Германската економија денес се движи во тесен коридор меѓу стагнацијата и благото закрепнување. Рецесијата формално е зад неа, но враќањето на растот нема сила што би го променила целокупното расположение во Европа. Токму во тој простор, меѓу политичкиот оптимизам и економската реалност, книгата „Капут: крајот на германското чудо“ (Kaput: The End of the German Miracle) од Волфганг Минхау добива на тежина. Не затоа што најавува колапс, туку затоа што објаснува зошто враќањето на стариот модел повеќе не се случува само од себе.
Централната теза на Минхау е дека германските проблеми не се последица на еден шок, пандемијата, војната во Украина или енергетскиот удар, туку на долга низа стратешки компромиси, кои со години биле маскирани од силниот извоз. Претесната врска меѓу политиката и индустријата, одложувањето на дигиталната трансформација и погрешните геополитички облози создадоа модел што беше исклучително ефикасен во стабилен свет, но слаб во период на брзи промени.
Поради тоа, „Капут“ (Kaputt, гер. преведено - расипано, пропаднато, уништено) не се чита како книга за минатото, туку како водич за разбирање на сегашноста. Германија во 2025 година излезе од двегодишната контракција со скромен раст од околу 0,2 отсто. Тоа беше доволно за да се избегне техничка рецесија, но премалку за да се врати довербата на инвеститорите или да се промени динамиката на индустријата и извозот. Со други зборови, економијата почна да расте, но не на начин што би ја оспорил дијагнозата на Минхау.
Прочитај повеќе
Германските градови се подготвуваат за транспортен хаос поради штрајкот на синдикатот „Верди“
Синдикатот „Верди“ предупредува дека стресот, сменската работа и временскиот притисок ги тераат работниците да заминуваат, па бара итни мерки за стабилизирање на јавниот превоз.
пред 4 часа
Надежта за закрепнување на германската индустрија поттикнува поширок раст на акциите
Економистите предвидуваат забрзување на растот во Германија оваа и следната година, кога компаниите ќе го апсорбираат влијанието од царините и ќе се зголеми градежната и производствената активност.
17.01.2026
Двоцифрен пад на продажбата на „Порше“ - најголем пад по финансиската криза
Испораките на „Порше“ лани паднаа за 10 проценти, што е најголем пад од 2009 година, кога глобалната финансиска криза ги потресе пазарите.
16.01.2026
Германија ќе субвенционира до 6.000 евра за купување електричен автомобил
Државата ќе обезбедува субвенции до 2029 година во износ помеѓу 1.500 и 6.000 евра, во зависност од возилото и големината, како и од приходите на семејството.
16.01.2026
Германија лансира фонд за привлекување 100 милијарди евра приватен капитал
Германската влада лансира нов инвестициски фонд наменет за привлекување повеќе десетици милијарди евра приватен капитал за енергетска инфраструктура, суровини, одбрана и стартапи.
18.12.2025
Германската индустрија слабее, а тоа влијае и на податоците од еврозоната
Композитниот индекс на менаџери за набавки (PMI) се намали на 51,9 од 52,8 во ноември, но и натаму држејќи се над прагот од 50 што го одделува растот од контракцијата.
16.12.2025
Три столба што веќе не го носат моделот
Првиот столб што авторот го доведува во прашање е извозно-индустрискиот модел. Германија со децении го градеше растот врз претпоставката дека глобалната побарувачка секогаш ќе ги наградува квалитетот, обемот и инженерството. Тој пристап функционираше додека технолошките предности беа јасни, а енергијата релативно евтина. Денес, со зајакнувањето на конкуренцијата од Кина и САД, овој модел губи дел од својата предвидливост.
Вториот столб е енергијата. Потпирањето на евтиниот руски гас овозможи висока конкурентност на енергетски интензивните индустрии, но истовремено создаде длабока ранливост. Кога тој канал беше пресечен, ударот не беше привремен. Податоците за производството во хемиската, металната и другите индустрии со висока потрошувачка на енергија покажуваат дека некои капацитети трајно се гасат или се селат надвор од Германија.
Третиот столб се однесува на државата и технологијата. Минхау тврди дека Германија задоцнила не само во дигитализацијата на приватниот сектор туку и во модернизацијата на јавната администрација и инфраструктурата. Таа слабост денес станува видлива преку бавноста на инвестициите и ограничената способност на државата брзо да ги претвори фискалните пакети во реална економска активност.
Германија 2026: враќање на растот без чувство на пресврт
Официјалните прогнози за 2026 година се движат околу раст од 1 отсто. Тоа е подобрување во однос на претходните години, но и натаму под историскиот просек за економијата што со децении беше мотор на еврозоната. Истовремено, германската влада ги ревидираше сопствените процени надолу, признавајќи дека реформските мерки и инфраструктурните проекти се спроведуваат побавно отколку што беше планирано.
Парадоксот е во тоа што Германија денес има фискален простор и политички консензус за поголеми вложувања, но не и административната брзина потребна тие пари брзо да влезат во економијата. Големите инфраструктурни фондови постојат на хартија, но нивната реализација се мери во години, а не во квартали. Токму тоа е јазот меѓу амбицијата и капацитетот на кој Минхау постојано предупредува.
На ниво на реалната економија, извозот и натаму испраќа мешани сигнали. Падот на испораките кон клучните пазари, вклучувајќи ги ЕУ и САД, покажува дека германскиот индустриски сектор се соочува со проблеми што не се циклични, туку структурни. Во тој контекст, книгата „Капут“ дејствува помалку како провокација, а повеќе како опис на состојбата.
Автоиндустријата како огледало на проблемите
Ако постои сектор во кој „животот на книгата“ се гледа од ден на ден, тоа е автоиндустријата. Германските производители се соочуваат со истовремен притисок од електрификацијата, дигитализацијата, регулаторните барања и кинеската конкуренција. Транзицијата кон електрични возила повеќе не е прашање на стратегија, туку на опстанок, а нејзините трошоци и неизвесности директно се прелеваат врз целата економија.
Иако пазарот на електрични возила во Европа забрзува, германските производители влегуваат во оваа фаза со модел што со децении беше оптимизиран за мотори со внатрешно согорување и глобален извоз. Резултатот е скапа транзиција, бавна и оптоварена со ризици за маржите и вработеноста. Во таква средина, автоиндустријата повеќе не може да ја игра улогата на автоматски стабилизатор на растот.
Минхау намерно поедноставува и заострува. Тоа е слабост на книгата, но и нејзина сила, вели една позитивна критика. „Капут“ го тера читателот да ја гледа Германија како систем во кој индустријата, енергијата, фискалните правила, геополитиката и технологијата меѓусебно се условуваат. За деловната публика во регионот, тоа е особено релевантно, бидејќи покажува колку брзо успешниот модел може да стане товар ако предолго се потпира на стари претпоставки.
Германија не е „капут“ (пропадната). Но моделот што со децении ја носеше е сериозно истрошен. Растот во 2026 година најверојатно ќе биде позитивен, но без чувство на вистински пресврт. Клучната порака на Минхау не е дека пропаста е неизбежна, туку дека времето е изгубено. А времето, во економијата, често е поскапо од парите.