Американската влада може повторно да функционира нормално откако Трамп го потпиша законот за буџетот, со што заврши рекордното затворање, кое траеше 43 дена. Нашите аналитичари предупредија дека по отворањето пазарот ќе се збуни од напливот на информации што во претходните шест недели не беа објавувани.
Веднаш по оптимизмот од отворање на владата, повторно се појави загриженост за преценетоста на пазарот, што предизвика распродажба на технолошките гиганти. Ова е третпат за две недели индексот S&P 500 да падне за повеќе од 1 отсто. Биткоинот се спушти под 100.000 долари и е во пад од над 20 отсто од почетокот на октомври. Инвеститорите повлекоа 900 милиони долари од криптофондовите.
Неделава се докажа дека „Би-би-си“ прикажал монтиран говор на Трамп, по што директорите поднесоа оставки, медиумот му се извини на американскиот претседател, а тој побара милијарда долари отштета. Незадоволството од победата на младиот Мамдани во градоначалничката трка за Њујорк не спласнува, па тимот на Трамп почна да ја преиспитува финансиската помош за најголемиот град во САД. Анализиравме што друго ќе донесе вториот мандат на Трамп – плима, осека или цунами на берзите.
Прочитајте повеќе:
Избравме дивидендни шампиони во регионот Адрија, но до некои од нив тешко се доаѓа
Владата и приватниците во Македонија можат да бидат добра компанија
Македонија и работа на црно: По сè изгледа државата сама ја стимулира
Намалената побарувачка е една од причините што македонската метална индустрија е под силен притисок цела година. Ги прашавме експертите што е потребно за излез од кризата. Индустрија, пак, што годинава процвета е поштенската - проверивме како оди бизнисот со пакетоматите во земјава.
Го анализиравме кредитниот рејтинг на земјава во пресрет на новите задолжувања предвидени со буџетот за следната година – заклучокот е дека Македонија е поблиску до Африка отколку до регионот.
Министерството за финансии објави дека ќе се задолжува и кај граѓаните. Се подготвува проспектот за нова граѓанска обврзница. Пресметавме колку заработија тие што пред две години купија вакви инструменти. А пресметавме и колку заработи член на вториот пензиски фонд за овие 20 години?
Добри вести за Македонија има кога станува збор за вештачката интелигенција затоа што располага со квалификуван кадар, а „Везилка“ ќе ја намали технолошката зависност.
Анализиравме како влијаеше ВИ на работењето на некои глобални гиганти. Акциите на „Сиско“ скокнаа, АМД доживеа пресврт – беше блиску до банкрот, а сега се трка со „Енвидија“.
Ги анализиравме и податоците за „Палантир“ - мистериозниот технолошки гигант што ги поврзува државата, војската и вештачката интелигенција, а пишувавме и за тоа како „Тесла“ нè носи во робосвет.
Прочитајте повеќе:
Прашавме македонски креативци дали вештачката интелигенција им ги загрозува правата
Агенти со вештачка интелигенција што ги разбираат јазиците од регионот може да работат за вас
Нема спас од нафтата и по 2050 година, покажуваат новите процени на МЕА, а енергетските компании објавуваат подобри резултати од очекуваните. Енергентот е во средиштето и на напорите за запирање на војната во Украина. САД ги повикаа Турција и другите сојузници на НАТО да престанат да купуваат руска енергија. На една недела пред најавените санкции се разгорува трката по имотите на рускиот производител на нафта, „Лукоил“. Една од заинтересирани компании беше и „Гунвор“, која се повлече откако американските власти ја нарекоа „марионета на Кремљ“, а сега и банката „Сантандер“ го стопира финансирањето.
За крај и малку спорт. Кошарката е во најголема транзиција, особено европската. Сега веќе е сигурно дека 2027 година ја носи НБА-лигата во Европа, а потоа ништо повеќе нема да биде исто. Регионалната лига веќе сфаќа дека иднината е на пазарите. Во фудбалот, пак, има и банки со привилегии. Анализиравме кој смее да ги кредитира клубовите од Премиерлигата.