Премиерот Ковачевски си направи поевтини палачинки (ако направил воопшто). Ама си купи млеко и јајца по замрзнати цени од маркетот во неговото маало и му се пофали на министерот за економија дека прави најдобри палачинки. На пазарењето ги повика и медиумите, но, според него, тоа што пазари со камери не е пиар, затоа што го купува тоа што му треба и притоа проверува дали се почитуваат одлуките на Владата за замрзнување на цените.
Ако повторно отидат на пазарење со медиуми, претставниците на власта ќе треба да проверат дали се замрзнати цените на хигиенските производи, последната одлука од низата за замрзнување цени на која коморите бурно реагираат.
Ние во македонската редакција на „Блумберг Адрија“ сепак се занимававме со посериозни теми. Неделава анализиравме дали ќе имаме храна годинава или ќе ни се повтори ланската, кога Србија нè спасуваше.
Пазарот на трудот, пак, ќе го спасуваме со работници од Непал и Пакистан. А брендирана облека и натаму ќе купуваме од Шутка.
Да чукнеме во дрво, ама има и такви на кои не им оди лошо во услови на криза. Нашите аналитичари дојдоа до овој заклучок анализирајќи ги компаниите за производство на мебел.
Ќе расте и продажбата на електрични возила. Се очекува годинава за четири пати да се зголемат нарачките во земјава, а на глобалниот пазар веќе почна ценовната војна за е-автомобилите.
Раскажавме и наша успешна стартап-приказна. Посочивме дека поради регулативата заостануваме во привлекувањето на дигиталните номади, и тоа во услови кога „Гугл“ почнува да лови во регионот. Анализиравме како се движи цената на златото во услови на инфлација и проблеми во банкарскиот свет.
Излезе и новиот број на „Блумберг бизнисвик Адрија“, каде што можете да прочитате споредба на стечајните постапки во Германија и земјите од овој регион. Едно нешто е заедничко за сите – кога станува збор за пари, сите наоѓаат начин да го заобиколат законот. А некои, пак, навистина не знаат што да прават со парите.