Јавно-приватните партнерства не се само можност, туку треба да бидат задолжителен модел за финансирање на проекти од јавен интерес кои ќе донесат економски раст во Македонија. За тоа е потребно да се зајакнат капацитетите на државните институции и внимателно да се изберат проекти коишто ќе бидат одржливи. Ова е главната пораката од панел дискусијата „Фискални мерки и задолжување во геополитички турбуленции: Поинаков поглед на финансиските решенија“ којашто денеска се одржа во Скопје во рамките на конференцијата „Бек ту бизнис“ (Back to business) што ја организира „Блумберг Адрија“.
Во дискусијата учествуваа Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на „НЛБ Банка“ АД Скопје, Мирослав Марчев, управувачки партнер на „ПрајсВотерхаусКуперс“ (PriceWaterhouseCoopers) во Северна Македонија и Катерина Бошевска, главна извршна директорка на „ЕОС Матрикс“ (EOS Matrix).
Одговарајќи на прашањето дали јавно-приватните партнерства може да се користат за инфраструктурни и други инвестиции во нашата земја, Марчев укажа дека веќе слушнавме дека капиталните инвестиции во предлог-буџетот за 2026 година се предвидува да бидат помали отколку годинашните. Тој додаде дека доколку буџетските приходи не дозволуваат поголеми капитални инвестиции, кои што се повеќе од потребни, тогаш јавно-приватните партнерства се одлично решение коешто може да донесе позитивни резултати за сите вклучени страни.
Прочитај повеќе
Митреска: На среден рок инфлацијата ќе се врати на историскиот просек
Многу е веројатно дека Народната банка во својот следен извештај ќе направи нагорна корекција на инфлацијата, а растот на цени ќе се врати на својот историски просек дури на среден рок.
пред 20 часа
Блажековиќ: Побрзо до европски стандард преку инвестиции во знаење, дигитализација и енергетска транзиција
Додека Србија, Хрватска и Црна Гора бележат силен раст во последните десет години, Северна Македонија се движи со побавно темпо.
пред 20 часа
Плати, продуктивност или ВИ – како да се реши проблемот со недостигот од кадар?
Во рамките на конференцијата „Back to Business“, во организација на „Блумберг Адрија“ се одржа панел-дискусијата „Плати, инфлација, пазар на трудот, продуктивност и ризици: Колку е опасен циклусот?
пред 18 часа
Мирослав Марчев/Фото: Блумберг Адрија
„Државата ќе добие инфраструктура, приватниот партнер од кого се очекува подобро да управува ќе има одредена заработка, граѓаните ќе добијат подобар јавен сервис, а веројатно и банките би биле заинтересирани да финансираат вакви проекти“, рече Марчев.
Во однос на можните проблеми и предизвици на нашата земја во однос на јавно-приватните партнерства, тој рече дека треба да се земат предвид досегашните искуства со ваквите проекти односно неуспешните обиди да се реализира изградбата на хидроцентралата Чебрен, но од друга страна и успешните проекти каков што издавањето под концесија на аеродормите во Скопје и во Охрид.
„Основни прашања може да бидат административниот капацитет на државата и одлуката во кои сектори и за какви проекти да се прават јавно-приватни партнерства“, смета Марчев.
Тој додаде дека процесот за склучување јавно-приватно партнерство е тежок и макотрпен, но дека со добро менаџирање е изводлив и може да има добар ефект. Марчев како конкретен пример ја наведе актуелната тема со ѓубрето во Скопје.
„За жал сите зборуваме за тоа и го гледаме. Без да навлезам во причините зошто тоа се случува бидејќи немам информации и не можам да коментирам. Но, доколку управувањето со отпадот би било дадено на приватен партнер под надзор на општината, секако, веројатно не би имало потреба да се прават акции за чистење, а градот би бил почист“, вели Марчев.
Каква е улогата на банките?
На прашањето колку банките можат да имаат проактивна улога во забрзување на економскиот раст, Стојановски рече дека банките се дефинитивно тука за да го финансираат растот. Тој информираше дека националното штедење односно депозитите во домашните банки во моментов се околу 10 милијарди евра и дека 83 проценти од таа сума е пласирана во кредити.
„Од нас односно од креаторите на економските политики и побарувачката зависи дали овој национален ресурс ќе го искористиме за потрошувачки кредити односно за купување автомобили и патувања или ќе искористиме поголем дел за финансирање инфраструктурни проекти коишто можеби не за овие генерации, но за идните ќе донесат добробит“, рече Стојановски.
