Македонија ќе добие 5 милијарди фунти (6,6 милијарди американски долари) од Обединетото Кралство како финансиска поддршка за инвестиции во инфраструктура и други клучни сектори, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред новинарите во Скопје во саботата.
Владата ќе ги добие финансиските средства под услови што тој ги опиша како „најдобри достапни на пазарот“. Тој истакна дека првичните отплати нема да треба да почнат до 2027 година, иако не прецизираше кога ќе бидат исплатени средствата.
Влада на Република Северна Македонија
„Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе биде основата и фундаментот на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од пет милијарди фунти односно шест милијарди евра. Дел од парите ќе бидат за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 900 легла, изградба на болницата во Кичево, заедно со здравствен дом, реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Во наредните денови ќе се потпишат договори и за овие инвестиции“, рече Мицкоски на заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор Метју Лосон во Владата.
Прочитај повеќе

Можен ли е инвестициски бум од шест милијарди евра во Македонија?
Визијата на Владата е да се поттикнат економски раст и развој и да се подобрат условите за бизнис и животниот стандард на граѓаните.
14.05.2025

Различни проекции за БДП - има ли простор за оптимизам?
Светска банка смета дека македонската економија годинава ќе забави и нема да ги достигне ни ланските 2,8 отсто
12.05.2025

Македонска банка оценета за христијански ЕСГ-стандарди
„Инспајар импакт скор“ е алатка што се користи во инвестицискиот свет за да се процени колку добро компанијата работи во согласност со христијанските вредности.
09.05.2025

Многу пари, малку готови патишта
До почетокот на туристичката сезона ќе биде готов дел од автопатот Кичево-Охрид.
28.04.2025
Покрај економската соработка, вклучително и во капитални инвестиции, во инфраструктурата и здравството и енергетиката, партнерството што го формализираме, додаде тој, ќе придонесе за модернизација на нашите вооружени сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите, за зголемување на безбедноста на границите и да се спротивставиме на трговијата со луѓе и шверцот. Ќе ја засили, како што рече Мицкоски и соработката во областа на образованието, дигиталната трансформација и иновациите, а ќе ги поврзе и нашите млади, креативни генерации преку културата, науката и новите технологии.
„Обединетото Кралство беше со нас уште во најраните и најтешките денови на нашата независност. Беше меѓу првите држави што нè препознаа, ни подадоа рака и инвестираа во нашата стабилност и институционален развој. Градејќи ја нашата демократија, ја имавме нивната целосна поддршка. И овие денови, ова силно партнерство е логично продолжение на тоа заедништво, засновано на доверба, почит и заедничка визија“, рече Мицкоски оценувајќи дека со оваа декларација се отвора новото поглавје во односите помеѓу двете држави.
Лосон оцени дека договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство во НАТО и мошне богата трговска врска.
„Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја“, рече Лосон.
Ова не е партнерство само на хартија туку партнерство на споделени вредности и посветеност, посочи британскиот амбасадор.
„Како дел од тоа преку билатералното партнерство, ќе ја продлабочиме и понатаму нашата врска преку одбранбената соработка, образование, справување со организираниот криминал како и шверцување на мигранти во овој регион, во Обединетото кралство и во други земји“, порача Лосон.
Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер вчера на средба во Тирана одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, оценија дека договорот за стратешко партнерство ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.

Договорот е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Се оценува како историски и се очекува да отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени.
Со потпишувањето на договорот, Македонија треба да добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Дополнително, соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.
Националистичката партија на Мицкоски дојде на власт минатата година откако претходната влада не успеа да го унапреди обидот на поранешната југословенска земја да се приклучи кон Европската Унија. Оттогаш, тој бара билатерални договори за задоволување на потребите за задолжување и зајакнување на политичките врски. Близок сојузник на унгарскиот лидер Виктор Орбан и гласен поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп, Мицкоски ја позиционираше својата влада поблиску до десничарските европски сојузници.
Од октомври, неговата администрација обезбеди заем од милијарда евра (1,1 милијарда долари) од државната унгарска Експорт-импорт банка. Финансирањето од Обединетото Кралство – приближно еднакво на проектираните приходи во буџетот на Северна Македонија за 2025 година – ќе поддржи инвестиции во железничката инфраструктура, болници и одбрана, според Мицкоски. Тој рече дека задолжувањето не треба да го оптоварува јавниот долг, бидејќи очекуваниот економски раст од тие инвестиции треба да биде поголем од какво било зголемување, пренесе „Блумберг“.