Пратениците во македонското Собрание на вчерашната седница во скратена постапка со 63 гласа „за“ го изгласаа владиниот предлог-закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево-Охрид. Составен дел од законските е измени е нов осми по ред анекс на договорот меѓу ЈП за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“ кој првично беше склучен во 2013 година. Со новиот анекс на договорот меѓудругото се предвидува пролонгирање на градежните работи на автопатската делница Кичево-Охрид и дополнителни средства од 186 милиони евра.
„Со потпишувањето на овој анекс бр.8, инвеститорот и изведувачот се согласни дека изведувачот има право на продолжување на рокот за завршување за дополнителни 151 ден. Рокот за завршување на работите се менува од 4.627 во 4.778 дена во дел А-договорни податоци. Според тоа, ревидираниот краен рок е 31.05.2027 година“, пишува во документот.
Во документот се објаснува дека пролонгирањето на рокот за изградба е заради непредвидени и дополнителни градежни работи односно поставување на еластична одбојна ограда, стабилизација на свлечишта, изградба на паралелни пристапни патишта и изградба на контролен центар, а кои се нужни и неопходни за целосно завршување на проектот.
Прочитај повеќе
Многу пари, малку готови патишта
До почетокот на туристичката сезона ќе биде готов дел од автопатот Кичево-Охрид.
28.04.2025
Владата најавува ревизија на проектот за автопатот Кичево-Охрид
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и се уште да не биде направен
02.11.2023
Груби: Да скапеме во затвор ако се проневерат пари за автопатиштата
Ако се проневери еден денар од проектот за изградба на коридорите 8 и 10Д на „Бехтел и Енка“, да скапеме во доживотен затвор, рече првиот вицепремиер.
25.04.2023
Отворен предмет за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д
Потегот следува по објавите во медиумите во однос на компаниите вклучени во конзорциумот ИРД што беше избран за надзор.
28.03.2023
ДЗР: Неизвесна изградбата на автопатот Кичево-Охрид до 2023
Прогнозирани се дополнителни и непредвидени работи во износ од 312 милиони евра
04.08.2022
Историја на анекси
Во документот се наведени сите промени што досега се случија на првичниот договор меѓу ЈП за државни патишта и „Синохидро“ од 2013 година. Имено, двете страни прв пат го изменија и дополнија договорот со анекс бр.1 на 04.05.2018 година, со кој рокот за завршување на работите беше продолжен до 30 јуни 2021 година. Со анекс бр.2 од 24.09.2018 година се пренаменија преостанатите парични средства од основниот договор во висина од приближно 205.928.220 евра. Со анекс бр.3 од 16.11.2018 година, се вклучија дополнителни и непредвидени градежни работи, како нужни и неопходни за целосно завршување на проектот, а вредноста на основниот договор се зголеми за дополнителни 186.786.869 евра. Со анекс бр.4 од 12.02.2020 беа избришани одредби од првиот анекс на договорот, а со анекс бр.5 од 21.12.2021, рокот за завршување на работите беше продолжен до 31 декември 2023 година. Со анекс бр.6 од 12.04.2024, рокот за завршување на работите беше продолжен до 31 декември 2026 година, а со анекс бр.7 од 24.09.2024 година се променија техничките услови од договорот заради подобрување квалитетот на асфалтната мешавина.
Што утврдија државните ревизори?
Државниот завод за ревизија по извршена ревизија на усогласеност на ЈП за државни патишта во 2023 година укажа на низа недоследности при промените на проектната документација за изградбата на оваа патна инфраструктура.
„Во ноември 2013 година склучен е договор меѓу ЈП за државни патишта (инвеститор) и правен субјект кој е основан според законите на НР Кина (Изведувач) за изградба на автопатот А2, делница Кичево – Охрид. Со одредбите од договорот определено е најдоцна до јануари 2018 година да се изгради делница со должина 56,7 km, со вредност од 411 милиони евра (приближно 25 милијарди денари)“ напишаа ревизорите.
Оттаму објаснија дека изградбата на автопатот А2 е врз основа на основен проект кој е изработен од страна на две домашни правни лица кои вршат дејност проектирање, во периодот од 2002 до 2008 година, со одредени негови дополнувања до 2010 година.
„Врз основа на овој проект, во мај 2014 година, започната е изградбата на патната делница Кичево – Охрид, поделена на пет подделници, при што за секоја од нив ЈП за државни патишта има добиено одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски, а во согласност со Законот за градење“, наведуваат ревизорите.
Од ДЗР додаваат дека во октомври 2013, односно ноември 2019 година, донесени се закони со кои Република Северна Македонија гарантира исполнување на обврските по земените заеми за финансирање на проектот за изградба на патната делница Кичево – Охрид.
„Во јануари 2014 година, склучен е договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари“, напишаа ревизорите.
Оттаму посочуваат дека во договорот за изградба предвидено е финансирањето на проектот во најголем дел или 90 проценти да биде со заем, додека 10 проценти од сопствени средства на ЈП за државни патишта. По извршените анализи на документите од деловните книги на претпријатието, укажувањата добиени од надзорниот орган на проектот, како и спроведениот теренски увид, од ДЗР констатирале дека во периодот од мај 2018 година до декември 2021 година донесени се пет измени на основниот договор за изградба на патната делница, при што биле склучени анекси кон договорот.
„Со анексите, пролонгиран е крајниот рок за завршување на изградбата за 6 години, односно определено е изградбата да заврши до декември 2023 година, а за изведување на дополнителните и непредвидени работи, зголемена е вредноста на основниот договор за 187 милиони евра, поради што вредноста на изградбата на патната делницата изнесува вкупно 598 милиони евра. На таков начин договорената цена на чинење на еден километар патна делница од 7,3 милиони евра, била зголемена за 44 проценти и изнесува 10,5 милиони евра“, наведуваат ревизорите.
ОД ДЗР утврдија дека на крајот на 2022 година, вкупните инвестиции во делницата изнесуваат приближно 512 милиони евра, а истите до ноември 2023 година достигнуваат приближно 575 милиони евра.
„До крајот на 2022 година, реализацијата на изградбата на патната делница Кичево – Охрид согласно доставените времени ситуации изнесува 66 проценти од вкупната вредност на склучениот договор или (397 милиони евра), а овој податок заклучно со завршените работи во август 2023 година изнесува 72 проценти (429 милиони евра)“, напишаа ревизорите.
Од заводот информираа дека при реализација на договорот за изградба, направени се 42 варијации кои што произлегуваат од измени и дополнувања на Основниот проект поради појавени непредвидени и дополнителни работи и истите предизвикале зголемување на вредноста на основниот договор за 45 проценти (187 милиони евра) и пролонгирање на временскиот рок за изградба на патната делница.
Промената на проектната документација произлегува од недоследности во истата: усогласување на проектната документација со реалните услови на терен; препроектирање на постоечка документација за тунел, усеци, вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, надпатници и подпатници; изработка на нови проектни решенија за стабилизација и заштита на косините на усеците и санација на свлечишта на целата траса од патната делница; изработка на проектна документација за 9 патни јазли и нови алтернативни патишта и подпатници за поврзување на населените места кои не биле предвидени со основниот проект и дополнителни геотехнички истражни работи поради променлива геологија на терен која не одговара на геологијата предвидена со проектите.