text size
Стравувањата на инвеститорите од повторно забрзување на инфлацијата се враќаат поради наглиот раст на цените на енергентите, новите американски царини и сè поголемите инвестиции во вештачката интелигенција.
Неделата што започна со ескалација на насилството на Блискиот Исток заврши со пробивање на цената на нафтата над 100 долари за барел, што ќе ги зголеми трошоците низ глобалните синџири на снабдување. Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп повторно го засили притисокот за воведување нови царини, а се појавија и дополнителни докази дека бумот на инвестициите во технолошкиот сектор останува неконтролиран.
Овој троен удар од фактори што можат дополнително да ги поттикнат цените доаѓа во чувствителен момент за глобалната економија. Токму кога централните банки почнаа да гледаат извесно олеснување во изгледите за инфлацијата, состојбата повторно се влоши.
Прочитај повеќе
Повторно се враќа основниот макроекономски ризик
Растечките цени на нафтата и растечката нестабилност на инфлацијата ја зголемуваат неизвесноста на финансиските пазари.
пред 19 часа
Инфлацијата не удира сегде исто, ама тешко на сите ако САД и Иран не ги закопаат секирите
Висината на поскапувањата се разликува во зависност од градовите и регионите.
пред 9 часа
Лагард ја остави отворена можноста за зголемување на каматите во септември
Иако Европската централна банка ги задржа каматите на денешниот состанок, растот на цените на енергентите и новата ескалација на Блискиот Исток ја враќаат инфлацијата во фокус.
пред 22 часа
Војната во Иран ги мати сметките на ЕЦБ и НБМ: Ќе се чека ли септември за ново затегнување?
Геополитички превирања им создаваат нови главоболки на челниците на Европската централна банка.
23.07.2026
Ворш: Борбата со инфлацијата не е завршена, Фед ги разгледува сите опции
Изјавите на Кевин Ворш отворија простор за можноста Фед повторно да ги зголеми каматните стапки, иако економистите оценуваат дека засега нема сигнал за брза промена на монетарната политика.
15.07.2026
Во пресрет на одлуките што следната недела треба да ги донесат Федералните резерви на САД (Фед) и Банката на Англија, креаторите на монетарната политика ќе треба брзо да ги проценат новите ризици.
Во моментов не се очекуваат непосредни промени на каматните стапки, но сè поизвесно е дека финансиските пазари ги очекува лето исполнето со стравувања од инфлација. Наглиот раст на приносите на државните обврзници низ светот е само еден од показателите за загриженоста кај инвеститорите дека потрошувачките цени би можеле повторно да излезат од контрола. На пазарот на акции, индексот S&P 500 е на пат да ја забележи втората последователна неделна загуба.
„Последните случувања се потсетник дека геополитиката ја диктира економијата, а не обратно“, изјави Кетрин Најс, главна економистка за Европа во ПЏИМ (PGIM). „Притисоците врз вкупната инфлација предизвикани од негативни шокови на страната на понудата ќе продолжат да ги поттикнуваат централните банки да задржат порестриктивен пристап кон монетарната политика.“
Bloomberg
„Масовен напад“
Новиот енергетски шок следува по проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток, кој се прошири од Ормускиот Теснец до Црвено Море. Трамп изјави дека сега разгледува можност за „масовен напад“ врз Иран за да ја принуди земјата да преговара за мировен договор.
Во такви околности, цената на суровата нафта во четвртокот за првпат по два месеца ја надмина границата од 100 долари за барел, а нагло поскапе и природниот гас.
Ризиците од инфлација, заедно со зголемената загриженост за јавните финансии, предизвикуваат силен пад на цените на обврзниците. Приносите на британските државни обврзници оваа недела го забележаа најдолгиот период во речиси две децении со дневно затворање над пет отсто. Приносот на американските 30-годишни државни обврзници е блиску до највисокото ниво од 2007 година.
Опасноста од поскапувањето на животот поради нафтата и гасот е што нивното влијание врз потрошувачите најчесто се чувствува речиси веднаш.
„Енергетскиот шок би можел дополнително да се засили“, предупреди во четвртокот претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард. „Колку подолго цените на енергијата остануваат високи толку е поголема веројатноста тие да предизвикаат поширок раст на инфлацијата.“
Таа призна дека некои од нејзините колеги се прашувале дали каматните стапки треба веднаш да се зголемат, пред ЕЦБ на крајот да одлучи да почека. Според лица запознаени со прашањето, тие се подготвени да ги зголемат каматните стапки во септември доколку изгледите за инфлацијата не се подобрат.
Но проблемот не е само во нафтата. Администрацијата на Трамп прекуноќ им сигнализираше на инвеститорите дека повторно се разгледува воведување царини, најавувајќи дека ќе наплатува давачки од 10 до 12,5 отсто за увозот од повеќето големи трговски партнери. Тоа е досега најголемиот чекор кон повторно воспоставување царински ѕид, откако Врховниот суд ги поништи претходните мерки.
Во меѓувреме продолжуваат доказите за огромниот инвестициски бран во вештачката интелигенција. „Алфабет“ (Alphabet Inc.) во четвртокот ја зголеми прогнозата за капитални инвестиции за оваа година на дури 205 милијарди долари.
Дополнителна причина за стравувањата е и сè поголемата способност на големите компании да ги зголемуваат цените. Минатиот месец „Епл“ (Apple Inc.) ги зголеми цените на сите компјутери „мек“, таблетите ајпад, домашните уреди и „вижн про“ за да ги надомести повисоките производствени трошоци предизвикани од досега невидениот недостиг од мемориски чипови и уреди за складирање податоци.
Камакшја Триведи, главен стратег за девизни пазари и пазари во развој во „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs), изјави за телевизијата „Блумберг“ дека повеќе е загрижен поради енергетскиот шок и инвестициите во технологија отколку поради царините.
„Многу повеќе сум загрижен за инфлаторниот притисок што во моментов доаѓа од енергетскиот сектор. Тоа е ризикот што, според мене, треба внимателно да се следи“, рече тој. „На подолг рок, уште поважен фактор се капиталните инвестиции во ВИ, а промената на ставовите околу нив ќе биде клучен двигател на реакциите на различните финансиски пазари.“
Сите овие обновени стравувања од инфлација ќе влијаат врз претстојните одлуки на носителите на монетарната политика во земјите од Групата седум (Г7), како и во другите економии.
Одлуката на Федералните резерви ќе биде објавена в среда, а потоа, во наредните два дена, следуваат одлуките на Банката на Англија и Банката на Јапонија.
Јапонските креатори на монетарната политика се отворени за побрзо зголемување на каматните стапки, изјавија претходно оваа недела лица запознаени со прашањето. Податоците објавени во петокот покажаа дека инфлацијата во земјата забрзала за првпат во последните три месеци.
Во САД економистите и натаму очекуваат следниот потег на Фед да биде намалување на каматните стапки, иако финансиските пазари сè повеќе се обложуваат на повисоки трошоци за задолжување. Пазарите целосно пресметуваат едно зголемување на каматните стапки до септември.
Ниту една од централните банки што ќе заседаваат следната недела нема повторно да се состане пред втората половина на следниот месец, што значи дека нивните пораки би можеле да го одредат тонот на финансиските пазари во наредните недели.
„Иако ЕЦБ засега одлучи да не ги менува каматните стапки, притисокот тие дополнително да се зголемат наесен значително порасна“, изјави Емануел Менх, професор на Франкфуртската школа за финансии и поранешен функционер на германската централна банка. „Фед најверојатно исто така нема да ги менува каматните стапки следната недела, но аргументите за нивно намалување наесен речиси целосно исчезнаа.“