Македонија

Ги тера ли законскиот галиматијас активните пензионери кон сива економија?

Автор: Владимир Николоски

17 јули 2024, 06:30

Ги тера ли законскиот галиматијас активните пензионери кон сива економија?

Depositphotos

Владимир Николоски

Можат ли македонските пензионери да остваруваат приходи од работа и истовремено да земаат пензија е прашање што заслужува внимание со оглед на тоа што многумина од нив се чувствуваат способно да продолжат со работа и откако ќе ги исполнат условите за пензија. Истражувајќи ја оваа проблематика наидовме на голем број законски противречности и непрецизна регулатива, која очигледно пензионерите што сакаат да работат ги тера кон сивата економија односно работа на црно. Истовремено, законската регулатива дозволува лица од одредени професии да заработуваат додека да земаат пензија.  

Што велат законските одредби?

Според членот 148 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување „на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство му се запира исплатата на пензијата, а на корисник на инвалидска пензија му престанува правото на пензија. На корисникот на старосна пензија може да му се определи нов износ на пензија ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето право на старосна пензија, доколку е поповолно за корисникот“.

Тоа значи дека секој пензионер што остварува приходи од работа не може да зема пензија и дека, во договор со работодавецот, секој работник од приватниот сектор што не сака да оди во пензија може да го продолжи договорот за работа, но притоа привремено да се откаже од правото на пензија и да продолжи да зема личен доход.

Небулози и чудни исклучоци

Според Законот за работни односи, „договорот за вработување работодавецот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено“. Ваквата „слободна“ формулација на оваа законска одредба се коси со одредбите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, но истовремено го истакнува на површина Законот за здравствена заштита, во кој меѓу редови се дава можност професионалци од здравствената фела да остваруваат приходи и покрај тоа што се пензионери, но и Законот за високото образование, кој дава можност за продолжување на работниот однос и по остварувањето на правото на пензија. 

Имено, во Законот за високото образование на лицето избрано во наставно-научно или наставно звање што во текот на учебната година го продолжило договорот за вработување во согласност со прописите за работните односи, работниот однос му трае до крајот на учебната година во која наполнило 67 години.

Depositphotos
 

„Редовен професор во пензија може да изведува настава на студии од трет циклус и да биде ментор на докторски студии, како и да работи на научноистражувачки проект под условите определени со статутот на универзитетот, односно статутот на самостојната висока стручна школа“, пишува во законот.

Од друга страна, во Законот за здравствeна заштита се наведува дека „здравствените работници и здравствените соработници можат да бидат консултанти и советници, поединечно или групно, за давање услуги како говорници или претседавачи на средби, учество во медицински/научни студии, клинички испитувања или услуги на обука, учество на советодавни состаноци и учество во истражување на пазарот, каде што таквото учество вклучува хонорар и/или патување“.

Што велат во УЈП?

Од УЈП прецизираат дека во членот 148 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување јасно е дефинирано дека „на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство му се запира исплатата на пензија, а на корисник на инвалидска пензија му престанува правото на пензија“.

Оттаму додаваат дека од даночен аспект, во согласност со членот 14 од Законот за данок на личен доход (ЗДЛД),  доход од работа претставува секој доход што го остварува обврзникот по основ на работен однос, вклучувајќи го и доходот по договор за повремено или привремено вршење услуги на органите на државната управа, на домашните и странските правни и физички лица, како и на домашните и странските физички лица што вршат самостојна дејност, ако со овој закон не е изземен од оданочување.

МИА
 

„Според членот 15 став 1 точка 16 од ЗДЛД, за доход од работа се смета и секој поединечно остварен доход врз основа на договор за повремено или привремено вршење услуги на правни и физички лица. Основа за пресметување на данокот на доход од членот 15 став 1 точка 16 од ЗДЛД претставува  износот на примањето, надоместокот, односно доходот“, велат од УЈП.

Од УЈП велат дека во согласност со членот 85 од ЗДЛД, исплатувачот пред секоја исплата на доходот, на кој аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, е должен до органот за јавни приходи да достави пресметка за бруто-доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето-доходот за исплата, за секој обврзник поединечно.

