text size
Вкупно 147 корисници добиваат пензија од вториот пензиски столб, покажува анализата на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување (МАПАС) заклучно со 30 јуни годинава.
Вкупниот нето износ кој се исплатува од индивидуалните сметки за овие пензионери изнесува 1.452.089 денари, при што просечната нето исплата по корисник изнесува 9.878 денари. Просечниот пензиски стаж на корисниците изнесува 22 години, додека просечната пензиска основица е 38.880 денари.
Најголемиот дел од корисниците се лица кај кои средствата од вториот пензиски столб учествуваат во обезбедувањето на минималниот пензиски износ. Во оваа категорија се опфатени 113 лица, односно 77 отсто од вкупниот број корисници.
Прочитај повеќе
Нова опсесија на генерацијата зед - штедат за што порано да заминат во пензија
Додека дел од младите трошат на искуства, крипто и ризични инвестиции, други сè повеќе избираат поинаков пат - штедење, инвестирање и градење финансиска слобода уште во тинејџерските денови.
25.07.2026
Како штедат Македонците за старост: во банка чуваат стопати повеќе пари одошто во пензиски фонд
Штедењето во третиот пензиски столб расте секоја година, но многу бавно.
11.03.2026
Потребна ли е реформа на вториот пензиски столб?
По 20 години, фискалната математика е јасна и немилосрдна - вториот столб не успева да ги зголеми пензиите, но транзицискиот трошок успева да ги „зароби“ јавните финансии, вели доцент Никола Алтипармаков, професор на Економскиот факултет во Белград.
02.07.2026
Колку е оправдано воведувањето на капитално финансираното пензиско осигурување?
Сѐ подолгиот животен век, нискиот наталитет и стареењето на населението веќе со децении го ставаат под силен притисок македонскиот пензиски систем.
пред 10 часа
Кои се клучните фактори за висината на пензиите во Македонија?
И покрај тоа што поминаа две децении од реформата на пензискиот систем, во јавноста се уште се шират шпекулации и постојат нејасностии околу причините за оваа реформа.
22.07.2026
Кај корисниците со минимална пензија, вкупната нето исплата од индивидуалните сметки изнесува 1.149.023 денари, а просечниот месечен износ е 10.168 денари. Од нив, 75 корисници остваруваат исплата над 8.000 денари, додека 38 корисници имаат исплата меѓу 4.001 и 8.000 денари.
Во групата корисници со пензија над минималниот износ се опфатени 34 лица, со вкупна нето-исплата од 303.066 денари. Просечниот износ на исплата кај оваа категорија изнесува 8.914 денари, а кај пет корисници исплатата е над максималниот износ.
МАПАС
Мултифондови за повисоки приноси
Бројот на лица кои користат пензија од вториот столб до 2030 година ќе се зголеми на 4.000 до 5.000 лица. За структурата на пензискиот систем и актуелниот зголемен интерес во јавноста денеска Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) одржа и медиумски брифинг.
Кога висината на пензијата е во прашање, а за што имаше најголема дебата во јавноста од Асоцијацијата велат дека идната пензија на секој поединец зависи од неколку елементи, но, без исклучок, полниот работен стаж и пријавувањето на реално остварените плати кои обезбедуваат солидна пензија за корисникот и средства за финансирање на системот, без разлика дали тој бил осигурен по стариот систем или е вклучен и во вториот столб.
Осврнувајќи се на факторите што влијаат врз висината на идните пензии, Татјана Бојковска, секретар во АДПФ, истакна дека фокусот, освен преку создавање поголема пензиска акумулација (подолго и континуирано издвојување на придонеси со висина која е соодветна), треба да се насочи кон современи инвестициски решенија, воведување на мултифондови и поголема вклученост во доброволното пензиско осигурување.
Таа посочи дека искуството од земјите кои веќе ги применуваат овие модели покажуваат дека тие можат значително да придонесат за повисоки пензии.
„Македонскиот втор столб денес располага со значајни средства и има постигнато стабилни долгорочни резултати на ниво на систем. Следниот чекор во неговиот развој треба да биде воведување на мултифондови, со внимателна и соодветна имплементација, имајќи ги предвид успесите и предизвиците на системите кои веќе поминале низ оваа развојна фаза. Искуствата од земјите што веќе вовеле мултифондови покажуваат дека комбинацијата од подолг период на акумулација повисока изложеност кон вложувања со повисок очекуван принос и повисок ризик за помладите членови, како и преодот кон помалку ризични и постабилни портфолија со наближување кон пензија, овозможува повисоки долгорочни приноси без да се загрози сигурноста на членовите кои се блиску до пензионирање“, заклучи Бојковска.
