Платежните картички имаат 73 години. Првата пластична картичка е ставена во функција во 1950 година. И тогаш имало трговци што прифаќале ваков безготовински начин на плаќање. Но овој вид на плаќање добива вистински замав дури кон средината на 1990-тите.
Картичките најтешко влегоа во употреба кај малите трговци. Тие почнаа да ги прифаќаат дури по 2010 година и оттогаш и регулаторите направија редица промени за да создадат простор за поголема конкуренција. Безготовинското плаќање го достигна врвот за време на пандемијата, за сега да падне под нивоата од пред здравствената криза.
Прочитај повеќе
Македонија е атрактивна за инвестиции во зелена енергија и дигитализација
Справувањето со корупцијата и создавањето предвидлива регулаторна рамка се најголеми проблеми.
31.07.2023
Финансиската писменост во земјава е повисока од регионот, но фали дигитализација
Финансиската писменост на менаџерите во земјава е повисока од просекот на државите од регионот.
01.06.2023
Онлајн трговијата расте, но и натаму се претпочита плаќање при прием на пратката
E-трговијата во Македонија продолжува да расте. Забележан е раст од 18, 5 отсто во првото полугодие.
13.10.2023
Трошиме по 3.000 денари на „Амазон“ и 700 денари на „Алиекспрес“
Облека, чевли, накит, чанти и спортска опрема се најчесто купуваните производи што се нарачуваат онлајн.
22.09.2023
Ангеловска: „Ананас“ ќе направи револуција во е-трговијата
Оваа платформа сега е достапна и во Македонија, а Ангеловска зборува за развојот на е-трговијата.
06.07.2023
Како до регионален пазар за е-трговија?
E-трговијата е меѓу главните приоритети на ЦЕФТА за развивање регионален пазар за онлајн трговија и намалување на трошоците на компаниите.
16.06.2023
Сега, на крајот на 2023 година, финансиските услуги што опфаќаат безготовински плаќања се меѓу најпрофитабилните воопшто. Според најновиот извештај „Глобален модел на плаќања“ за 2023 година (Global Payments Model 2023) на групацијата „Бостон консалтинг“ (Boston Consulting Group, Inc), во периодот од 2017 до 2022 година вкупните приходи во секторот растат со годишна стапка од 8,3 отсто.
Прогнозите се, пак, дека безготовинските плаќања во следните пет години ќе пораснат за седум отсто, од 40 трилиони долари, кои се свртеле на овој начин лани, на 58 трилиони долари во 2027 година.
Дигиталните валути се следниот чекор
Технологијата оди чекор подалеку. Сега веќе и централните банки размислуваат за воведување дигитални валути. Европската централна банка (ЕЦБ) е во процес на подготовка на регулатива за издавање дигитално евро.
Европската комисија (ЕК) објасни дека проектот на кој работи ЕЦБ ќе биде безбеден затоа што дигиталното евро би било дигитална валута издадена од ЕЦБ достапна за општата популација. Тоа би било исто како готовина, само во дигитална форма. Зад секое дигитално евро што ќе го користат потрошувачите ќе стои ЕЦБ, а тоа ќе се дистрибуира до граѓаните и бизнисите преку банките и другите даватели на платежни услуги.
„За разлика од криптовалутите, ЕЦБ би гарантирала дека дигиталното евро е безбедно, одржува стабилна вредност и може да се замени за готовина со еднаква вредност. Спротивно на тоа, криптоимотот значајно варира во вредноста и неговата замена во готовина во евра или пари од комерцијалните банки не може да се гарантира“, наведуваат од ЕК.
Од македонската Народна банка за „Блумберг Адрија“ велат дека најновите дигитални технолошки достигнувања во платежната сфера ги зголемуваат очекувањата на корисниците на електронските платежни услуги за нивна сè поголема ефикасност и достапност во секое време, како што тоа впрочем го овозможува и готовината.
