Во декември светските лидери ќе се соберат во Дубаи на годишниот состанок за прашањето за климатските промени (КОП28/ COP28 / Conference of the Parties of the UNFCCC), а меѓу клучните теми ќе биде намалувањето на употребата на фосилните горива, ако не и целосно постепено откажување од овој вид енергија.
Меѓу главните теми се и механизмите за приспособување на екстремните временски услови, тргувањето со емисиите на јаглерод и новиот фонд што треба да се искористи за плаќање на загубите и штетите предизвикани од глобалното затоплување.
Годинава човештвото уште еднаш беше сведок на катастрофалните ефекти од климатските промени на планетата. Летната сезона на северната хемисфера беше најтопла на глобално ниво досега. Во септември најмалку пет илјади луѓе ги загубија животите во Либија во медитеранската бура Даниел, додека во пожар на хавајскиот остров Мауи загинаа најмалку 115 луѓе.
Кога се одржува КОП28?
Самитот започнува на 30 ноември, а треба да заврши на 12 декември. Иако се очекува да трае две недели, вообичаено е да се продолжи за ден-два, бидејќи делегациите обично се мачат околу текстот на заклучоците и последното соопштение.
Каде се одржува КОП28?
Годинава ротирачкото претседавање го имаат Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а состанокот ќе се одржи во Експо Сити во Дубаи. Иако имаше одредени негодувања кога еден од најголемите светски производители на нафта беше избран за домаќин, ОАЕ инсистираат на тоа дека се во добра позиција да ги убедат другите земји богати со нафта и гас да го забрзаат намалувањето на емисиите на јаглерод.
Што е КОП28?
Станува збор за годишен собир на речиси 200 земји, организиран од Обединетите нации, каде што се разговара за елиминирање на причините за климатските промени предизвикани од човекот и за приспособување на зголемените температури. Собирот се одржува веќе 28 години. Првичната идеја пред речиси три децении беше да се создаде мултилатерален процес во кој сите ќе имаат еднаков збор за тоа како светот најдобро ќе ги намали емисиите на стакленички гасови. Во реалноста постои тежок јаз меѓу богатите и сиромашните земји. Земјите во развој истакнуваат дека развиените земји се збогатиле во изминатите сто години со создавање индустрии засновани на фосилни горива и дека треба да им се дозволи да го сторат истото тоа.
Процесот КОП оствари напредок во Париз во 2015 година, кога сите земји за првпат се согласија да го задржат порастот на температурата под два Целзиусови степена во однос на прединдустриските нивоа и поставија плафон за затоплување од 1,5 степен. За да се постигне тоа, емисиите мора да достигнат нето нула до средината на векот.
Иако договорот од Париз беше клучен настан, има проблеми во неговото спроведување. Секоја земја-членка би морала да се обврзе да покаже како има намера да придонесе за целта да се држи под контрола, но тие планови се чини дека засега не се доволни. Годинава за првпат ќе се направи нивен преглед, односно процена на напредокот.
Колку луѓе ќе присуствуваат на состанокот КОП28?
Се очекува годинашниот самит да биде најголем досега, со повеќе од 70 илјади лица. КОП21 во Париз и КОП26 во Глазгов во 2021 година имаа повеќе од 40 илјади пријавени учесници, додека минатата година имаше 33 илјади во Египет.
Кој може да учествува на состанокот КОП28?
Во центарот на настанот се преговарачите, односно државните службеници од 197 земји, кои две недели зад затворени врати ги разработуваат деталите од договорот што треба да доведе до акција на темата климатски промени. Честопати преговарачите се придружувани од министри, а понекогаш и од шефови на држави за да помогнат да се постигне договор. Консензусот е клучен, бидејќи гласот на секоја земја има еднаква тежина без разлика на големината.
Сепак, не учествуваат само владини претставници. Граѓански здруженија и деловни луѓе исто така се појавуваат за да го кажат своето мислење на маргините на самитот. Секако, настанот е преполн и со новинари.
