Во турбулентната година, полна со конфликти и потреси, кога светската економија доживуваше подеми и падови и прогнозирањето беше речиси невозможно, цените на земјоделските производи значително паднаа. Но не се намалија само глобалните цени на земјоделските суровини туку и цените на енергентите, кои се на повеќегодишно најниско ниво. Само цената на нафтата, на пример, од почетокот бележи пад од 20 проценти.
Глобалните цени на земјоделските суровини паднаа и покрај новото царинско опкружување, продлабочувањето на климатските промени и геополитичките тензии, што просечниот купувач при посетата на продавниците не го почувствува. Зошто тогаш цените на земјоделските суровини паѓаат и за колку и зошто тоа не се гледа при посетата на продавниците?
Прочитај повеќе
Поскапело речиси сѐ: Инфлација од четири проценти во ноември
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во ноември 2025 година, во однос на октомври 2025 година, изнесува 0,5 проценти.
09.12.2025
Македонско мени, ама со месо од Бразил, сирење од Германија, грав од Киргистан...
Увозот на храна во Македонија континуирано расте и во 2024 година првпат надмина милијарда евра. Се зголемува и извозот, но со побавно темпо, и лани достигна околу 545 милиони евра.
20.11.2025
Расте свеста, но и загриженоста - колку е безбедна храната во Македонија?
Последната анкета на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) покажува дека свесноста расте. Анкетата се спроведува на секои три години во 27 земји членки на Европската Унија и седум земји кандидатки за членство, меѓу кои и Македонија.
09.10.2025
Сè повеќе домаќинства се вртат кон замрзнатата храна, промената не е случајна
Речиси половина од потрошувачите редовно купуваат замрзната храна за да го намалат отпадот од храна.
28.07.2025
Глобалниот индекс на цените на храната бележи веќе трет последователен месечен пад
Организацијата за храна и земјоделство (ФAO) секој месец го објавува индексот на цените на храната (FFPI), кој ги мери месечните промени на меѓународните цени во кошничката со прехранбени производи. Тој е составен од просек на пет индекси на цените на групи производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите во периодот 2014-2016.
Глобалните цени на храната во кошницата на организацијата во ноември повторно се намалија, што претставува трет последователен месечен пад. FFPI во просек достигна 125,1 поени, што е за 1,2 отсто помалку од октомври, кога според ревидираните податоци изнесуваше 126,6. На годишно ниво индексот беше за 2,1 отсто понизок, а од врвот во март 2022 останува речиси 22 отсто под највисоките вредности.
Што поевтини? Паднаа цените на млечните производи, месото, шеќерот и растителното масло, што го надмина поскапувањето на житарките. Во практика тоа значи дека основните прехранбени категории, кои во последните години најмногу варираа, во ноември се движеа претежно надолу, додека пазарот на житарките се придвижи во спротивна насока.
Житото поскапува, маслото поевтинува, како е со пченката?
Кај житарките индексот порасна на 105,5 поени, што е за 1,8 отсто повеќе од претходниот месец, но сепак 5,3 отсто под меѓугодишното ниво. Пченицата поскапе за 2,5 отсто и покрај релативно поволните прогнози за понудата и извештаите за добри жетви во Аргентина и Австралија. Цените ги поддржаа очекувањата за можен кинески интерес за набавки од САД, загриженоста поради продолжување на конфликтите во црноморскиот регион и прогнозите за помали жетви во Русија.
Поскапеа и други земјоделски култури. Меѓународните цени на пченката зајакнаа поради стабилната побарувачка за бразилската понуда и извештаите дека дождовите ги отежнуваат теренските работи во Аргентина и Бразил. Се зголемија цените на јачменот и на сиракот, при што на расположението на пазарот влијаеја и повисоките цени на сојата. За разлика од тоа, индексот на цените на оризот се намали за 1,5 отсто.
Цената на пченката на почетокот на месецот во Кина достигна највисоко ниво во повеќе од два месеца, бидејќи купувачите по силните дождови побрзаа да обезбедат резерви со добар квалитет. Пченката е една од трите најважни култури во Кина, но и покрај прогнозите на централната влада за рекордна жетва, постои загриженост за влијанието на неодамнешните екстремни временски услови.
