text size
Кога ќе помине невремето, почнува вистинската пресметка. Кој ќе ја плати отпаднатата фасада, уништениот покрив, автомобилот врз кој паднало дрво или искршените прозорци? Одговорот не е ист за сите граѓани, бидејќи главно зависи од тоа дали имале полиса за осигурување, но и од законската постапка што следува по елементарна непогода. Фотографиите од оштетувањата можат да бидат важен доказ, но не се доволни сами по себе. Дали некој ќе добие обесштетување зависи од тоа дали штетата е навреме пријавена, дали е извршен увид и дали се исполнети условите за надомест.
Полисата не покрива сè: кои се најчестите исклучоци
Што точно покрива осигурувањето по силно невреме од какво што пред два дена беше зафатено Скопје, кои штети најчесто се надоместуваат, а кои остануваат на товар на граѓаните и што треба да направат веднаш по настанувањето на штетата, за „Блумберг Адрија“ објаснува Ралица Губерова, претседателка на Групацијата за осигурување при Стопанската комора на Македонија и извршна директорка на „Евроинс осигурување“ АД Скопје.
„Штетите предизвикани од невреме врз куќи, станбени згради и деловни објекти вообичаено се покриени со полисите за осигурување на имот, односно невремето претставува еден од основните осигурени ризици во имотните полиси“, вели Губерова.
Прочитај повеќе
Скопје доби „заушка“ од климатските промени
Откорнати дрвја, кровови и настрешници предизвика невремето кое попладнево го зафати Скопје.
21.07.2026
Невреме ги парализира САД - енергетската мрежа под закана
Министерството за енергетика на САД прогласи енергетска вонредна состојба во Тексас бидејќи силната зимска бура ја стави на тест електричната мрежа на државата со мраз, снег и температури кои се очекува да паднат во ниски двоцифрени и едноцифрени вредности.
25.01.2026
Анализа: зошто осигурителниот пазар има пад од 4,4 отсто во првиот квартал
После повеќегодишен постојан раст на бруто полисираната премија, во првиот квартал од 2026 пазарот бележи пад
18.06.2026
Таа објаснува дека секоја осигурителна компанија во условите за осигурување прецизно дефинира што се подразбира под невреме, а тоа најчесто е поврзано со брзината на ветерот. Кај автомобилите, пак, правилата се поинакви.
„Штетите предизвикани од невреме врз автомобили вообичаено се покриени исклучиво доколку сопственикот на возилото има полиса за каско-осигурување, но не и доколку има само полиса за осигурување од автоодговорност“, нагласува таа.
Но, ниту секоја пријавена штета автоматски значи и исплата на надомест. Според Губерова, постојат јасно утврдени исклучоци што граѓаните честопати ги занемаруваат.
„Најчести исклучоци од овој осигурен ризик се навлегување дожд или град преку отворени прозорци или други отвори, како и штети на објекти кои не се изградени на вообичаениот начин на изградба или кои се слабо одржувани или дотраени“, вели таа.
Последното невреме веќе донесе зголемен број пријави до осигурителните компании. Според Губерова, најмногу се пријавуваат оштетувања на имот и на возила со каско-осигурување, но има и граѓани кои имаат само полиса за автоодговорност и бараат да се изготви записник за процена на штетата.
„Очекувавме, а веќе имаме зголемување на бројот на пријавени штети на имот и возила кои имаат полиси за каско-осигурување. Воедно забележуваме и зголемување на бројот на осигуреници кои имаат само полиса за автоодговорност, но поднесуваат барање за изготвување записник за процена на штета“, вели Губерова.
И покрај зголемениот обем на работа, таа уверува дека нема простор за загриженост околу навремената обработка на барањата.
„Осигурителните компании дефинитивно имаат капацитет за брза и ефикасна обработка на барањата за надомест на штета и исплата на истите во најбрз можен рок“, додава таа.
Покрај тоа што некои штети не се опфатени со полисите, постојат и случаи кога барањето може да биде одбиено или исплатениот надомест да биде помал од очекуваниот.
„Најчести причини за одбивање на штетите би биле објектите да не се изградени на вообичаен начин на изградба, да се слабо одржувани или дотраени, додека најчести причини за исплата на износ помал од очекуваниот би била амортизираноста на објектите, односно намалување на вредноста поради старост или истрошеност на осигурениот објект“, објаснува Губерова.
За оние пак, кои немаат полиса за осигурување, можностите се значително поограничени.
„За граѓаните кои немаат полиса за осигурување, за жал, не постои автоматски механизам за обесштетување од осигурителните друштва. Сепак, би ги советувала да ја документираат штетата со фотографии, видеа и записници“, вели таа.
Според Губерова, последното невреме уште еднаш потсетува дека осигурувањето не е непотребен трошок, туку финансиска заштита во ситуации кога штетите можат да достигнат значителни износи.
„Оваа ситуација уште еднаш покажува колку е важно навремено осигурување на домот и возилото. Во споредба со потенцијалните трошоци за санација по силно невреме, премијата за осигурување најчесто претставува значително помал финансиски товар“, заклучува Губерова.
Општините ја утврдуваат вкупната штета од невремето
Истовремено со обработката на пријавите од осигурителните компании, почна и постапката за проценка на штетите во општините. Освен што ги примаат пријавите од граѓаните, локалните власти треба да ја утврдат и штетата врз јавниот имот што е во нивна надлежност, а тоа секако се основните училишта, локалната патна инфраструктура, парковите, јавното осветлување и другите општински објекти.
Според важечката Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи, по вакви настани општините формираат комисии за процена и утврдување на штетите, кои вршат увид на терен и изготвуваат записници за настанатите оштетувања. Локалните комунални служби работат на расчистување на последиците од невремето и обезбедување на јавните површини, додека се утврдува вкупната материјална штета. Методологијата, секако и натаму претставува дел од важечката рамка за процена на штети од природни непогоди.
Во дел од скопските општини вчера почна евидентирањето на штетите врз приватниот и јавниот имот. Силниот ветер откорна дел од покривната конструкција на Основното училиште „Владо Тасевски“ во Карпош, а беше оштетен и покривот на Основното училиште „Наум Наумовски Борче“ во Гази Баба. Вкупната материјална штета ќе биде позната по завршувањето на увидите и проценките на општинските комисии.
По проценките на општините, одлуката е на Владата
Откако општинските комисии ќе ја завршат проценката на штетите, нивните извештаи се доставуваат до Владата, која потоа ги разгледува и одлучува во согласност со законската постапка за обесштетување при елементарни непогоди.
Од Владата за „Блумберг Адрија“ велат дека извештаите со проценките, откако ќе бидат доставени од општините, ќе бидат ставени во владина постапка за разгледување и одлучување, согласно Деловникот за работа на Владата.
Во меѓувреме, надлежните институции продолжуваат со активности на терен за расчистување и санирање на последиците од невремето. Од Владата посочуваат дека штетите што ќе бидат утврдени согласно законската постапка ќе бидат предмет на обесштетување од страна на надлежните институции.