Зошто е важен КОП28?
Ова е првпат по Парискиот договор земјите да го разгледаат постигнатиот напредок. Одговорот веќе го знаеме. Не се напредува доволно брзо во намалувањето на емисиите, односно со стапката предвидена во Париз. Тој преглед веројатно ќе создаде притисок да се забрзаат работите.
По состанокот во Дубаи, земјите ќе имаат рок до 2025 година да поднесат нови национални планови за борба против климатските промени, а тоа навистина ќе покаже дали светот оди во вистинската насока.
Некои богати земји, особено во Европа, се залагаат за построги обврски до 2025 година, како на пример да се прифати одрекување од фосилните горива и да се запре растот на емисиите. Тоа е многу дискутабилно за некои земји во развој како Индија, кои сметаат дека фосилните горива се клучни за растот на нивните економии.
Годинашниот КОП ќе биде клучен и по прашањето за финансирање. Богатите земји го исполнија ветувањето дека ќе соберат 100 милијарди долари годишно за да им помогнат на сиромашните земји да се справат со најлошите ефекти од климатските промени. Но, тоа е мал дел од парите во споредба со потребните 2,5 трилиони долари годишно до 2030 година.
Преговарачите се обидуваат да постигнат договор за нова колективна цел за финансирање на борбата против климатските промени по 2025 година. Првично се очекуваше да се вклучат богатите земји одговорни за најголемиот дел од историските емисии, но сега земји како Гана бараат тоа да се прошири и на други големи економии како Кина, која е најголемиот светски извор на гасови за глобално затоплување.
Првите неколку дена од состанокот КОП28 ќе бидат обележани со низа изјави од светските лидери за акција против емисиите на метан од фосилните горива, за поодржливо производство на храна и земјоделство, како и за тројно зголемување на капацитетот на постројките за обновлива енергија. Се очекува земјата домаќин да објави фонд од повеќе милијарди долари за инвестиции во технологии што помагаат да се постигнат климатските цели.
Дали КОП28 може да доживее неуспех?
Вистински неуспех е кога не може да се постигне договор по двонеделни средби. Тоа се случи во Мадрид во 2019 година, кога учесниците не можеа да се договорат за компромис во финалниот текст во неколку области. КОП21 одржан во 2009 година во Копенхаген исто така се смета за неуспешен. Преговарачите тогаш не успеаја да постигнат обврзувачки договор за намалување на емисиите на стакленички гасови што требаше да го замени Протоколот од Кјото по неговото истекување во 2012 година.
Но, дури и ако се постигне договор за конечниот текст, многу земји, особено малите островски нации, ќе го сметаат за неуспех ако не се договори посилна посветеност во откажувањето од фосилните горива и да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен. Ризикот годинава е дека претседателот на КОП нема да биде сфатен како доволно непристрасен за да може да посредува во постигнувањето договор.
Засега се чини дека најголемите светски предизвикувачи на емисии на стакленички гасови се расположени за компромис. Лидерите на Кина и на САД се согласија месецов да ја забрзаат климатската акција и да ги поддржат глобалните напори за тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија до 2030 година. Во таа смисла, тие ќе се обидат да ја забрзаат изградбата на домашни зелени капацитети што би ги замениле јагленот, нафтата и гасот и да ја подобрат соработката за ограничување на емисиите на азотни оксиди и метан, два особено опасни стакленички гаса.
Кој е претседавач на состанокот КОП28?
ОАЕ за оваа функција го назначи Ахмед ал Џабер, кој е на чело на тамошната државна нафтена компанија „Абу Даби нешнл оил“ (Abu Dhabi National Oil Co). Тоа поттикна многу екологисти да се сомневаат во неговата непристрасност. Неговите поддржувачи истакнуваат дека тој е и претседател на државната компанија „Масдар“, која е посветена на обновливите извори и е една од најголемите светски компании што развиваат соларни капацитети.