„Како одговор, централните банки во повеќе земји во светот започнаа да ги истражуваат начините како да обезбедат неограничен пристап до парите издадени од централната банка, покрај во готoвина, и на начин што ги задоволува потребите на граѓаните во дигиталната ера. Наедно, централните банки ги имаат предвид и придобивките што ги нуди дигиталната валута за поширока финансиска вклученост на населението и намалувањето на готовинските плаќања“, велат оттаму.
Се ближи ли крајот на кешот?
Накратко, одговорот на ова прашање е не, никако. Целта на предложената регулатива е да се зачува употребата на готовината при воведувањето на дигиталното евро. Идејата за дигитално евро поттикна сомнеж дека е наменето да ги замени банкнотите и монетите, што европските власти категорично го отфрлаат.
И во случај на издавање дигитална валута, централните банки ќе продолжат да обезбедуваат непречен пристап до готовината во согласност со потребите на граѓаните и фирмите за извршување на плаќањата, велат во НБРМ.
„Во таа смисла, иако се очекува натамошен надолен тренд во користењето на готовината, како резултат на промената на навиките на граѓаните и на фирмите, движен од примената на нови технолошки решенија во платежната сфера, сепак, не може да се очекува готовината да биде целосно заменета од дигиталната валута издадена од централна банка“, констатира централната банка.
Во обид да се осигури дека банкнотите и монетите остануваат сигурни средства за плаќање, и ЕЦБ заговара построг пристап кон продавниците што одбиваат да примаат готовина.
Претставниците на Европската комисија (ЕК) предложија внимателно да се следи прашањето и да се дејствува доколку практиката на неприфаќање готовина стане премногу распространета, но ЕЦБ верува дека најдобро би било јасно да се стави до знаење дека продавниците и давателите на услуги не смеат да ја исклучат готовината како форма на плаќање.
„Ширењето на таквата практика сериозно би ја поткопало правната улога на банкнотите и монетите. Во предложената регулатива треба да се вклучи нова одредба, која јасно ќе укаже дека едностраното отфрлање на употребата на готовина е забрането“, посочува ЕЦБ во својот официјален став.
Некои од централните банки во еврозоната изразија загриженост за тоа прашање. На пример, холандската централна банка предупреди дека нивото на прифаќање готовина на некои места, вклучувајќи ги кината, паркинзите или аптеките, е премногу ниско.
Според податоците на ЕЦБ за периодот од 2019 до 2022 година, прифаќањето готовина опаѓа во повеќето членки на еврозоната, особено во Летонија и во Финска.
Каде е Македонија во процесот на монетарна дигитализација?
За разлика од западните земји, каде што има трговци што не работат со готовина, во земјава сѐ уште има мали трговци што работат само со готовина, кои или воопшто немаат терминали за безготовинско плаќање или не примаат картички до одредена сума поради високите банкарски провизии.
Како и да е, трендот на раст на безготовинското плаќање го има и во земјава. Според последните податоци на НБРМ, вкупните безготовински плаќања со кредитни трансфери и платежни картички во земјава изнесуваа 5.808 милијарди денари и достигнаа учество од 7,3 пати во БДП во 2022 година.
„Од аспект на бројот на трансакциите, преку кои се следи промената на платежните навики на граѓаните и компаниите, тој изнесуваше 195 милиони платежни трансакции и порасна за 6,8 отсто во однос на 2021 година. Притоа, учеството на бројот на трансакциите со платежни картички во вкупниот број безготовински трансакции достигна значителни 62,1 отсто во 2022 година од 58,7 отсто во 2021 година, што се должи на интензивниот раст на трансакциите со платежни картички“, велат од НБРМ.
Како што расте плаќањето без готовина, така се намалува и повлекувањето кеш од банкомат. Според податоците на НБРМ за 2022 година, трансакциите за повлекување готовина од банкомати имале годишен раст од само 0,5 отсто.