На дините на Троја, ветровит полуостров јужно од Лисабон, Џулијан Хениг го тестира својот најнов изум. Искусниот дизајнер на „Епл“ (Apple Inc.), кој работеше под водство на Стив Џобс и Џони Ајв и учествуваше во развојот на „Епл воч“ (Apple Watch) и уредот за виртуелна реалност „Вижн про“ (Vision Pro), има долга историја на редефинирање цели категории производи. Пред да ја напушти компанијата „Епл“, Хениг беше еден од водечките луѓе во сега згаснатиот проект за развој на автомобилот на „Епл“. Сега се враќа за да наруши еден сосема поинаков пазарен сегмент на возила: пазарот на голф-возила.
„Амбл уан“ (Amble One) на Хениг претставува пример за префинета воздржаност. Ова возило од отворен тип има седишта обложени со светлобеж кожа, настрешница изработена од платно наменето за јахти и впечатлив изглед што го издвојува од досегашните модели. Покажувајќи ги минималистичките команди на инструмент-таблата и воланот обложен со плута, Хениг, кој исто така беше главен дизајнер во „Ауди“ (Audi) и „Ламборгини“ (Lamborghini), се присетува како „Амбл уан“ ги привлекувал погледите додека го превезувале низ градот. „Луѓето што поминуваа велеа: 'Доаѓа лунарно возило!'“
Тој и коосновачот Мајкл Тропер, кој претходно дизајнираше кабини од прва класа за „Бритиш ервејс“ (British Airways), три години во тајност го развиваат овој проект. Покрај тоа што „Амбл уан“ го унапредува возењето до пооддалечените дупки на теренот за голф, тие гледаат многу поголема можност на повеќемилијардниот пазар на таканаречената „мобилност на кратки релации“, односно возила што ја пополнуваат празнината меѓу електричните велосипеди и „Тесла“ (Tesla), а кои, барем во САД, речиси и не се промениле уште од времето на филмот „Кедишек“ (Caddyshack). Замислете луксузни одморалишта, затворени станбени заедници, приградски населби, а еден ден и поголеми градови. „Сигурно ќе го возам детето на училиште со Амбл“, вели Хениг.
Тропер и Хениг/Matilde Viegas/Bloomberg Businessweek
Електричното возило, хомологирано за возење по јавни патишта, со максимална брзина од околу 70 километри на час и досег од околу 100 километри, официјално почна со претпродажба кон крајот на јуни, додека тимот на компанијата „Амбл СА“ (Amble SA) ги зголемува производствените капацитети – иако ќе биде тешко да се дојде до него. Компанијата почна со продажба на приватни хотелски групации, кои го купуваат возилото по цена од 25.000 долари во поголеми количини, а производствените капацитети за 2027 година веќе се распродадени.
Хениг и Тропер се запознале за време на студиите по дизајн во нивната родна Австрија во деведесеттите години. Тропер добил работа во студиото за напреден дизајн на „Форд мотор“ (Ford Motor Co.) во Лондон, а подоцна беше коосновач на агенцијата „Фор Пипл“ (ForPeople Ltd.), чии клиенти, меѓу другите, се „Херман Милер“ (Herman Miller), „Интерконтинентал хотелс“ (InterContinental Hotels) и кинескиот производител на електрични автомобили „Нио“ (Nio). Хениг заминал во „Ауди“ (Audi), каде што подоцна го предводел развојот на лимузината А4. Тој го дизајнирал и футуристичкото купе РС-кју (RSQ), концептен автомобил користен во научнофантастичниот филм „Јас, робот“ (I, Robot). На холивудската премиера на тој блокбастер, вели дека „го запознал Том Круз и му покажал фотографија од купето, а тој рекол: 'Одличен дизајн!'“
Додека работел во „Ламборгини“ во 2009 година на концептите за суперавтомобилот „Хуракан“ (Huracán), Хениг му го испратил своето портфолио на Џони Ајв, тогашен директор за дизајн во „Епл“. На негово изненадување, регрутер од „Епл“ го повикал во седиштето на компанијата во Купертино, Калифорнија, по што му се приклучил на тимот на Ајв. Во следните четири години главно работел на „Епл воч“, настојувајќи да го модернизира рачниот часовник без да ја изгуби неговата механичка суштина, а истовремено да ги усвои знаењата на „Епл“ за науката за материјали и управувањето со синџирите на снабдување. Запрашан за својата улога во автомобилот на „Епл“, кој никогаш не беше претставен, Хениг се насмевнува и вели дека не може да зборува за тоа, а потоа разговорот го насочува кон разликите меѓу автомобилскиот и индустрискиот дизајн.