Производството на пченка во САД и Европа во меѓувреме останува стабилно. Според летните прогнози, светското производство на грубозрнести култури во периодот меѓу 2025 и 2026 година треба благо да се зголеми, и тоа на 1,55 милијарда тони, при што најмногу ќе придонесе засиленото производство во Индија.
pixsell
„Блумберг“ на крајот од март извести дека американските земјоделци го зголемуваат обемот на садење пченка на највисоко ниво во последните пет години, затоа што тоа се смета за релативно сигурна инвестиција, и покрај опасноста дека побарувачката за неа поради царини може значително да опадне.
Нестабилен беше и пазарот на соја, кој околу 40 проценти го контролираат САД. Сојата се најде во веќе смирената трговска војна меѓу Пекинг и САД, при што Кина - најголемиот купувач на соја во светот - првично се откажа од набавките, а потоа во помала мера повторно почна да купува американска соја.
Растителното масло поевтини на петмесечно најниско ниво. Индексот во ноември падна на 165,0 поени, што е за 2,6 проценти помалку од октомври, при што пониските цени на палминото, маслото од репка и сончогледовото масло ги надоместија малите зголемувања кај соиното масло. Палминото масло поевтини главно поради поголемото производство во Малезија, маслото од репка попушти по повеќемесечен раст со подобрени глобални прогнози за производството, а сончогледовото поради сезонски поголеми испораки од црноморскиот регион.
Некое месо е поевтино, но на меѓугодишно ниво останува доста поскапо
Подиндексот за месо се намали на 124,6 поени, што е за 0,8 проценти помалку од претходниот месец, но сепак останува 4,9 проценти над минатогодишното ниво. Цените на свинското и месото од живина продолжија да паѓаат, додека цените на говедското месо во голема мера останаа стабилни, а јагнешкото месо поскапе. месото од живина беше под притисок поради пониските извозни вредности од Бразил при голема понуда и поостра конкуренција, а за падот придонесоа и напорите на извозниците да си ги повратат пазарните удели по укинувањето на трговските ограничувања поради високопатогената авијарна инфлуенца (птичји грип). Свинското месо во ЕУ главно поевтини поради големи резерви и послаба побарувачка, особено од Кина, по воведувањето царини на почетокот на септември.
„Можеме да потврдиме дека набавните цени на месото годинава се зголемија за повеќе од 30 проценти“, изјавија од „Шпар“ за „Блумберг Адрија“ во октомври коментирајќи ги состојбите на европскиот сточарски пазар.
Претходната недела Пекинг ги утврди конечните увозни царини за свинско месо од Европската Унија. Тие се на значително пониски нивоа отколку што беше најавено. Пекинг ќе воведе антидампинг-давачки во висина од 4,9 до 19,8 проценти за месо од еден од најголемите светски региони за снабдување, соопшти во вторникот на својата веб-страница Министерството за трговија. Претходните давачки, утврдени во септември, изнесуваа дури 62,4 проценти.
Од друга страна, цените на говедското и телешкото месо растат. Во САД, на пример, тие се за 15 проценти повисоки отколку пред една година, а, според процените на експертите, олеснување сè уште нема на повидок.
„Едноставно немаме доволно говеда, а зголемувањето на стадата трае долго“, изјави за „Некстар“ (Nexstar) земјоделскиот економист Дерел Пил од Универзитетот во Оклахома. Американските стада, на пример, се на најниско ниво во последните 70 години, а побарувачката останува силна.
САД не се единствените каде што говедата поскапуваат. Есеноска известивме дека откупните цени на биковите во последната година се зголемија речиси за половина. Причините за поскапувањето произлегуваат и од растечките трошоци за храна.
