Владата на аукција на државни записи и обврзници завчера позајми 78 милиони евра. На аукцијата беа понудени и реализирани едногодишни државни записи во износ од 56,9 милиони евра со каматна стапка од 3,8 проценти, 15-годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ 16,2 милиони евра со камата од 5,6 проценти, како и 15-годишни државни обврзници со евроклаузула во износ од 4,8 милиони евра со камата од 5,35 проценти. Министерството за финансии во проспектот за аукциите информираше дека износот на државни хартии од вредност што достасува за исплата во април годинава е 50,5 милиони евра. Со оглед на тоа што од почетокот на годинава нема месец без нови задолжувања на државата, анализираме каква е состојбата со јавниот долг во Македонија и дали постои опасност од презадолжување.
Андреј Кнез, главен аналитичар во „Блумберг Адрија“, укажува дека учеството на јавниот долг во БДП од околу 60 проценти не е алармантно во согласност со границата според мастришкиот критериум, но додава дека е важно тоа учество да не се зголеми значително, односно фискалните политики да се формираат во насока на одржливоста на јавниот долг.
„Во моментов најголемиот предизвик за државните финансии е од политичка природа. Имаме избори во 2024 година, кои може да влијаат на зголемената перцепција за ризик од страна на инвеститорите доколку има пречки во формирањето на владата, што може да имплицира повисоки приноси и послаба побарувачка. Особено што во 2023 година во Македонија видовме како се реализираше политичкиот ризик преку оперативна пречка да се заврши емисијата на еврообврзницата“, вели Кнез.
Прочитај повеќе

Растот на доларот нема значително да го зголеми македонскиот јавен долг
Од Министерството за финансии велат дека во согласност со последните објавени податоци, заклучно со 31.12.2023 година, 5,9 отсто од јавниот долг е во долари.
20.03.2024

Јавниот долг ќе мора да го лекуваме со нови даноци
Изборите, каматите, достасувањето на долговите ќе бидат причини за зголемување на јавниот долг во 2024 година.
14.11.2023

Македонија го слави Денот на независноста: Тонеме во долгови 32 години
Нашата земја мина низ многу премрежија на политички и на економски план, а тоа најдобро го отсликуваат основните економски параметри
08.09.2023

Владата ќе бара заем од 78 милиони евра на аукција на записи и обврзници
Ќе се понудат едногодишни државни записи и 15-годишни државни обврзници.
04.04.2024

Владата на аукција на хартии од вредност ќе бара заем од 56 милиони евра
На аукцијата ќе бидат понудени едногодишни државни записи во износ од 1,5 милијарда денари (24,3 милиони евра) со каматна стапка од четири проценти.
01.02.2024

Владата нa аукција на едногодишни записи ќе бара заем од 21 милион евра
Ова ќе биде трета аукција на државни харти од вредност од почетокот на 2024 година.
16.01.2024
Имено, како што веќе пишуваше „Блумберг Адрија“, лани во март Македонија издаде четиригодишна еврообврзница во износ од 500 милиони евра со камата од 7,25 проценти. Тоа беше втор обид на земјата лани да се задолжи преку издавање обврзница и чинеше поскапо бидејќи еврообврзницата што беше издадена во февруари 2023 имаше камата од 6,5 проценти, но беше откажана поради техничка пречка (превид дека министерот за правда во заминување не може да даде согласност за ново задолжување).
Постои интерес за македонските обврзници
Кнез посочува дека сè уште има побарувачка за обврзници на Македонија и дека во 2024 година веќе се издадени околу 190 милиони евра 5-годишни и 15-годишни обврзници и околу 200 милиони евра државни записи.
„Најголем предизвик при задолжувањето е секогаш да не се исцрпуваат изворите на финансирање, но не гледаме дека тие ризици во моментов се изразени, бидејќи на домашниот пазар има солидна побарувачка, финансискиот сектор е ликвиден, но и приносите на еврообврзниците се атрактивни (за емисијата на еврообврзницата 2023 побарувачката беше четири пати поголема од понудата)“, вели Кнез.
Тој укажува дека приносите, кои значително пораснаа во последните неколку години и подразбираат повисоки трошоци за дополнителен долг, исто така се товар за државните финансии.
„Купонската стапка на петгодишните обврзници беше 1,7 процент во март 2019 година, додека во март 2024 година се зголеми повеќе од двојно, на 4,2 проценти. Каматните расходи во буџетот во 2023 година (првите 11 месеци) беа за околу 40 проценти повисоки од година на година (околу 5 проценти од вкупните расходи)“, објаснува Кнез.
Андреј Кнез
Нашиот аналитичар вели дека на крајот на февруари, паричната резерва на државата беше на ниво од околу 700 милиони евра, така што таа дефинитивно ќе се задолжи повеќе за да ги покрие достасувањето на долгот (околу 700 милиони евра) и очекуваниот дефицит во 2024 година (нешто повеќе од 500 милиони евра), но и да задржи одредено ниво на ликвидност.
„Во текот на 2024 година нема рочности на издадени обврзници на меѓународниот пазар, но следниот рок на достасување на еврообврзницата е во јануари 2025 година, така што обновувањето на оваа обврзница е многу веројатно на крајот на оваа година, што е донекаде поволно во однос на состојбата кога достасува на претходен датум, имајќи предвид дека до крајот на годината се очекуваат уште пониски приноси, бидејќи каматните стапки продолжуваат да паѓаат“, потенцира Кнез.
До 2027-та за отплата четири големи рати во вкупен износ од 2,4 милијарди евра
Во стратегијата за управување со јавниот долг се наведува дека во периодот 2024-2028 година се очекува продолжување на имплементацијата на инвестициите започнати во претходниот период од страна на носителите на јавен долг, но со цврста определба да не се загрози долгорочната одржливост на нивото на задолженост на земјата.
„Покрај ова, дел од задолжувањето е детерминиран за покривање на буџетските дефицити, односно непречено извршување на исплатите од буџетот, а дел од задолжувањето ќе биде наменет и за рефинансирање на претходните долгови што достасуваат во наредниот период“, пишува во документот.
Во стратегијата се посочуваат отплатите со поголеми износи што пристигнуваат во наредниот среднорочен период, и тоа 500 милиони евра што ќе треба да бидат обезбедени во 2025 година за рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2018 година, 700 милиони евра што достасуваат во 2026 година како резултат на издадената еврообврзница во 2020 година, 500 милиони евра во 2027 година за еврообврзницата издадена во март 2023 година и 700 милиони евра што достасуваат во 2028 година како резултат на издадената еврообврзница во 2021 година.
Ќе се надмине максималниот праг
Со цел да се обезбедат извори за финансирање на потребите на државата со најнизок трошок на среден и долг рок со истовремено одржливо ниво на ризик, со политиката за управување со јавниот долг Владата дефинира неколку среднорочни и краткорочни лимити, што е во согласност со Законот за јавен долг.
„Среднорочните проекции прикажани во оваа стратегија покажуваат дека јавниот долг до крајот на 2023 година се предвидува да е во пропишаните рамки под 60 проценти од БДП, а во 2024 година ќе го надмине максималниот праг од 60 проценти, но како резултат на мерките на фискална консолидација, од 2025 до 2028 година се предвидува повторно враќање во пропишаните рамки под 60 проценти од БДП“, се наведува во стратегијата.