text size
Каматата е очекувана, но краткиот рок на достасување на новата еврообврзница значи дека инвеститорите не се подготвени да ѝ позајмуваат пари на Македонија по вакви камати. Ова е ставот на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“, предводен од главниот аналитичар Андреј Кнез, откако Македонија вчера ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра. Парите треба да се искористат исклучиво за финансирање на обврските по основа на стари долгови, кои достасуваат за отплата годинава. По основа на главнина и камата, за сервисирање стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главнина, како и 138 милиона евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година, за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра, со камата од дополнителни 25 милиони евра.