Банките сѐ повеќе вложуваат во имплементација на вештачка интелигенција (ВИ) со цел да ја зголемат продуктивноста, но што се однесува до Хрватска и регионот, им оди одлично и без тоа.
Тие остваруваат висока ефикасност и профитабилност во споредба со американските, па и европските банки, и според сѐ ќе продолжат да бидат успешни и во блиска иднина.
Руди Лукачиќ, аналитичар за макроекономија и пазар на капитал на „Блумберг Адрија“ (Bloomberg Adria), истакнува дека примената на вештачка интелигенција во банкарството се наоѓа во раните фази, што не треба да изненадува, бидејќи до пред неколку години само најголемите светски технолошки компании како што се „Амазон“ (Amazon), „Алфабет“ (Alphabet) и „Мета“ (Meta) имаа можност да имплементираат ВИ во своето работење.
Првичниот проблем беше тоа што пред да се започне со имплементација, требаше да се изгради т.н. пирамида, чии основи се големите сетови податоци (Big Data), надградбата врз нив беше развојот на машинското учење и решенијата за обработка на природен јазик (Natural Language Processing / NLP), а дури потоа врвот на пирамидата беше примената на вештачка интелигенција во бизнисот. Се разбира, сето тоа бараше ангажирање на голем број ИТ стручњаци и значителни инвестиции, што дури ни за банките не беше мал влог.
Пресвртница се случи во 2022 година со појавата на ЧетГПТ, што, како што посочува Лукачиќ, ја демократизираше достапноста на ВИ технологијата. „Процесот значително се поедностави, стана поевтин и побрз, бидејќи организациите повеќе не мораат да изградат сложена инфраструктура, туку да се фокусираат на избор на големи јазични модели (LLM), внесување квалитетни влезни податоци и прилагодување на решенијата на нивните потреби“, објасни тој.
Денес сите зборуваат за вештачка интелигенција, а ништо поинаква ситуација не е и во банкарскиот сектор. Лукачиќ истакнува дека главната причина за тоа е големиот инвестиционен циклус што го следи глобалниот „ВИ бум“. Според податоците со кои располага, глобалните банки само во текот на минатата година го спомнале терминот ВИ во своите извештаи и комуникации повеќе од илјада пати.
Но, приказната е едно, а имплементацијата друго, па така „Блумберг“ анализата на разговори со стотици светски банки покажала дека 44 отсто од нив воопшто не користат ВИ, или уште се во тест фаза. Како најголеми пречки за имплементацијата се истакнуваат недостатокот на стручен кадар и отежнатата интеграција на ВИ решенија во постоечките ИТ системи.
Сепак, инвестициите на банките покажуваат дека сè повеќе се водат според максимата „put your money where you mouth is“. Имено, бројките покажуваат дека банките минатата година инвестирале 600 милијарди долари во технолошки развој, од кои 30 милијарди долари се вложени во вештачка интелигенција. До 2028 година, се очекува инвестициите во ВИ да пораснат на околу 80 милијарди долари.
Лукачиќ порачува дека во следниот период главниот фокус мора да биде на governance и јасно дефинираните процеси на управување со ВИ, бидејќи поголемиот дел од ризиците и проблемите се јавуваат токму поради неподготвените структури и недостигот на внатрешни правила.
И покрај сите предизвици, во „Блумберг“ анализата 70% од глобалните банки одговориле дека ВИ ќе биде широко употребувана или клуччна за нивното работење во следните две години. Потенцијалниот раст на добивката што ќе го донесе имплементацијата на вештачка интелигенција се проценува на сума од 120 до 180 милијарди долари, а се очекува и намалување на бројот на вработени за околу 200.000.
Како главни причини за инвестицијата во ВИ се истакнуваат зголемената продуктивност и важноста на ВИ во проценката на ризици и откривање на измами.
Лукачиќ потоа се префрли од американскиот пазар на европскиот, па потоа и на локалниот.
„Банките во САД се карактеризираат со стабилен сооднос на трошоци и приходи (CIR) од 58-62 отсто, најмала волатилност и најстабилен оперативен модел, додека во Европа по 2021 година се забележува силен пад на CIR на околу 50 отсто. Најголемото подобрување на ефикасноста доаѓа благодарение на дигитализацијата, консолидацијата и намалувањето на трошоците. Што се однесува до источна Европа, таа е најефикасна и има најнизок CIR од 45 до 55 отсто“, изјави Лукачиќ, додавајќи дека регионот на Источна Европа се одликува и со најнизок сооднос на позајмување и депозити (LTD) што се движи од 71 до 79 отсто.
„Банките во регионот имаат највисока ликвидност и многу простор за раст“, порача Лукачиќ.
Банките во Хрватска и земјите во соседството покрај зголемената ефикасност бележат и поголема профитабилност.
Така, нивните нето приходи од надоместоци и провизии во последните пет години скокнале за околу 40 отсто во Хрватска, додека овие бројки се уште поголеми во Северна Македонија (околу 50 отсто) и БиХ (околу 100 отсто).
Нешто послабо овој раст се почувствувал во Србија (34 отсто) и Словенија (околу 30 отсто).
Паралелно со растот на профитабилноста се случило и намалување на бројот на вработени, така што словенечките банки го намалиле бројот на работници за околу 10 отсто, додека во Хрватска и Србија оваа бројка е околу 5 отсто.
Спротивно на трендот во Хрватска, банките во БиХ и Северна Македонија го зголемиле бројот на работници за околу 4 отсто.
Што се однесува до блиската иднина, Лукачиќ истакнува дека не се очекуваат големи промени на хрватскиот пазар, бидејќи Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ги задржи каматните стапки на нивоа од 2 отсто најмалку до пролет следната година.