот од минатата година, со ревизија на првичната процена од страна на „Евростат“.
Бруто-домашниот производ се зголеми за 0,1 отсто во трите месеци до декември во споредба со претходниот квартал, соопшти статистичката канцеларија на Европската Унија во петокот. Тоа е во споредба со претходната оцена за стагнација што агенцијата ја објави на 30 јануари.
Неочекуваното зголемување го одразува вклучувањето повеќе податоци од поединечни земји од еврозоната. Тоа ја вклучува и Холандија, која е петта по големина економија во блокот и забележа зголемување на производството за 0,4 отсто. Сликата за другите четири големи економии е различна. Додека Шпанија порасна за 0,8 отсто, Италија стагнираше, а Германија и Франција забележаа пад.
Европската централна банка (ЕЦБ) очекува предизвиците од лани да се пресликаат и годинава, но сепак гледа условите за закрепнување. Се предвидува дека растот ќе се забрза на 1,1 отсто од 0,7 отсто во 2024 година. Слабоста на економијата е еден од факторите што ги наведуваат официјалните лица што се залагаат за понатамошно намалување на каматните стапки.
Bloomberg
Геополитичката ситуација исто така влијае на перспективите, при што американските царини на европските стоки се посебен ризик. Претседателот Доналд Трамп во четвртокот ѝ нареди на својата администрација да разгледа воведување реципрочни царини за голем број трговски партнери и исто така предложи царини за автомобили - потег што би бил особено силен удар за германските производители на автомобили.
Што вели „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics)...
„Останува големата слика дека замавот на раст е избледен, а еврозоната се соочува со длабоки ризици од американската трговска политика. Колку долго ќе трае економската слабост ќе биде клучен фактор за перспективите на каматните стапки на ЕЦБ“.
—Џејми Раш, главен економист за Европа
Растот на вработеноста забави во последниот квартал, соопшти „Евростат“. Тој изнесуваше 0,1 отсто, што е намалување од 0,2 отсто во претходниот период.