text size
Во исчекување на официјалните податоци за стапката на инфлација во Македонија во јануари 2023 година, кои денеска треба да ги објави Државниот завод за статистика, „Блумберг Адрија“ анализира неколку показатели од кои може делумно да се предвиди во која насока ќе се движи инфлацијата во следниот период. Тие сигнализираат дека забавување на инфлацијата ќе има, но дека тоа ќе оди бавно, односно ќе се одолжи најмалку до првата половина од годинава, кога би требало да се почувствуваат позначителни промени. Притоа, мора да се земе предвид дека голема неизвесност во однос на прогнозите за инфлацијата сè уште надвиснува од развојот на геополитичките тензии и војната во Украина. Се консултиравме и со регионални аналитичари, чиј став е дека инфлацијата во регионот ќе забавува ама не како во поразвиените земји.