Присоединување на вториот кон првиот столб не е долгорочно решение за ПИОМ
Претставниците на АДПФ сметаат дека евентуалното присоединување на средствата од вториот кон првиот столб само на краток рок може да ја подобри состојбата на ПИОМ. А всушност, целта на пензиската реформа од пред две децении, меѓу другото, беше и обезбедување стабилност на пензискиот систем на долг рок, ублажувањето на демографските и финансиските ризици кои се поврзани со неговото функционирање и обезбедување сигурност во исплатата на пензиите, преку нивно финансирање од најмалку два извора.
„Вториот пензиски столб е воведен токму за да помогне за стабилизација на системот. За да може да функционира самостојно државниот фонд, на еден пензионер треба да има најмалку тројца вработени кои уплаќаат придонеси. Ние веќе долг период сме далеку од тој сооднос и поради тоа парите што недостасуваат за исплата на пензии се обезбедуваат од државниот буџет за да може да се врши тековна исплата на пензиите. За да не зависиме во иднина само од идните вработени и да го намалиме делот за исплата што се обезбедува од буџетот, се воведе вториот столб. Во него се уплаќаат 6 отсто од бруто платата, што е нешто помалку од една третина од вкупниот придонес за пензиско. Тие пари се штедат на индивидуални сметки, се инвестираат тековно и во иднина ќе се користат за исплата на дел од пензијата. Остатокот останува во ПИОМ и се користи за исплата на сегашните пензии“, рече претседателот на Асоцијацијата, Маријан Николовски.
АДПФ
Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на „Сава пензиско друштво“ вели дека парите што евентуално би се префрлиле во државниот пензиски фонд би се потрошиле за една и пол до три години.
„Анализите што ние ги направивме е доколку се национализираат средствата, тоа нема да обезбеди долгорочна стабилност на пензискиот фонд. Околу 65 отсто од средствата се во обврзници, тоа значи дека се ликвидни 35 проценти и ако се продаваат одеднаш, тоа ќе влијае врз цената, но ако оптимално се постигне нивната вредност, тоа ќе го покрие буџетскиот дефицит за година и пол, за помалку од две години. Ако и обврзниците ги претвориме во средства, тоа буџетскиот дефицит ќе го намали за три години, вели Станковиќ.
Николовски потсети дека една од најголемите придобивки на вториот пензиски столб е тоа што средствата на индивидуалните сметки се личен имот на осигурениците и можат да се наследуваат, а секој член во секое време има увид во својата пензиска заштеда преку „Зелениот плик“ и личниот онлајн профил.
„Вториот пензиски столб претставува стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење. Според последните податоци на МАПАС, заклучно со 30 јуни 2026 година, во задолжителните пензиски фондови членуваат 637.977 осигуреници. Истовремено, бројот на лица кои веќе користат пензија од вториот пензиски столб изнесува 147, што е очекувано ако се има предвид дека системот функционира од 2006 година и постепено созрева. Просечниот принос што го остваруваат задолжителните пензиски фондови изнесува повеќе од 5,5 отсто годишно. Овој резултат е споредлив со приносите што ги остваруваат пензиските фондови во повеќе европски држави со сличен начин на инвестирање. Кај пензиското штедење најважен е долгорочниот принос, бидејќи средствата се инвестираат со децении и токму сложеното пресметување на приносите има најголемо влијание врз идната пензија“, изјави Весна Стојановска, заменик-претседател на АДПФ.
Таа потенцираше дека внимателната распределба на инвестициите, строгите правила за управување со ризиците и повеќеслојниот систем на надзор, обезбедуваат сигурност, транспарентност и заштита на средствата на членовите и дека целта не е остварување брзи добивки, туку постепено и сигурно зголемување на средствата и обезбедување поголема финансиска сигурност за идните пензионери.
Во АДПФ акцентираат дека средствата на членовите се инвестираат внимателно и според строго утврдени правила, согласно законските финансиски инструменти. Односно, дека околу 30 отсто од средствата се инвестирани во висококвалитетни акции и ЕТФ-фондови на светските пазари - повисоки приноси на долг рок и внимателен избор на компании и пазари, а останатите околу 65 отсто од средствата се инвестирани во обврзници, при што најголемиот дел се домашни државни обврзници - поголема стабилност и помал ризик. Останатиот дел е распределен во акции на домашни компании, инвестициски фондови, банкарски депозити и странски обврзници, што овозможува да се постигне рамнотежа помеѓу приносот и ризикот.