Американската инфлација забави повеќе од очекуваното во јули, како одраз на пониските цени на енергијата, што може да го намали притисокот врз Федералните резерви (ФЕД) да продолжат со агресивно зголемување на каматните стапки.
Индексот на потрошувачките цени порасна за 8,5 отсто во однос на претходната година, намалувајќи се од јунскиот пораст од 9,1 отсто, кој беше најголем во последните четири децении, покажаа денешните податоци на Министерството за труд.
Цените останаа непроменети во однос на претходниот месец. Падот на горивата ги анулира трошоците за храна и домување.
Таканаречениот основен индекс на потрошувачки цени, кој не ги зема предвид попроменливите цени на храната и енергијата, е зголемен за 0,3 отсто во однос на јуни и 5,9 отсто во однос на пред една година.
Во истражувањето на Bloomberg економистите предвидоа зголемување на вкупниот CPI од 0,2 отсто во споредба со месец јуни и зголемување од 8,7 отсто на годишно ниво. Основниот CPI се предвидува да порасне за 0,5 отсто во однос на јуни и 6,1 отсто од пред една година.
Иако падот на цените на горивата е добра вест за Американците, нивните трошоци за живот остануваат болно високи, принудувајќи многумина да се задолжат со кредитни картички и да ги исцрпат своите заштеди. Откако податоците од минатата недела покажаа сè уште силна побарувачка за работна сила и посилен раст на платите, натамошното забавување на инфлацијата би можело да отстрани дел од притисокот врз ФЕД за продолжување на силните зголемувања на каматните стапки.