Во седум и пол години откако „Епл“ првпат ја надмина пазарната вредност од еден билион долари, инвеститорите се навикнаа дека големите технолошки компании на берзата достигнуваат процени од 13 цифри. А новите допрва доаѓаат.
„Спејс екс“ (SpaceX), вселенската компанија под контрола на основачот на „Тесла“, најбогатиот човек на светот Илон Маск, сигнализира дека во следните месеци планира големо излегување на берза. Конкурентите во областа на вештачката интелигенција (ВИ), „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic), исто така разгледуваат можност за излегување на берза оваа година, а нивните приватни процени веќе достигнаа стотици милијарди долари.
Се очекува ИПО (иницијална јавна понуда) на „Спејс екс“ да собере и до 50 милијарди долари, со што би го срушило досегашниот рекорд од 29,4 милијарди долари што го постави „Сауди Арамко“ (Saudi Aramco) во 2019 година. Според пишувањата на „Блумберг“, „Спејс екс“ може да се стреми кон процена поголема од 1,75 билион долари, иако сè уште треба да се види дали инвеститорите на јавниот пазар ќе бидат подготвени да купуваат акции по таква процена.
Прочитај повеќе
Што открива првиот милијардер за првиот билионер
Додека Илон Маск се приближува до границата од билион долари, приказната за Џон Д. Рокфелер покажува како богатствата од таков обем ги преобликуваат пазарите, политиката и јавното мислење.
07.03.2026
„Спејс екс“ на Маск „доверливо“ би се регистрирала за ИПО веќе во март
Компанијата за ракети и сателити би сакала излез на берза во јуни
27.02.2026
Како да инвестирате во „Спејс екс“ пред очекуваната котација на берза?
Инвестирањето во „Спејс екс“ пред нејзината инцијална јавна понуда (IPO) е сè друго освен едноставно.
04.02.2026
„Спејс екс“ на Илон Маск се спојува со „Екс еј-ај“, компанијата ќе вреди 1,25 билион долари
„Спејс екс“ и „Екс ај-ај“ стануваат една компанија, со процена од 1,25 билион долари, фокусот ќе биде насочен на вештачката интелигенција и вселената.
03.02.2026
„Спејс екс“ од релативен аутсајдер во вселенската индустрија прерасна во огромен астрономски систем, кој добива милијарди долари државни договори и претставува важен столб на американската вселенска програма. Покрај лансирањето ракети, компанијата управува и со сателитската интернет-мрежа Старлинк (Starlink), која денес создава најголем дел од нејзиниот готовински тек. По преземањето на „Екс еј-ај“ (xAI) преку акциски трансакции во февруари, „Спејс екс“ сега го контролира и асистентот Грок еј-ај (Grok AI), проект за вештачка интелигенција што троши големи износи на капитал. Портфолиото го затвора социјалната мрежа X.
Излегувањето на „Спејс екс“ на берза би можело да стане еден од најголемите пазарни спектакли во последните години, бидејќи и малите и големите инвеститори ќе добијат можност да вложат во амбициозната визија на Маск за спојување на вселенската индустрија и вештачката интелигенција. Сепак, скептиците предупредуваат дека инвеститорите би можеле да се загрижат затоа што Маск би можел да го исцрпи „Спејс екс“, кој денес е јасен лидер во својата индустрија, за да го финансира „Екс еј-ај“, кој е само еден од многуте играчи на многу заситен пазар.
„Спејс екс“ се стреми кон процена од повеќе од 1,75 билион долари, што би ја направило една од највредните технолошки компании во светот.
Bloomberg
Зошто „Спејс екс“ планира излегување на берза?
Иако се верува дека „Спејс екс“ веќе остварува силен готовински тек, првенствено благодарение на сателитската интернет-мрежа Старлинк, компанијата ќе има потреба од значително повеќе капитал за финансирање на своите најголеми планови. Во интерна порака до вработените од декември, се наведува дека средствата собрани на берза би требало да финансираат понатамошен развој на ракетата „Старшип“ (Starship), изградба на ВИ-центри за податоци во вселената и идна база на Месечината.
