Нова студија на научниците од University College London (UCL) покажа дека пеењето, сликањето или одењето во галерија и музеј би можеле да го забават биолошкото стареење. Оваa е една од првите научни анализи што ги поврзува уметноста и културата со подобра општа здравствена состојба.
„Нашето истражување ги обезбедува првите докази дека учеството во уметнички и културни активности е поврзано со побавно биолошко стареење“, вели д-р Феифеи Бу, една од авторките на проектот.
Таа додава дека резултатите се надоврзуваат на претходни научни опсервации кои покажуваат дека уметничките активности можат да го намалат стресот, воспаленијата во организмот и ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Бу и нејзиниот тим, предводен од професорката Дејзи Фанкорт како главна авторка на истражувањето, наведуваат дека активното занимавање со уметност и учеството во културни настани даваат резултати слични на физичката активност. Тие тврдат дека ефектот на уметноста врз темпото на стареење е споредлив со разликата помеѓу пушачи и луѓе кои престанале да пушат.
Уметничка работилница еднаш неделно - забавување на стареењето за четири проценти | Depositphotos
Според една од методите користени во истражувањето, лицата кои барем еднаш неделно се занимавале со уметнички активности го забавиле процесот на стареење за четири проценти, а месечното учество било поврзано со забавување од три проценти. Друга метода, пак, покажала дека лицата кои барем еднаш неделно учествувале во уметнички активности биле биолошки помлади за околу една година во споредба со луѓето кои ретко се занимаваат со такви активности. За споредба, лицата кои вежбале еднаш неделно биле биолошки помлади за околу шест месеци.
Учесниците во истражувањето одговарале колку често пеат, танцуваат, сликаат, фотографираат или се занимаваат со креативни хобија, но и колку често посетуваат изложби, музеи, библиотеки, архиви, историски локации или културни настани.
Резултатите се објавени во научното списание „Иновејшн ин ејџинг“ (Innovation in Aging), а се базираат на анализи на крв и одговори од 3.556 возрасни учесници во британската лонгитудинална студија за домаќинства. Истражувачите преку примероци од крв ја проценувале биолошката возраст на испитаниците и брзината на нивното стареење.
На крајот од извештајот пишува дека истражувањето не наведува дека побавното стареење автоматски значи и подолг животен век, а научниците предупредуваат дека ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали постои директна поврзаност помеѓу уметничките активности и долговечноста. Сепак, како што се наведува, резултатите укажуваат дека луѓето кои почесто се занимаваат со уметност имаат и побавно темпо на биолошко стареење.
Пеењето како „лек“ за телото и умот
Иако исклучително ретко, и на домашната сцена има иницијативи што ја промовираат уметноста како алатка за благосостојба и социјална поврзаност. Еден таков потфат е „Фрида“, аматерски хор за жени над 40 години фокусиран на креативно изразување и создавање простор за психолошка и емоционална поддршка преку уметноста.
Пејачката и наставничка по музичко образование Сузана Турунџиева која е основач на проектот верува дека уметноста навистина може да придонесе за подолг и поквалитетен живот.
„Со сигурност тврдам дека пеењето, свирењето на некој инструмент и бавењето со некаква уметност може да го одложи стареењето и нашиот живот да добие додадена вредност“, вели таа за „Блумберг Адрија“.
Само добри ноти | Depositphotos
Турунџиева истакнува дека хорското пеење не е само форма на емоционално поврзување и дека има и подлабоко влијание врз телото и психата.
Лична архива
„Гласот е најчудесниот и најуникатниот инструмент во универзумот. Групното или хорското пеење создава неверојатна синергија и има огромна исцелителна моќ. Кога повеќе гласови се фокусираат на една мелодија и почнуваат да музицираат, при тоа и умешно се слушаат и надополнуваат, тогаш се создаваат чудесни вибрации и хормонот на среќата е притиснат на најјако“, објаснува таа.
Нашата соговорничка смета дека културата и уметноста се потценет фактор кога станува збор за долговечноста и квалитетниот начин на живот.
„Кај нас, за жал, се’ уште музикотерапијата не е многу присутна и вметната во програмски проекти за активно стареење и доживотно учење за разлика од многу развиени земји каде овој метод е задолжителен и многу применет и во клиниките и во домовите за стари лица“, истакнува таа.