За да се разбере големината на кинеската хипотекарната криза, не мора да се анализира подалеку од Јанг Хуијан.
На почетокот на годинава, копретседателката на компанијата „Кантри гарден“ (Country Garden Holdings Co.) беше далеку најбогатата жена во Азија. Нејзиното богатство од 23,7 милијарди долари лесно го засени она на колешките кинески милијардерки Фан Хонгвеј и Ву Јаџун, двете со вредност од околу 13 милијарди долари во тоа време, според индексот на милијардери на Bloomberg.
Сепак, дури и Country Garden, чии недовршени проекти сè уште не беа погодени од бојкотот на хипотеките од 2 трилиони јуани (296 милијарди долари), кој ја зафати индустријата, се соочува со компликуваната реалност. Компанијата што некогаш го носеше епитетот „модел за кинески градител“, го покажа обемот на кризата со готовина во средата, кога соопшти дека сака да собере 361 милион долари со продажба на нови акции на попуст.
За само седум месеци, богатството на Јанг се преполови на 11,3 милијарди долари, вклучувајќи го и падoт од речиси две милијарди долари само во средата, ставајќи го нејзиното место на врвот по рангирањето за богатство во опасност. Таа е само во благо водство пред Фан, чие богатство од 11,2 милијарди долари произлегува од релативно поздравата индустрија за нафта и гас.
Брзиот пад на Јанг ја нагласува загриженоста дека кинеската хипотекарна криза на крајот ќе ги оштети нејзиниот финансиски систем и каналите за финансирање, дури и за Country Garden, нејзиниот најголем развивач на имот.
„Инвеститорите се загрижени дека бојкотот на хипотеките ќе се прошири во Country Garden бидејќи гледаат дека бројот на бојкотирани проекти брзо се зголемува“, вели Кени Нг, стратег во „Евербрајт секјуритис“ (Everbright Securities International) во Хонгконг. „Компанијата сè уште има значителни долгови и забележа побавен раст од месец на месец во продажбата во јуни, иако Кина продолжи со работа“, додава тој.
Напорите на Кина да ги заузда цените на имотот и кампањата за заеднички просперитет на претседателот Си Џинпинг донесоа крај на долгогодишниот брз раст на индустријата што претставува околу 70 отсто од домашното богатство. Неодамна, кризата со недвижностите, која прво ги зароби развивачите, зеде друг пресврт, при што стотици илјади купувачи на станови ги прекинаа плаќањата на хипотеките за стопираните проекти.
Додека хартиите од вредност на Country Garden се држеа релативно добро во почетокот на кризата со имотот, нејзините акции сега се движат кон нивниот најлош месец од 2011 година, а една од нејзините обврзници достигна рекордно ниско ниво минатата недела. Во средата, акциите паднаа за 15 отсто, најмногу од март, завршувајќи го дводневното враќање на надежите дека владата ќе им помогне на развивачите.
Еден од најголемите предизвици за Country Garden е што повеќето од нејзините нови проекти се во таканаречените градови од ниво 3 и 4, каде што купувачите на домови имаат помали приходи и има поголема веројатност да пропуштат плаќања кога економијата е бавна.
„Ова може да ја остави компанијата најизложена на падот на пазарите“, вели Кристи Хунг, висок аналитичар во Bloomberg Intelligence.
Во меѓувреме, градежната договорна продажба опадна за речиси 40 отсто до 185,1 милијарди јуани за првите шест месеци од годината. Bloomberg Intelligence проценува дека инвеститорот ќе треба да потроши до 337 милијарди јуани, повеќе од другите компании во индустијрата, за да ги испорача имотите што веќе се платени.