„Спејс екс“ би можел да продолжи со собирање капитал и на приватниот пазар, без излегување на берза. Но потребите за финансирање очигледно значително пораснаа по преземањето на „Екс еј-ај“. Тој проект за вештачка интелигенција секој месец троши околу милијарда долари за да ги покрие трошоците за компјутерска инфраструктура, вклучувајќи и тренирање ВИ-модели, според извори запознаени со финансиската состојба на компанијата.
Статусот на јавна компанија би овозможил за „Спејс екс“ полесен пристап до поширокиот пазар на капитал. Тоа би можело да му помогне на ВИ-бизнисот побрзо да собере пари отколку конкурентите „Опен еј-ај“ и „Антропик“, барем додека и тие сами не излезат на берза. Сите овие компании веќе вложуваат стотици милијарди долари во развој на вештачка интелигенција.
Кон колкава процена и големина на понудата цели „Спејс екс“?
Сè укажува дека „Спејс екс“ преку ИПО би можел да собере и до 50 милијарди долари и да се стреми кон процена поголема од 1,75 билион долари.
Клучното прашање е дали таквата процена воопшто може да се одржи на јавниот пазар.
Аналитичарите ја проценуваат вредноста на компаниите според очекуваната добивка и раст, но и според конкуренцијата во индустријата и профитните маржи. Сепак, процената не е точна наука. Во периоди на силен раст на пазарите, инвеститорите често се подготвени да платат висока цена за акции, дури и кога тоа не може целосно да се објасни со финансиските показатели.
Некои од инвеститорите би можеле да проценат дека огромниот потенцијал на вселенското работење на „Спејс екс“ оправдува повисока цена отколку што би сугерирале моменталните финансиски резултати. Сепак, предизвиците поврзани со работењето на „Екс еј-ај“ би можеле да ја намалат привлечноста на компанијата.
Излегувањето на берза носи и одредени недостатоци. Како јавна компанија, „Спејс екс“ ќе мора секој квартал да ги објавува финансиските резултати и да одговара на прашањата на аналитичарите од Волстрит и јавните инвеститори. Плановите би можеле да бидат нарушени и од големи колебања на цената на акциите или нагли падови на вредноста по лоши вести.
Кога би можело да се случи ИПО
Ако сè помине без поголеми проблеми, Илон Маск би можел да го изведе „Спејс екс“ на берза веќе во јуни годинава.
„Блумберг“ објави дека компанијата ангажирала најголеми инвестициски банки од Волстрит за да ја подготват документацијата за ИПО. Таа вклучува финансиски податоци што ги бара СЕЦ (Комисија за хартии од вредност на САД), а инвеститорите сакаат да ги видат пред да одлучат дали ќе учествуваат во понудата.
Процесот обично започнува со доверлива пријава. Сепак, компанијата може јавно да објави дека ги поднела документите. Според информациите на „Блумберг“, овој чекор би можел да се случи веќе месецов.
По доверливата пријава започнува постапката во СЕЦ, која обично трае два-три месеци ако нема поголеми пречки. Потоа компанијата обично ги објавува документите јавно.
Тоа јавно објавување првпат ги открива сите финансиски податоци на компанијата и започнува период од 15 дена во кој инвеститорите можат да ги разгледаат. Потоа следува официјалната фаза на претставување на акциите на инвеститорите, обично со приближна цена пред да се утврди конечната цена.
Кој може да купи акции?
Откако банките ќе го определат опсегот на цената, започнува собирањето нарачки од институционалните инвеститори. Во исто време, и малите инвеститори можат да поднесат нарачки преку брокери поврзани со банките. Некои од милионите мали инвеститори што користат платформи како Робинхуд (Robinhood Markets) и Софај (SoFi Technologies) веројатно ќе можат да учествуваат директно преку своите апликации, иако во популарните ИПО квотите за таквите инвеститори често се многу ограничени.
Ден пред почетокот на тргувањето, „Спејс екс“ и банките ги договараат конечниот број акции што ќе се продадат и цената на акцијата. Притоа мора да се најде баланс помеѓу интересите на постојните акционери што не сакаат премногу разредување на сопственоста и новите инвеститори што сакаат пристап до акциите.