Хениг го напуштил „Епл“ по десет години и од Купертино се преселил во Лисабон. За време на пандемијата на ковид-19 дизајнирал даски за сурфање, кога неговата следна голема идеја буквално му се појавила пред нозе. Тој и неговиот пријател Жозе Антонио Ува минувале време во парк со своите синови, кога Ува попатно спомнал колку тешко наоѓа квалитетни голф-возила. Ува, португалски хотелиер, го развивал комплексот „На Праја“ (Na Praia), кој се простира на околу 400 хектари на полуостровот Троја. Поради непривлечниот изглед на постојните модели, не можел да се натера да ги купи 80-те возила потребни за превоз на гостите.
Ува (лево), Руз и Делаж/ Matilde Viegas/Bloomberg Businessweek
Ува не бил единствениот. Неговите колеги од светот на луксузните одморалишта, како оние прикажани во серијата „Белиот лотос“ (The White Lotus), не можеле да поднесат што изгледот на нивните беспрекорно уредени комплекси мора да го нарушуваат кичести четириседи, какви што може да се видат во туристичките комплекси на „Дизни“ (Disney). Нивното незадоволство не се однесувало само на естетиката. Голф-возилата главно се неудобни, склони кон превртување, често се расипуваат, а притоа не се ни евтини (од 15.000 до 40.000 долари).
„Направени се за тревнати терени за голф, а не за обичен терен“, вели Ува, жалејќи се дека хотелиерите се принудени „да ги крпат“ своите возни паркови за да ги одржат во функција. „На секој нивни имот има некое складиште полно со неупотребливи голф-возила, расклопени за резервни делови.“
Хениг почнал да скицира нови концепти за голф-возила и брзо го вклучил својот долгогодишен пријател Тропер. Она што почнало како забавен проект со Ува, набрзо прераснало во многу поамбициозна идеја. Тројцата сфатиле дека различни заедници, особено во САД, се потпираат на производи наменети за сосема поинаква употреба. „Тогаш ни светна“, вели Хениг. „Можеме да изградиме нова компанија за мобилност, а не само подобри голф-возила.“
Приказните за настанокот на голф-возилата се разликуваат, но генерално се смета дека тие се појавиле пред речиси еден век како помагало за лица со попреченост, пред да станат вообичаено превозно средство на терените за голф. Рекламите од шеесеттите години за модели како „Кеди кар“ (Caddy Car) и „Пар пејсер“ (Par Pacer) ветувале дека голферите ќе останат свежи и до „19. дупка“. Денес премиум-брендовите нудат луксузни додатоци, како мултимедијални екрани, фрижидери и држачи за чаши од јаглеродни влакна. Некои работилници дури ги приспособуваат возилата да изгледаат како намалени верзии на „Хамер“ (Hummer) или „Ролс-Ројс“ (Rolls-Royce). „Кич“, вели Хениг. „Тоа е како Хомер Симпсон да го дизајнира својот автомобил.“
Работејќи во студиото на Тропер во Лондон во 2023 година, тие се обиделе да ги елиминираат сите наталожени дизајнерски компромиси од минатото, а притоа да ги избегнат специфичностите на возилата за возење по песочни дини и на теренските возила ATV. Инспирација пронашле во едноставните силуети на ретро-возила, вклучително и, како што вели Хениг, „суперкул“ лунарниот ровер на НАСА од 1971 година. Откако прво ги прикачувале формите на ѕид за да ја визуелизираат силуетата, преминале на тридимензионален модел изработен од дрво и картон. Предниот и задниот простор за товар ги замениле стандардните прегради за ситници и држачите за палки за голф. „Го составивме на наједноставен можен начин“, вели Тропер, кој поминал безброј часови усовршувајќи го „просторот за нозете, висината за главата, аглите на прегледност и влегувањето и излегувањето од возилото“.
Беа потребни уште седум месеци компјутерско моделирање и изработка на физички прототипови за да се создаде функционална верзија, која Хениг, Тропер и Ува ја тестираа за време на пробните возења низ комплексот „На Праја“ (Na Praia) во 2024 година. За да се подготват за масовно производство минатата година, го ангажираа Франсоа Ксавиер Делаж, долгогодишен главен инженер во тимовите на „Рено“ (Renault) во Формула 1. Тоа можеби изгледа претерано за возило што едвај го надминува ограничувањето на брзината во училишните зони, но инженерите во Формула 1 се специјализирани за усогласување на тежината и трошоците со исклучително сложените технички правила на овој спорт. Се покажа дека токму тоа е идеално за исполнување на европските и азиските прописи за мали возила наменети за јавни патишта, кои бараат тежина помала од околу 1.000 фунти и ширина помала од пет стапки.
