Македонската индустриска сага
Само Македонија од регионот Адрија има пад во индустријата лани. Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ го оценува индустриското производство во Македонија како „и натаму болно“, а не очекува закрепнување во текот на оваа година. Ваквите прогнози на нашите аналитичари, кои во најдобар случај значат стагнација во дел од подобрите сектори во индустријата, не се однесуваат само за Македонија туку и за другите земји од регионот Адрија.
Ги анализиравме и финансиските извештаи што деновиве ги објавија компаниите од повеќе индустриски сектори. Кризата удри по сите сектори. Главна причина за лошите резултати на македонските компании е енергетската криза. Скапата струја на слободниот пазар, рекордните цени на гасот и скапите горива ги изедоа добивките на компаниите.
Еврозоната во стагнација
Економијата во еврозоната стагнираше кон крајот на 2022 година, бидејќи резултатите во Германија и Ирска беа полоши од очекуваните и помогнаа да се намалат почетните прогнози за растот.
Бруто-домашниот производ во последните три месеци е непроменет во однос на претходниот квартал од минатата година, што е полошо од прелиминарната процена за пораст од 0,1 отсто, покажаа најновите податоци објавени од Евростат.
Во океаните има 170 илјади милијарди парчиња пластичен отпад
Постојат повеќе од 170 илјади милијарди, или два милиона тони мали пластични честички што лебдат на површината на океаните, а многу од нив се најдоа таму по 2004 година, покажува истражувањето објавено во списанието „Плос уан“ (PLOS One).
Снимени меѓу 1979 и 2019 година, примероците од 2005 година наваму откриваат брзо и невидено зголемување на пластиката во океаните. Во меѓувреме, повеќето земји заостануваат дури и во градењето инфраструктура што би спречила излевање на пластичниот отпад во околината.
На берзите...
На светските берзи е малку постабилно по првичниот пад на индексите, предизвикан од остриот говор на претседателот на американските Федерални резерви (ФЕД), Џереми Пауел, кој најави дека борбата со инфлацијата можеби ќе бара повеќекратно и повисоко зголемување на каматите отколку што се очекуваше.
Американските индекси варираа меѓу мал пад и мал раст, кои не надминаа половина процент. Минимален беше падот и на европските берзи, додека во Азија утрово сликата е мешана.
Курсот меѓу еврото и доларот речиси не се промени, па еврото се тргуваше за 1,0548 долар.
ВТИ и нафтата брент забележаа минимални промени и се тргуваат по цена од 76,65, односно 82,68 долари за барел.
На криптопазарот биткоинот загуби 1,2 отсто од вредноста и се спушти под границата од 22.000, односно чини 21.732,39 долари. Етерот, пак, падна за 0,9 отсто, на 1.538,72 долари.
Денеска читајте...
Пишуваме за тоа дека дивидендите на акциите не можат да се борат со високите камати, што доведува до анемија на берзата.
Поминаа два месеца берзанско тргување во кое за инвеститорите во Македонија важат нови даночни правила, па анализираме кои се клучните карактеристики на домашниот пазар на капиталот во овој период.
Но анализираме и што се крие зад откупот на сопствени акции кај македонските компании, односно кои се придобивките и целите поради кои компаниите најчесто се одлучуваат на овој чекор.