Откако ќе се утврди цената, тргувањето започнува следниот ден.
Како се подготвува Волстрит?
Големината на понудата, каква што Волстрит досега не видел, привлече голем број банки што сакаат да учествуваат во ИПО на „Спејс екс“. Повеќето големи инвестициски банки ќе бидат вклучени на некој начин.
Најголем престиж сепак носат водечката улога во понудата и учеството во клучните одлуки како маркетингот, одредувањето на цената и распределбата на акциите. Засега, како главни банки се спомнуваат Банката на Америка (Bank of America), „Ситигруп“ (Citigroup), „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group), „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.) и „Морган Стенли“ (Morgan Stanley), иако нивните точни улоги сè уште не се целосно јасни.
Како преземањето на „Екс еј-ај“ влијае на ИПО?
Не сите гледаа со благонаклоност на одлуката „Спејс екс“ да го преземе „Екс еј-ај“ пред излегувањето на берза. Причината е едноставна: „Екс еј-ај“ троши огромни суми на пари, што би можело да ја намали привлечноста на главните операции на „Спејс екс“, особено Старлинк.
Инвеститорите што сметаа дека вложуваат во вселенска компанија, сега добиваат и голема изложеност на вештачката интелигенција. Тие што се скептични кон тој сектор би можеле да заклучат дека преземаат дополнителен ризик во трката за доминација на пазарот на ВИ. Ако инвеститорите почнат да го гледаат „Спејс екс“ како сложен конгломерат, процената би можела да биде пониска од очекуваната.
Од друга страна, Илон Маск смета дека комбинацијата на бизнис со ракети, вселенски интернет, вештачка интелигенција и социјални мрежи создава вертикално интегриран иновациски механизам. Тој особено ја нагласува можноста за изградба на центри за податоци во вселената.
Еден аналитичар од „Пичбук“ (PitchBook) смета дека обединувањето на сите тие бизниси би можело да создаде уникатна инвестициска приказна на јавниот пазар. Како што наведува тој, комбинацијата на раст на бројот на корисници на Старлинк, доминацијата во лансирањето ракети и развојот на мобилен сателитски интернет е профил каков што денес не постои на берзата.
ИПО би можело да собере до 50 милијарди долари, надминувајќи го рекордот на „Сауди Арамко“ во 2019 година.
Bloomberg
Дали Маск ќе ја задржи контролата?
Пред преземањето на „Екс еј-ај“, Илон Маск поседуваше помалку од половина од акциите на „Спејс екс“ по големиот број приватни рунди на финансирање во кои учествуваа инвеститори како ФФ (Founders Fund), ФИ (Fidelity Investments) и „Алфабет“ (Alphabet). Колкав удел поседува по преземањето на „Екс еј-ај“, засега не е јасно.
Компанијата ја разгледува сопственичката структура по ИПО, која би можела да им овозможи на интерните акционери, вклучувајќи го и Маск, речиси целосна контрола над клучните стратешки одлуки. Инвеститорите што веруваат во потенцијалот на „Спејс екс“ и во досегашниот успех на Маск веројатно нема да се загрижат многу, но таков модел би можел да создаде проблеми ако нешто тргне наопаку и инвеститорите побараат промени во управувањето.
Како Маск ќе им го претстави „Спејс екс“ на инвеститорите?
Главната порака до инвеститорите ќе биде дека „Спејс екс“ доминира во комерцијалната вселенска индустрија и има огромен простор за раст, со силни врски со индустриите како одбрана и телекомуникации. Компанијата исто така има стабилен извор на приходи преку глобалната интернет-мрежа Старлинк и големата конкурентска предност во бизнисот со лансирање ракети.
Потешко ќе биде да се убедат инвеститорите дека овие бизниси ќе му помогнат на „Спејс екс“ да стане силен играч и во областа на вештачката интелигенција.
За да ја оправда огромната процена кон која цели, Илон Маск ќе се обиде да се потпре и на својот имиџ кај инвеститорите. Многу од нив добро заработиле на акциите на „Тесла“, чија вредност во последните десет години порасна за околу 3.000 проценти.
За дел од потенцијалните инвеститори во ИПО, тоа би можело да биде и најсилниот аргумент.