Млечните производи со петти последователен месечен пад на цените
Цените на млечните производи паднаа петти месец по ред. Индексот во просек изнесуваше 137,5 поени, што е за 3,1 отсто помалку од октомври и за 1,7 отсто помалку од минатата година. За пониските цени придонесоа поголемото производство на млеко и обилните извозни резерви во клучните региони, поддржани со големи резерви на путер и обезмастено млеко во прав во ЕУ, како и сезонски поголемото производство во Нов Зеланд. Таму земјоделците од мај до септември поставија нови месечни рекорди, а октомври беше трет највисок врв во историјата, наведува извештајот.
Аналитичарката за земјоделство на „Рабобанк“, Ема Хигинс, во неодамнешен извештај запиша дека премногу млеко за пазарот во комбинација со силен раст на содржината на млечни материи предизвикува изразен пад на цените на суровините, при што обемот на производството го означи како восхитувачки.
Најмногу поевтинија путерот и полномасното млеко во прав, а сирењето најмалку, бидејќи побарувачката во делови од Азија и Блискиот Исток делумно го ограничуваше падот. Само путерот е приближно 24 проценти под годинешниот врв, додека полномасното млеко во прав и сирењето во овој квартал се намалија за околу седум проценти, наведува „Рабобанк“ во кварталниот извештај „Глобал дајари“ (Global Dairy Quarterly). Ова претставува остар пресврт во споредба со состојбите пред неколку месеци, кога цените на путерот во поголемиот дел од светот се задржуваа близу рекордите и дополнително вршеа притисок врз буџетите на купувачите.
Depositphotos
Најмногу поевтинува шеќерот
Најостар пад забележа шеќерот, кој е поевтин отколку пред една деценија. Индексот во ноември се намали на 88,6 поени, што е за 5,9 проценти помалку од октомври и речиси 30 проценти помалку од минатата година, достигнувајќи најниско ниво од декември 2020. Пазарот и понатаму е оптоварен со очекувањето за обилна глобална понуда: производството во клучните бразилски региони останува силно и покрај сезонското забавување, добриот почеток на индиската жетва 2025/2026 и поволните прогнози за Тајланд дополнително ја зајакнуваат претставата за вишок понуда и вршат притисок врз цените надолу.
Октомврискиот пад предупредува дека цените на фјучерсите се под структурен притисок, се наведува во извештајот на Рафаел Крестана, висок советник за управување со ризици во „Стоуникс груп“ (StoneX Group). Крестана предупреди на очекуван вишок од 2,8 милиони тони во сезоната 2025/2026.
Вишокот е резултат на зголеменото производство на етанол од пченка, кој ѝ конкурира на шеќерната трска, и можното враќање на индискиот извоз на шеќер оваа година, известува „Блумберг“. Индискиот извоз на шеќер може да ја надмине моменталната процена на „Стоуникс“ за 1,5 милион тони, изјави Крестана. Мелничарите во земјата неодамна ја замолија владата за дозвола за извоз на два милиона тони шеќер во сезоната 2025/2026.
Компирот со најголемо намалување на цените меѓу избраните суровини
Меѓу избраните суровини од горниот графикон најмногу паднаа цените на компирот, и тоа за приближно 77 проценти на годишно ниво. Светската индустрија за компир се приспособува на новите услови: на некои места се отвораат пазари и се шират насадите, а на други доаѓа до силни ценовни корекции, особено во Европа, извести „Патејто њуз тудеј“.
Еден од најголемите производители на компир во светот, Мексико, го проширува извозот на ненаситниот американски пазар, при што по целосното отворање на пазарот во 2022 година пратките од црвенокожните сорти русет се удвоија, а се планира проширување и на жолти и виолетови сорти.
Франција, пак, во 2025 година ги зголеми површините на повеќе од 197 илјади хектари (зголемување за десет проценти) поради поголемата побарувачка од европската преработувачка индустрија и останува водечки светски извозник. Во Обединетото Кралство, пак, продолжува развојот на производи со додадена вредност.
Во ЕУ цените во Северозападна Европа силно паднаа (од приближно 327 долари за тон во февруари 2025 на околу 55 долари за тон) поради поголемите сеидби (за пет проценти) и поострата конкуренција на извозот од Кина и Индија. Во меѓувреме, на потрошувачката страна продажбата на замрзнатиот помфрит од 2024 година е благо намалена.
