Менталниот склоп е првиот виновник за ниската продуктивност. Искуството покажува дека вложувањето во нова опрема и нови технологии најчесто не е доволно за да се подобри ефикасноста во работењето, вели Мирјана Ѓорѓевска Ѓуров, бизнис-советничка од „Симбиотика“ (Symbiotika), која беше дел од панел-дискусијата „Продуктивност – замки и решенија“ што неодамна ја организираше „Блумберг Адрија“.
„Тоа се неколку работи што стојат во заднината во нашата глава. Размислуваме дека ‘што и да направам ќе биде исто’, или ‘немам капацитет да направам нешто подобро’, или ‘доволно е вака како што е’, ‘јас не можам да направам подобро’, или ‘направи го тоа што треба да се направи денеска и во пет часот оди си дома’. Овие размислувања се нешто што го гледаме кај сите и не велам дека може лесно да се променат. Ваквото однесување сега се нарекува недостиг од ангажираност (engagement)“, објаснува Ѓорѓевска Ѓуров.
Мирјана Ѓорѓевска Ѓуров, бизнис-советничка од „Симбиотика“/Блумберг Адрија
Чест проблем со кој се соочуваат компаниите во денешно време е и тоа што вработените не се задржуваат долго на работните места и не чувствуваат потреба „да растат“.
„Најважно е од каде тргнувам, колку давам од себе, како му пристапувам на проблемот и дали ги избирам вистинските решенија за да се соочам со него. Значи, проблемот е во невидливото, во нашиот ментален склоп, како им пристапуваме на проблемите и дали навистина ги решаваме, дали навистина опремата, процесите и сѐ друго се клучното или треба да работиме на нешто друго, на себе, за да излеземе од тие замки во кои паѓаме и тогаш ќе имаме некакво решение, ќе имаме продуктивност и активност“, вели Ѓорѓевска Ѓуров.
Важно за зголемување на продуктивноста е компанијата да има стратегија, да се постават цели, но исто така мора да има и лидер што ќе ги води луѓето низ процесот, вели таа.
„Треба да има некој што ќе даде поддршка, фидбек за она што не се гледа, тоа е од особено значење затоа што ние немаме очи за себеси, имаме за сите, за нас не – не можеме сами да видиме кои се тие слабости. Имајќи покрај себе некој што ќе забележува, што низ конструктивен начин ќе нѐ води низ процесот, ќе можеме да применуваме цели. Значи, колку и да поставиш цели, културата ќе ги изеде за појадок, ручек и вечера. Затоа луѓето треба да имаат поддршка – да имаат со кого да разговараат за тоа што згрешиле, да можат да анализираат без префрлање вина каде точно се згрешило, дали од аспект на процес, дали лично поради мене, дали поради целите... Значи, ако нема простор каде што јас низ дијалог ќе можам да дискутирам со некој што ме води низ процесот, какви цели и стратегии да поставиме, тогаш сѐ паѓа во вода“, вели таа.
Има компании што вината за ниската продуктивност ја бараат во „мрзливите вработени“ и бараат од ангажираните советници да разговараат со нив. Но Ѓорѓевска Ѓуров вели дека тоа не е добар пристап, дека постои причина за таквото однесување.
„Треба да видиме што стои во заднина, што е тоа и, кога ќе тргнеме од долу нагоре, констатираме дека менаџментот нема планови, нема цели, сѐ е спонтано, сѐ е гасење пожари“, вели Ѓорѓевска Ѓуров.
Таа објаснува дека постојат компании што одбиваат да постават цели затоа што, според нив, тоа ќе им ги задуши мотивацијата и инспирацијата и нема да можат да придонесат и затоа работат под мотото „само јако и одиме напред“. Тоа е значаен проблем, вели таа.
„Кога вработениот не си го знае своето место, се чувствува несигурно. Затоа е важно да знае зошто е тука, што прави таа компанија и зошто го прави тоа. Вработените мора да разберат, не може да се однесуваме како порано – што ќе ти кажам, тоа ќе сработиш - кај новите генерации тоа не е доволно. Тие имаат став дека оваа работа не им е сѐ во животот и не мора да се тука. Затоа е важно да им се објасни за да вклопат во компаниската приказна. Мора да се приближиме до вработените, да ги направиме партнери – не е само јас нешто да барам, а ти да го сработуваш тоа, како ќе свирам, така ќе играш – тоа сега веќе не постои“, вели Ѓорѓевска Ѓуров.
На темата за замките и решенијата за раст на продуктивноста на панел -дискусијата „Not so small talks“ дебатираа неколкумина бизнис-советници. Главниот заклучок од дебатата е дека за подобрување на продуктивноста е неопходно компаниите да креираат стратегии и да постават цели што ќе ги следат, а тоа да биде во партнерство со вработените.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација што го спроведува „Свисконтакт“. Содржината што е искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.