„Исплатувачот, пред секоја исплата на доходот, е должен до УЈП да достави пресметка на аконтација на данок за  лични примања. Исплатувачот е должен на обврзникот (физичкото лице) при секоја исплата да му издаде примерок од пресметката за аконтацијата на данокот“, велат од УЈП.

Што е со земјоделците пензионери?

На прашањето што е со земјоделците пензионери што остваруваат приходи од производство и продажба на земјоделски производи, УЈП информира дека во согласност со ЗДЛД се дефинирани четири категории на обврзници земјоделци што остваруваaт приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на:  исплатувачи што водат деловни книги (откупувачи правни лица), физички лица надвор од продажни места на зелени пазари, физички лица на продажни места на зелени пазари за приходите што се оданочуваат според паушално утврден приход и физички лица (самостојни вршители на дејност) што персоналниот данок на доход го плаќаат врз основа на вистинскиот доход. 

„При пресметување на данокот за физички лица земјоделци што остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на правни лица (откупувачи на земјоделски производи) и на физички лица (надвор од зелените пазари) се признаваат нормирани трошоци во висина од 80 проценти, што значи дека земјоделците плаќаат данок на основица од 20 проценти (членот 44 од ЗДЛД). Физичките лица земјоделци чиј вкупен приход во годината го надминува износот од 1.000.000 денари се должни најдоцна до 15 јануари наредната година да се регистрираат за вршење дејност во согласност со законот (членот 43 од ЗДЛД)“, велат од УЈП.

Depositphotos
 

Во случај кога физичко лице остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари обврзникот (физичко лице) е должен да поднесе пресметка на аконтација на данок на доход и докази  преку системот Е-даночни услуги до Управата за јавни приходи до десетти во месецот за доходот остварен во претходниот месец.

„Обврската за плаќање данок на доход во овој случај е на товар на физичкото лице примател на доходот, кое е должно да го плати најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец“, велат од УЈП.

Оттаму додаваат дека во случај кога физичко лице остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на исплатувачи што водат деловни книги, обврска за пресметување и плаќање данок на доход има исплатувачот на доходот во согласност со закон. 

„Исплатувачот пред секоја исплата на доходот, на кој аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка (доход од продажба на сопствени земјоделски производи), е должен да достави електронска пресметка преку системот Е-даночни услуги  до УЈП. По одобрувањето на пресметката, УЈП доделува фолио-број и се издава рекапитулација за прием со статус ’одобрена’ и збирен налог за едновремено плаќање данок од доход и исплата на нето-доход“, велат од УЈП.

А, што во случај кога физичко лице остварува приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари.

„Врз основа на поднесените извештаи од страна на организаторите на зелени пазари, паушално утврдениот нето-приход за физичките лица што вршат продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари го утврдува Управата за јавни приходи врз основа на висината на закупнината на продажното место на зелениот пазар и големината на нето-приходот на обврзникот што под исти или слични услови врши иста или  слична дејност. Управата за јавни приходи за секое физичко лице што остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари подготвува електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) и решение за утврдување аконтација на данок на доход, кое го доставува до примателот на приходот, најдоцна до крајот на јануари“, велат од УЈП.

Во случај кога самостоен вршител на дејност остварува приходи од продажба на сопствени земјоделски производи, во УЈП велат дека данок на личен доход, како и досега, се плаќа врз основа на вистински остварениот доход, со поднесување даночен биланс до УЈП најдоцна до 15 март наредната година.

Вашата претплата не може да се зачува. Ве молиме обидете се повторно.
Вашата претплата е успешна.
Сите новости од рубриката Економија

Економија

Нема крај на растот на цените - индустриските производи во ноември поскапеле за 5,6 отсто
Македонија

Нема крај на растот на цените - индустриските производи во ноември поскапеле за 5,6 отсто

Најголемо зголемување на цените има кај енергијата, од дури 13,1 отсто. За една година фармацевтските производи поскапеле за 7,4 отсто, а прехранбените за 4,7 проценти.

27.12.2024

Автор: Мирјана Јовеска

сите новости од рубриката Економија