Cyril Marcilhacy/Bloomberg
Цените на какаото и на кафето паѓаат
По минатогодишниот историски скок, цените на какаото сега се лизгаат кон рекорден годишен пад, но тоа сè уште не значи дека чоколадите и слатките во продавниците наскоро ќе поевтинат, извести „Блумберг“. Фјучерсите на какаото минатата година речиси тројно се зголемија, а производителите ги пренесоа поскапувањата врз купувачите.
Токму затоа, и покрај поевтинувањето на фјучерсите, сè уште нема намалување на цените во малопродажбата, бидејќи производителите сè уште ги користат резервите од какао купени на врвот на растот на цените.
Познавачите очекуваат дека евентуално намалување на цените во малопродажбата би можело да започне дури во втората половина од следната година – и тоа не е загарантирано. Како последица, домаќинствата, кои веќе се оптоварени со поскапи прехранбени производи, од говедско месо до кафе, ќе мора да проценуваат дали чоколадата останува ценовно достапен луксуз.
Минатата година какаото достигна рекорд: речиси 13 илјади долари за тон, бидејќи болести и екстремни временски услови го погодија родот во Брегот на Слоновата Коска и во Гана, кои заедно обезбедуваат повеќе од половина од светската понуда. Оваа година цените се намалија, бидејќи прогнозите за жетвата се подобрија, побарувачката ослабна и дел од стравот за траен недостиг се ублажи. Какаото е приближно 50 проценти пониско отколку лани, што претставува најостар годишен пад по 1960 година.
Цените на кафето во меѓувреме доста варираа, како што во нашата анализа на пазарот на кафе за 2025 година изјави Аљаж Смрекар од „Фабрика за кафе“. На пазарот на кафе во последно време се појавува значителна разлика меѓу сортите. Додека годинава цените на сортата арабика растат и достигнуваат рекорди, цените на сортата робуста паѓаат.
Годината 2025 завршува со делумна стабилизација на цените на кафето. Тие малку се намалија поради царинските олеснувања на администрацијата на Трамп, која е загрижена за високите цени на домашниот пазар. Многу аналитичари и производители на суровини предвидуваат поповолни услови за одгледување кафе во 2026 година, но неговите цени остануваат на историски високо ниво.
„Комбинацијата од климатски промени, геополитички тензии и нестабилноста на пазарот предизвика силно зголемување на цените и значителна неизвесност во глобалните синџири на снабдување со кафе“, напишаа за повеќегодишните состојби на пазарот на кафе аналитичарите на „Блумберг Адрија“ пред неколку месеци.
Bloomberg Mercury
Растат цените на бродскиот превоз
За разлика од цените на земјоделските суровини, во последното тримесечје од 2025 година невообичаено брзо растат цените на бродскиот превоз за суровини – од храна до енергенти и руди. Причина за тоа се конфликтите, санкциите и поголемото производство на овие суровини, што ги поместува вообичаените синџири на снабдување, извести „Блумберг“. Токму растечките трошоци за транспорт се меѓу причините за зголемување на цените на одредени видови храна.
Важна причина за растот е тоа што бродовите поминуваат повеќе време на море и затоа подолго се „зафатени“, што ја заострува понудата на пловила. Некои од лидерите во индустријата очекуваат тесен пазар барем до почетокот на следната година. И пазарот на растурен товар се засили: индексот за бродови со житарки и руди на крајот од ноември достигна 20-месечен врв. Нападите на Хутите во Црвено Море пренасочија дел од флотата околу Африка, ги продолжија рутите и дополнително ги зголемија трошоците. Иако тарифите по ноемврискиот врв малку попуштија, ефектите остануваат.
Причини за поскапувањето на бродскиот превоз се конфликтите, санкциите и поголемото производство на суровини што имаат потреба од бродски транспорт.
Влијанието на климатските промени и на царините
И покрај поевтинувањето на земјоделските производи на годишно ниво и клучните производи во кошницата на ФАО, не смееме да ја заборавиме долгорочната закана од идни поскапувања на храната: климатските промени.