Паметните компромиси беа составен дел од процесот на развој. Делаж се сеќава на жестоките расправи околу тоа колку челик може да вгради во алуминиумската шасија за да ги намали трошоците и дали можат да отстранат една попречна шипка под настрешницата за да заштедат на тежина. „Џулијан ќе прашаше: 'Зошто ни е потребен овој страничен ретровизор?' Па затоа што така налагаат прописите“, вели Делаж, присетувајќи се дека Хениг веднаш предлагал можни решенија: „Можеме ли да го поместиме? Да биде пократок? Зошто мора да се поместува?“ Резултатот е возило составено од само 150 делови.
Во исто време, Ува ги користеше своите контакти меѓу хотелиерите за да собере повратни информации за прототиповите и да пронајде потенцијални купувачи. На компанијата „Амбл“ ѝ се приклучи Адриен Руз, кој претходно раководеше со белгиски производител на електрични велосипеди, како главен извршен директор. Компанијата обезбеди инвестиции од фондовите „Тракс ВЦ“ (Trucks VC) од Сан Франциско и „468 Капитал“ (468 Capital) од Берлин, а очекува да стане профитабилна во 2028 година. Нарачките од хотели и одморалишта во просек изнесуваат околу 40 возила, односно приближно еден милион долари, вели Руз, предвидувајќи дека гостите на тие хотели со пет ѕвезди ќе станат природна, но и платежно способна база на идни поединечни купувачи.
Волан обложен со плута./Matilde Viegas/Bloomberg Businessweek
Возење на возилото низ полуостровот Троја/Matilde Viegas/Bloomberg Businessweek
Предниот и задниот товарен простор ги заменија со касети за ситници и држачи за палки за голф/Matilde Viegas/Bloomberg Businessweek
Поради тоа, тимот на стартапот, кој брои 12 вработени, веќе размислува за моделот Амбл 2 (Amble Two), наменет за поурбани средини, со полузатворена кабина што изгледа како комбинација од „Ривиан“ (Rivian) и „Ленд Ровер“ (Land Rover), намалени на компактни димензии. Тој модел е сè уште со години далеку од производство, но идејата е купувачите да го изберат „Амбл“ наместо втор автомобил за кратки одења до продавница или до блискиот ресторан. Малите двоседи на електричен погон, како „Ситроен ами“ (Citroën Ami) и „Фиат тополино“ (Fiat Topolino), постигнаа голем успех во Европа токму поради тоа, но Руз вели дека тие се премногу тесни, додека традиционалните голф-возила се едноставно - голф-возила. На шега вели дека пазарниот лидер „Клаб кар“ (Club Car), чија вредност се проценува на повеќе од две милијарди долари, „не инвестирал во истражување и развој уште од, не знам, Втората светска војна“.
Возилото е наменето за луксузни одморалишта, со амбиција да се прошири и во градската употреба за кратки релации, како што е превозот на деца до училиште/Matilde Viegas/Bloomberg Businessweek
Од компанијата „Клаб кар“ велат дека нивното повеќедецениско искуство и пазарната позиција ја потврдуваат популарноста и долговечноста на нивните возила, како и дека во своите производи се стремат кон сигурност, а не кон новитети.
За време на возењето низ комплексот „На Праја“, Хениг управува со моделот „Амбл уан“, додека Тропер седи на задното седиште. Тој нивното патување го споредува со она што поранешниот директор во „Епл“, Тони Фадел, пионерот на ајпод (iPod), го направи во компанијата „Нест“ (Nest): со пренесување на дизајнерската филозофија од Купертино на запоставениот домашен термостат, значително ја намали потрошувачката на енергија. Хениг смета дека новото преосмислување на голф-возилата од страна на „Амбл“ на сличен начин би можело да создаде нова категорија одржлив превоз.
Потоа, додека прави полукружно вртење на недовршен пат, Хениг забележува дека сè уште треба да ги променат димензиите на тркалата за да го намалат радиусот на вртење. Подоцна размислува дека и корпоративните кампуси би можеле да бидат идеална средина за ова футуристичко возило, особено некое место со седиште што потсетува на вселенски брод. „Би сакал Амбл да биде во ‘Епл парк’ (Apple Park)“, вели тој. „Тоа би било навистина одлично, зарем не?“