Европскиот природен гас закрепна, додека трговците се обидуваат да ги балансираат ефектите од топлата зима со потребата да се одржат цените доволно високи за да биде одржлив увозот на течен природен гас.
Референтните фјучерси добија дури 7,9 отсто на својата вредност во нестабилното тргување денеска. Благите временски услови ја намалија побарувачката за греење, обезбедувајќи со тоа резервите да останат пополни од вообичаено. Сепак, постои загриженост дека резултирачкиот пад на цената од околу 50 отсто во текот на изминатиот месец може да предизвика испораките на течен природен гас да се упатат на друго место.
Иако Европа досега успеа добро да се справи со енергетската криза без преседан, што ја поттикна инфлацијата, сепак има уште многу од зимата пред нас. Увозот на течен природен гас е критичен во замена на некои резерви на гас во услови на намален проток од Русија, но пониските цени значат дека веќе е попрофитабилно за американските продавачи да испраќаат танкери во Азија во текот на февруари и март, особено ако таму е ладно.
„Во случај на пренасочување на товарот, недостигаат значителни основни количества на оптоварување, со што се поставува природна граница на нивоата на цените. Сепак, на крајот Европа мора да привлече течен природен гас за да го замени руското снабдување“, рече Симоне Тури, шеф на западноевропското структурирано тргување во швајцарскиот трговец со енергија „МЕТ интернешнел“ (MET International).
Европските и азиските цени се следат меѓусебно, бидејќи двата региона се натпреваруваат за истиот извор, односно снабдувач на течен природен гас. Цените на течниот природен гас во Северна Азија се зголемија поради прогнозата од Кина за постудено време на крајот на месецот. Евтиниот гас може повторно да ја зголеми побарувачката за енергија во Европа, ситуација што политичарите се обидуваат да ја избегнат. „За европските индустрии, пониските цени значат дека некои фабрики може да ја рестартираат работата“, рече Тури. „Но претстојната рецесија ќе го ограничи зголемувањето на побарувачката“, додаде тој.
„Учесниците на пазарот веруваат дека европскиот биланс на гас не е доволно удобен за да се дозволи значително зголемување на побарувачката за гас за производство на електрична енергија, особено затоа што падот на цената може да предизвика и рестартирање на одредена индустриска побарувачка“, велат од аналитичката платформа „Енџи“ (Engie SA) на „Енерџискен“ (EnergyScan).
Во меѓувреме, Обединетото Кралство добива помалку течен природен гас поради лошите временски услови што го одложија истоварот во Милфорд Хевен, кој е дом на два увозни терминали. Испраќањата од овие капацитети во мрежата сега се на најниско ниво од октомври.
Испораките на норвешкиот гас во Европа се искачија на највисоко ниво од април, бидејќи нациите како Германија се потпираат на нордиската земја за да го надоместат недостигот од Русија. Натпросечни температури се предвидуваат најмалку до средината на февруари.
Холандските фјучерси за месец однапред, кои се мерило за европскиот пазар, се зголемија за 7,1 отсто, достигнувајќи 74,50 евра за мегават-час. Еквивалентниот договор во Обединетото Кралство се зголеми за 8,2 проценти.