Централните банки низ светот го проучуваат влијанието на климатските промени врз цените, особено во врска со одржувањето на целната инфлација. Според некои прогнози, глобалното затоплување до 2035 година би можело да ја зголеми годишната инфлација на цените на храната за до три процентни поени, а глобалната инфлација за до 1,2 процентни поени.
Додека снабдувањето со храна и цените често се одредени од временските услови, на пазарот постои дополнителна нестабилност, која произлегува од мерки како американските царини. На поскапувањата се надоврзуваат и други фактори, како демографските промени и со тоа поврзаните промени во навиките на потрошувачите на храна на пазарите во развој. Ценовниот притисок од овие фактори на страната на побарувачката се засили поради проблеми со брзото проширување на понудата во сегментите на пазарот со голем раст на побарувачката, како и поради нарушувања од неповолни временски услови, се наведува во летниот извештај на ЕЦБ.
ФАО при објавата на мајскиот извештај, на пример, наведе дека колебањата на валутите влијаеле врз движењето на цените на светските пазари, додека приспособувањата на царинската политика ја зголемиле неизвесноста на пазарот на храна.
Царините, пак, очигледно му наштетија и на најголемиот пазар во светот, бидејќи во САД во последно време јавните дебати се фокусираат на ценовната достапност. Претседателот Трамп, пак, уверува дека по 11 месеци во САД ги намалил цените, што американските потрошувачи не го чувствуваат.
Економистите виновникот за тоа го гледаат и во неговите царини, кои - во клучните прехранбени и земјоделски сектори - есенва ги укина. Да потсетиме, администрацијата на Трамп во ноември најави низа нови трговски договори, вклучувајќи и со Аргентина, Гватемала, Салвадор и Еквадор, бидејќи настојува да одговори на загриженоста на гласачите за трошоците на стоките.
Одделно, Трамп и други високи функционери од администрацијата најавија пошироки царински исклучоци, кои би можеле да ги намалат давачките за популарни прехранбени производи на сите полиња. Трамп во интервју за „Фокс њуз“ вети дека ќе намали некои царини на кафето, додека министерот за финансии Скот Бесент најави дека увозот на овошје ќе добие олеснување.
Bloomberg
Зошто пониските цени на земјоделските суровини не се прелеваат на полиците?
„Подеталниот поглед покажува сложена слика. Точно е дека некои глобални показатели благо опаѓаат, но тоа сè уште не значи брзо враќање кон значително пониски цени“, се наведува во ноемвриската анализа на англиската бизнис-школа „Хенли“ (Henley), која предупредува дека, и покрај понискиот индекс FFPI, глобалните цени сè уште се 3,4 проценти повисоки отколку пред една година. Цените во малопродажбата, рестораните и хотелите ги зголемуваат повисоките трошоци поради зголемени плати и давачки.
Супермаркетите при преносот на трошоците често ги ублажуваат колебањата, пишува во анализата. Кога големопродажните цени растат, со зголемување на малопродажните цени тие обично одложуваат за да ја задржат конкурентноста, при што можат да им помогнат и претходно склучени договори по пониски цени. Кога тоа не е случај, поскапувањата понекогаш ги заобиколуваат со промени на производите: го намалуваат количеството, го менуваат рецептот или ги заменуваат поскапите состојки со поевтини; цената останува иста, а купувачот добива помалку.
Кога големопродажните цени паѓаат, може да се случи спротивното: намалувањата на полиците доаѓаат со задоцнување, бидејќи старите договори сè уште важат со повисоки набавни трошоци или, пак, трговците се обидуваат да ги задржат маржите. Првите поевтинувања затоа често се селективни – како акции, промоции или поголеми пакувања – а не општо намалување на цените низ целата понуда, се наведува во анализата.
Во бизнис-школата дополнително забележуваат дека повисоките големопродажни цени од претходниот период можат да се „прелеваат“ низ синџирите на снабдување, додека климатските промени веќе влијаат врз приносите. Светската трговија останува ранлива, а евентуално намалување на субвенциите и нови царински мерки можат да ги поттикнат цените нагоре, се заклучува во анализата.