Органското производство е клучот за развој на винската индустрија. Она што е исклучително важно е дека токму Македонија има идеални услови за органско производство, не само на вино туку и на друго производство, и неопходно e да има инвестиции за да се задржи и конкурентноста, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Александра Ристова, раководителка на Одделот за управување со лозови насади во винарницата „Тиквеш“.
„Инвестициите генерално се однесуваат на употребата на механизација, меѓутоа и на разни алатки за следење на состојбите на терен. Глобално, сè што се работи со почвата и со природните ресурси во органското производство значи механичка обработка и некористење хемиски средства за таа работа“, посочува Ристова.
Таа појаснува дека инвестициите се однесуваат на механизацијата, меѓутоа доколку се стави во план дека сè што е од лозовиот насад може да се искористи, да се компостира и да се врати назад во лозовиот насад, сепак тоа е циркуларна економија, која на долгорочен план ги враќа овие инвестиции.
„Значи не се користат вештачки ѓубрива, не инвестираме во вештачки ѓубрива, немаме трошоци за тие работи. Едноставно се преработува дрвената маса, се преработуваат самите зрна по ферментацијата, се компостираат и истото тоа се враќа во почвата за да се ревитализираат тие микробиолошки процеси што ги има во самата почва. Така што инвестицијата се однесува само во механичкиот дел на обработка на почвите“, вели Ристова.
Таа додава и дека треба да се работи на законска регулатива за органско производство на вино. Трендовите треба да се следат во иднина, бидејќи особено младите генерации сè повеќе стануваат свесни дека органското производство е иднината на светот.