Тони Стојановски/Фото: Блумберг Адрија
Тој додаде дека банките се веќе вклучени во финансирање инфраструктурни проекти, но и дека за сите идни проекти би било подобро да се финансираат од домашната акумулација на средства бидејќи тоа е поевтин начин и би имало попозитивно влијание за јавното задолжување односно би го забавило.
На прашањето како да се управува со долговите во услови на економска нестабилност, Бошевска посочи дека кај нас недостигаат длабински анализи и дека фоксуот на компаниите и на финансиските институции треба да биде кон оптималното управување со готовината.
„Готовината дава стабилност и сигурност на бизнисите. Потребно е да се ребалансираат портфолијата, да има повеќе заштитни механизми и да се градат резерви коишто ќе ја дадат потребната стабилност. Доколку се финансираме преку задолжувања, што е секојдневие, тие треба да се искористат во попродуктивни инвестиции, кои што на подолг рок даваат сигурност. При тоа мора да длабински да се анализираат сите ризици, но и геополитичкиот ризик“, вели Бошевска.
Катерина Бошевска/Фото: Блумберг Адрија
Во однос на ризиците, Стојановски го посочи растечкиот јавен долг на глобално ниво, којшто во овој момент достигнува до 100 проценти од бруто домашниот производ. Тоа значи дека во рацете на доверителите е едногодишниот аутлук на глобалната економија. Стојановски посочи повеќе западни земји како САД, Франција, Британија и Италија кои имаат јавен долг кој го надминува или е еднаков на нивниот БДП, но и растечкиот долг на земјите од другата хемисфера односно на Кина кој се наближува до 100 проценти од БДП.
„Меѓутоа, големата разлика меѓу двете хемисфери е што Кина ги користи парите за инфраструктура, за иновации и за економски раст, а кај западната хемисфера парите одат во потрошувачка, пред се за воената индустрија. Тука се поставува прашањето на одржливост“, рече Стојановски.
Тој додаде дека во вакви околности никој не може да предвиди точно сценарио за тоа што ќе се случува и каде е излезот, но дека е сигурно дека ќе има големи бранувања во океанот на глобалната економија и дека нашата земја како мало бротче во тој океан ќе треба добро да се заштити. Во таа насока, тој посочи дека ризици секогаш ќе има и дека треба соодветно да се управуваат, но и дека е време фокусот да се префрли на теми како што се економски раст и развој и при тоа да се задржи стабилноста бидејќи сегашниот економски раст од два-три проценти не е доволен. Стојановски во дискусијата го нагласи прашањето на одржливост, како главен предуслов при изборот на проекти кои би се финансирале.
Промена на даночни политики и фискална дисциплина
Зборувајќи за можноста преку даночните политики да се зголемат буџетските приходи кои потоа би се искористиле за инфраструктурни инвестиции и следствено за економски раст, Марчев посочи дека најбитно за даночниот систем е тој да биде едноставен за обврзниците.
„Даночните приходи во македонскиот буџет на крајот на 2024 година изнесуваа околу 18 проценти од БДП, што е малку во споредба со други земји во регионот и во ЕУ. Тоа значи дека има простор да се зголемат на еден или друг начин“, вели Марчев.
Меѓутоа, посочи Марчев, се поставува прашањето колку македонските граѓани односно даночните обврзници би се согласиле да плаќаат поголеми даноци и колку веруваат дека со нивните пари добро ќе се управува.
„Тоа не е прашање само за Македонија, туку и за другите земји од регионот. На пример, даноците во Бугарија се колку македонските, во некои делови можеби и пониски. Но во Словенија персоналниот данок достигнува и до 50 проценти, што на прв поглед не е баш убаво. Меѓутоа, треба да се земе предвид и дека е очигледно колку добро се средени работите во Словенија, а колку во Македонија и Бугарија“, рече Марчев.
Тој укажа дека кога се зборува за даночните политики треба добро да се анализира дали постои начин да се обезбедат дополнителни приходи преку регулирање на сивата економија, дигитализација и зајакнување на капацитатите на даночната управа или пак да се размисли за воведување на прогресивен данок, но и дека главен услов за евентуалните даночни промени да биде транспаретноста околу начинот на кој државата би ги трошела парите.
Во однос на проблемите со финансиска дисциплина во земјава, Бошевска рече дека таа повеќе прераснува во уметност отколку во вештина. Таа се наврати на јавно-приватните партнерства и рече дека во оваа насока е потребно подигнување на нивото на капацитетите на државните институции за да има повеќе успешни примери.