Претседателот Доналд Трамп изјави дека неговата администрација води разговори со Универзитетот Харвард и дека можна е најава на договор во текот на следната недела, што потенцијално би ставило крај на застојот кој ги доведе во прашање милијарди долари за финансирање и предизвика бурна правна битка.
„Тие се однесуваа исклучително соодветно за време на овие преговори и изгледа дека се посветени на тоа да постапат правилно“, напиша Трамп на Трут Соушл. „Ако се постигне договор врз основа на тековната дискусија, тој ќе биде неверојатно ИСТОРИСКИ и многу добар за нашата земја.“
Овој позитивен тон на Трамп претставува потенцијален пресврт во една од најзначајните контроверзи од неговиот мандат досега, откако ги обвини американските универзитети дека поттикнуваат антисемитизам и ги критикуваше за, како што рече, нивната либерална пристрасност. Харвард, најстариот и најбогат универзитет во САД, беше главната цел на нападите — Трамп укина над 2,6 милијарди долари финансирање за истражувања, го доведе во прашање даночното ослободување на институцијата и се обиде да спречи запишување на странски студенти.
Прочитај повеќе

Трамп против Харвард: што ќе донесе спорот?
Владата на САД ги прекина грантовите за Харвард, а универзитетот поднесе тужба - спор што би можел да ја одреди судбината на американските приватни образовни институции.
25.05.2025

„Харвард“ веќе нема да биде ослободен од даноци, најави Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека престижниот универзитет „Харвард“ ќе го загуби статусот за даночно ослободување.
02.05.2025
Харвард возврати, доведувајќи го во прашање интересот на администрацијата искрено да соработува во борбата против антисемитизмот, обвинувајќи ја за „неконституционални барања“ кои би ја уништиле академската слобода. Универзитетот поднесе тужба против владата заради замрзнувањето на федералното финансирање и обидите за забрана на странски студенти на Харвард.
Белата куќа одби да даде коментар освен објавата на претседателот. Од Харвард веднаш не одговорија на барањето за коментар, и не е јасно колкаво е тековното несогласување меѓу двете страни во преговорите.
Трамп, исто така, се насочи и кон други универзитети, замрзнувајќи федерални средства за неколку престижни институции, вклучувајќи ги Универзитетот Нортвестерн, Корнел и Колумбија.
Колумбија преговараше со администрацијата за решавање на прашањата со финансирањето, и во март се согласи на листа барања, меѓу кои проширување на овластувањата на универзитетската полиција, заострување на правилата за протести и ограничување на носењето маски кои ја прикриваат идентичноста.
Иако овие потези предизвикаа револт кај дел од професорите и студентите, американските власти навестуваа дека Колумбија е на добар пат повторно да добие пристап до федералните средства.
Оптимизам околу Харвард
Белата куќа во последните недели сигнализираше оптимизам за можно постигнување договор со Харвард. Трамп изјави пред новинарите на 5 јуни дека Харвард „почнува да се однесува како што треба“, а секретарката за образование Линда Мекмахон, на настан организиран од „Блумберг њуз“, минатата недела рече дека официјалните лица „постигнуваат напредок во некои од разговорите“ со универзитетот.
Мекмахон додаде дека договори за согласност (consent decrees) се разгледуваат како можен начин за решавање на споровите меѓу администрацијата на Трамп и универзитетите. Договорите за согласност се обврзувачки правни договори кои можат да наложат судски надзор над институциите.
Минатиот месец, корпорацијата Харвард – моќното тело кое го надгледува универзитетот – избра конзервативен адвокат, Канон Шанмугам, за свој член, во време на невидени напади од страна на администрацијата на Трамп. Корпорацијата Харвард и нејзината претседателка, поранешната секретарка за трговија на САД Пени Притцкер, се под силен надзор откако на 7 октомври 2023 се случија нападите на Хамас врз Израел и одмаздничкиот одговор на Израел во Газа.
Харвард изготви извештаи за антисемитизам и антимуслиманска пристрасност на кампусот по нападите. При објавувањето на извештаите, претседателот на Харвард, Алан Гарбер, се извини „за моментите кога не успеавме да ги исполниме високите очекувања кои со право ги поставуваме за нашата заедница.“ Тој неодамна призна дека и самиот бил изложен на антисемитизам на Харвард.
Гарбер изјави дека барањата на администрацијата на Трамп претставуваат неприфатливо мешање на владата. Харвард, во две одделни тужби, тврди дека постапките на владата се одмаздољубиви и претставуваат незаконско мешање во автономијата на универзитетот.
Во петокот, судијката од Окружниот суд на САД, Алисон Бароуз, нареди владата да му дозволи на Харвард да продолжи со запишување на странски студенти додека трае судската постапка, откако администрацијата во мај му ја одзеде таа можност. Таа не се осврна на посебната изјава на Трамп од 4 јуни, со која им се забранува влез во САД на странски студенти и научници од Харвард, но нејзината претходна одлука за блокирање на таа забрана останува на сила до понеделник.
Бароуз ќе ги сослуша усните аргументи за посебниот случај поврзан со кратењето на средствата за Харвард на 21 јули. Во таа постапка, 24 други универзитети и над 12.000 поранешни студенти на Харвард се меѓу групите што поднесоа правни документи во поддршка на универзитетот.
Последици врз истражувањата
Покрај укинувањето на федералното финансирање за истражувања и некои договори со Харвард, администрацијата на Трамп соопшти дека универзитетот со седиште во Кембриџ, Масачусетс, нема да може да добива нови средства. Претседателот исто така повеќепати повика Харвард да ги загуби даночните олеснувања, што би имало значајни финансиски последици, и покрај тоа што универзитетот располага со фонд од 53 милијарди долари.
Акциите на Белата куќа го нарушија животот на студентите, професорите и вработените на Харвард. Замрзнувањето на финансирањето сериозно ги погоди истражувањата за болести како рак и СИДА и доведе до отпуштања на кампусот. Харвард минатиот месец најави дека ќе вложи дополнителни 250 милиони долари од сопствени средства во истражувањата, за да покрие барем дел од недостигот. Некои истражувања се запрени и во болниците во Бостон кои се поврзани со и финансирани од универзитетот.
Харвард претставува клучна алка во пошироката економија на Масачусетс, а неговиот конфликт со администрацијата на Трамп претставува закана за индустриите за здравствена заштита, бионауки и технологија, кои се потпираат на талентите и стартапите што произлегуваат од универзитетот.
Универзитетот има околу 6.800 странски студенти, што претставува 27 отсто од вкупниот број на студенти. Тие студенти се значаен финансиски ресурс за Харвард, бидејќи многумина од нив ја плаќаат целосната школарина. И покрај поволните судски одлуки досега, странските студенти на Харвард и натаму се соочуваат со проблеми со визите и со значителна неизвесност околу тоа дали и кога ќе можат да се вратат на кампусот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...